Бараме посериозен и поодговорен однос спрема Министерството за култура

17.05.2018 10:24
Бараме посериозен и поодговорен однос спрема Министерството за култура

Почитувани,

Јадро – асоцијација на независната културна сцена, која брои педесетина членки, организации, неформални групи и поединци, културни работници, уметници и граѓански активисти најостро реагира на информациите кои беа споделени од дел од медиумите, а подоцна и потврдени од раководството на БЕСА, дека како резултат на ситни партиски преговори се најавува смена во рамки на министерската позиција во Министерството за култура, и доделување раководна позиција во овој ресор на кадар кој припаѓа на партијата Беса.

Ваквото однесување на Владата на РМ за нас претставува јасен показател дека оваа Влада не само што не ја научила лекцијата од единаесетгодишното авторитарно владеење и девастација на целокупниот општествен и културен систем на вредности и институции во Македонија од страна на ВМРО–ДПМНЕ, туку и дека продолжува да ја третира културата како маргинална и неважна дејност вредна единствено за меѓупартиски преговори, коцкања и лицитирања со гласови.

Зачудени сме како оваа Влада не може да ја увиди клучната позиција што културата и уметноста ја имаат во едно општество, во производството на вредносните вертикали, интерпретативните рамки, и симболичките темели на демократската заедница – нешто што претходната Влада не само што го согледа прецизно, туку и го злоупотреби за континуирано разорување на целокупното општество и манипулација со етно–националистичките вредности и афекти. Зачудени сме како оваа Влада не ја увидува сериозноста на осакатеноста на сите институции на културата, понижените уметници, некомпетентните кадри кои беа поставувани за оддолжување на партиската послушност и фалсификуваното културно наследство. Се прашуваме како оваа Влада мисли да ги реши овие децениски натоложени проблеми доколку културните политики и луѓето што ги водат и креираат ги трртира како повремени играчи во нивните меѓупартиски поткусурувања и поткупи?

Имајќи ги предвид основните принципи и темели на кои беше поставена новата Стратегија за култура на Република Македонија, а во чие изготвување учествуваа сите засегнати културни актери во државата, како и тоа дека оваа Влада на изборите ја доби поддршката, меѓу другото, и од граѓанските активисти и независниот културен сектор, врз основа на нов и демократски, отворен, идеолошки систем на вредности во рамки на лево–централниот политички спектар, ПРАШУВАМЕ: со кое право сега истата Влада го „продава“ клучново Министерство како да станува збор за улична бизнис зделка, на партија чија идеолошка позиција, реторика и ставови во изборниот период се косат целосно со вредностите зад кои стоевме сите заедно, а кои се отелотворени во новата Национална стратегија за културен развој?

Конечно, изразуваме ужаснатост и загриженост над целосната нетранспарентност при носењето ваква одлука, при што шпекулациите во медиумите, неорганизираните изјави и фејсбук расправи беа платформата за јавна дебата и информирање. Носењето една ваква одлука, што ја сметаме за клучна за иднината на културните политики и конституирањето на општествениот систем на вредности во иднина, МОРА да биде транспарентна и да ги вклучи во процес на дебата со свој придонес најдиректно засегнатите – културните работници и граѓанските активисти. Патем, тоа се луѓето кои беа едни од предводниците на промената по која сите долго копнеевме и за која се боревме заедно на фронтовите на солидарност.

За крај, потсетуваме: дали едно општество ќе се чита како еманципаторско и развојно, современо и демократско, слободно или заробено во голема, ако не и во најголема мера, зависи од тоа како стратешки ќе ги обликуваме вредностите кои припаѓаат на културната и уметничката продукција, а кои се нарекуваат културни политики.

Во меѓувреме, БАРАМЕ ИТНО ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ОВАА ОДЛУКА НА ВЛАДАТА. Но, пред сѐ БАРАМЕ ТРАЈНО СЕРИОЗЕН И ОДГОВОРЕН ОДНОС СПРЕМА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА.

Јадро e асоцијација на независната културна сцена
Монтажа: Свирачиња

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото