Симпозиум за менаџмент во уметноста

04.06.2018 01:32
Симпозиум за менаџмент во уметноста

На 5 и 6 јуни во Скопје, ќе се одржи Arts Symposium (Симпозиум за менаџмент во уметноста) кој го организира Амбасадата на САД во Р. Македонија, во соработка со Министерството за култура на Република Македонија и ЗГ Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата од Скопје.

Симпозиумот ќе го отворат Амбасадорот на САД во Република Македонија Џес Бејли и висок претставник од Министерството за култура на Република Македонија, а главни говорници ќе бидат гостите од САД Авива Розентал - заменик директор од Канцеларијата за меѓународна соработка при музејот Смитсониан во Вашингтон, Филип Хорн - поранешен извршен директор на Советот за уметност од Пенсилванија и Ален Наус - актер и некогашен директор на Театарот на Уметниците во Портланд, Орегон.

Целта на овој Симпозиум е да овозможи платформа за размена на искуства и знаења за успешно менаџирање со културни институции во земјата.

Програмата е наменета за менаџери во уметноста кои се стремат кон понатамошен развој на своите лидерски, менаџерски, финансиски и организациски вештини. Програмата ќе обезбеди алатки за креирање, развој и евалуација на културните програми и како и најдобри практики за транспарентност и раководење.

Покрај тоа, Симпозиумот ќе обезбеди локална експертиза за градење на средина која ќе ја поддржи филантропијата и корпоративната општествена одговорност и за правната рамка за градење на јавно-приватни партнерства.

На семинарот ќе присуствуваат околу осумдесет културни работници и експерти од Македонија.