Цитадела на глупоста

25.10.2017 12:33
Цитадела на глупоста

Со децении наназад, имам потешкотии да си одговорам на едно прашање: зошто секогаш кога паѓа од власт, македонската десница мисли дека е тоа резултат на голем меѓународен антимакедонски заговор?!

Македонската левица тоа, просто, никогаш не го земала како значајна причина за сопствените порази, па дури ни тогаш кога на меѓународната заедница – како и да го дефинирате тој политички проблематичен супстрат – де факто, македонскиве левичари им доаѓале преку глава со своите недоветности, корупции и криминали, неефикасности, меѓусебни поделби, „кујни“ и сл.
Нашите македонски десничари светот што нѐ опкружува (и во соседска и во поширока смисла) редовно го доживуваат како, макар потенцијално, а најчесто и активно непријателски настроен кон Македонија и Македонците. Само волци завиваат околу нас, со искезени песјаци подготвени да нѐ растргнат – аман!

„Заглавени“ се во своите историски проекции и морализирања за „двојните аршини“ на меѓународната политика, за неправдите, за антимакедонските заговори, за непринципиелните сојузништва и за тажната судбина на „библискиот народ“ кој најдоцна на Балканот ја доживеа својата национална освестеност и „одржавување“. А државата македонска, за нивна несреќа, така историски бидна да се случи под водството на нивниот архи-непријател – комунистите. Од таа голема фрустрација, наместо да го посвојат и конечно да се еманципираат и искрено да го прослават тој факт, не можат да се ослободат до ден денешен. Врз тој темел е изградена цела една цитадела на политички шарлатани и медиумски „експерти“ – имиња може, но дури и не е потребно да се наведуваат, сите ја знаат таа дузина трагикомични ликови – кои секојдневно патетично завиваат врз наводната зла судбина и црната иднина што (ќе) ја снајде Македонија.

Тоа придонесува и значаен дел од помладиве десничарски, конзервативни генерации на денешна Македонија, интелектуално формирани под пропагандата на Груевски, главно да се свртени со своите визии наназад, кон постојани препелкања, празни докажувања, кафеански надмудрувања и толкувања на историјата во националистички манир на една ретро-визија, на заглавеност во дамни традиции и епски митологии со застоениот мирис на темјанот и обесхрабрувачкиот православен мистицизам, во чести фабрикации на јунаци и војводи кои, во стварноста, биле повеќе проблем на македонското население, отколку што биле закана за разните власти кои управувале со Македонија во изминатите векови. Во тој светоглед, последната модерност на овие простори се случила во времето на Кирил и Методиј.

Ова го велам не само затоа што денеска Груевски, соочен со сопствениот политички (и правен) дебакл, сосема префрли во рикверц и незапирливо го влече остатокот од ДПМНЕ во најтегобните, сто пати „преоблечени“ заговорнички сценарија кои не можат да го издржат испитот ни на макар една запалена свеќа во мрачните балкански биртии каде што ваквите небулози ментално ги смислуваат; туку и како предупредување за растечката фракција на реформисти во ВМРО-ДПМНЕ кои, насетувам, не се имуни од бесмисленоста на бладањата за злобниот светски поредок и заговорите против Македонија.

Сакам да кажам дека, ако целата реформа во ВМРО-ДПМНЕ се сведе само на артикулирањето на незадоволство од Груевски и Фамилијата заради нивната криминална узурпација на партијата и на општеството, што резултираше и со нивна (реформаторска) колективна демисија од удобноста на власта, тогаш нема голем аир да видиме во надежта дека во Македонија е можна модерна, демократска десница која ќе престане да се занимава со минатото на начин сетики некакви „тврдокорни“ да бидат мерка за тонот и содржината на нивните идеолошки преокупации.

Затоа и не мислам дека најавеното предавање на партискиот „Бел дворец“ во јавна сопственост е најважниот симболичен потег што треба да го направат реформистите кога, белки по демократски пат, ќе ја преземат ВМРО-ДПМНЕ. Мислам дека би биле на многу подобар пат ако Музејот на револуционерната борба („Музејот на ВМРО“) го испразнат од неговата сегашна „восочна“ содржина и го пренаменат во Музеј на новите технологии во светот. На ВМРО-ДПМНЕ му треба решителен прилив од вештачка интелигенција, оти со постоечкава видовме до каде стигнавме.

Слика: Свирачиња

Извор: Цивилмедиа

 

ОкоБоли главаВицФото