1022 hPa
100 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 11:41
„Замислете некој да направи илјада негативи и од нив да состави колаж со енормни димензии, една слика што би ја сочинувале милијарда фасети, кадешто се преплетуваат елеганцијата и бедата, чудни настани, споменици, потиштени и победоносни лица, иронијата, силата, истрошеноста, минатото, сегашноста и иднината на еден живот, ете такви би била мојата најдрага фотографија“, велеше Бернис Абот во 1940 година.
Оваа изјава го опишува уметничкото творештво на Бернис Абот, американска фотографка, родена пред точно 120 години во Спрингфилд, Охајо на 17 јули 1898 година. Запаметена е како портретистка на имамнентните фигури на уметничката авангарда во Париз, ја документирала архитектурата на Њујорк во 20-от век и успеала со постапките на апстрактната уметност да создаде необични, научни фотографии.
Додека на почетокот на 20-тите години на минатиот век живеела во Њујорк, нејзина желба било да стане скулпторка, па затоа го посетувала боемскиот кварт Гринич Вилиџ. Таму го сретнува Марсел Дишан и му позира на Мен Реј. Потоа ќе замине во Париз за да студира на Академијата „Grande Chaumière“ и ќе ги посетува ателјеата на Бранкузи и Бурдел. Мен Реј кој во престолнината само што го имал отворено своето фотографско студио, бара асистент кој „ни најмалку не се разбира од фотографија“.
Во 1923 година тој ја запознава младата Бернис со основите на печатењето и изработката на портрет. Набрзо репутацијата на младата фотографка ја достигнува славата на Мен Реј и клиентите барат да ѝ позираат токму на Бернис Абот. Еден ден доаѓа самата Пеги Гугенхајм и бара да позира за Берниц. Тој настан ќе го означи дефинитивното разделување од Мен Реј, а сè уште многу младата фотографка, во 1926 година заминува за да отвори сопствено студио во улицата Бак. Оттогаш се посветува на фотографирање портрети на интелектуалци и уметници: Џејмс Џојс, Жан Кокто, пред нејзиниот објектив ќе се најде Фуџита, како и женските фигури кои ќе ја обележат хомосексуалната заедница во Париз, Сивија Бич и Џуна Барнс, чијашто андрогиност сакала да ја нагласува.
Уште една средба ќе биде од пресудно значење во животот на оваа слободна и непопустлива жена, тоа ќе биде запознавањето со Ежен Атже, кога веќе го имала сретнато кај Мен Реј и кого во 1927 година, кратко време пред неговата смрт, ќе го убеди да ѝ позира. Таа страсно се посветува на зачувувањето на неговото дело, во 1928 година ги купува тиражите на неговите фотографии за да го спаси од пропаѓање поголемиот дел од неговите колекции.
Целиот живот таа се залагала Ежен Атже да биде препознаен како претходник на авангардната фотографија, повторно организирајќи негови изложби и обновувајќи ги делата на Атже, сè додека во 1968 година не ја продала својата колекција на музејот МоМА во Њујорк. „Влијанието на фотографијата на Ежен беше длабоко и моментално. Беше како изненадувачки блесок, а јас тоа го доживеав како шок на реализмот без искривување на реалноста“, рекла Бернис подоцна. Стариот Ежен ја избрал „непрегледната тема“ на „создавање на една колекција на сè што во Париз и околината беше уметничко и живописно“. Младата фотографка ќе оствари слична замисла во Њујорк со цел, во еден документарен потфат, како и Ежен, да ги сочува трагите на трансформацијата на еден град.
Да се скроти ефемерното
Со нејзиното враќање на Менхетн, само неколку месеци по крахот на берзата во 1929 година, сама и без финансиски средства започнува амбициозен проект во кој ја фотогррафира трансформацијата на метрополата, посебно бележејќи го контрастот помеѓу старото и новото. „Темпото на градот не е ни темпо на вечноста, ни темпо на времето, туку е темпо на ефемерното. Од тие причини, еден ваков запис добива посебно значење, како документарен, така и уметнички“, изјавила Бернис Абот пред конечно да ја добие нарачката од американската администрација за голема фотографска кампања за градот помеѓу 1935 и 1939 година, насловена „Changing New York“.
Бернис Абот со овој проект ја комбинира естетиката која е обележана со влијанието на Нова визија, фотографскиот правец меѓу 1920 и 1940 година (оттаму се инспирира со жабјата перспектива), и документарните извори кои се карактеризираат со фронталност и неутралност, појаснува Гаел Морел, конзерватор во „Ryerson Image centre“, во Торонто и комесар на изложбата во познатата галерија „Jeu de paume“во Париз. Нејзините извонредни црно – бели фотографии снимени во соба што дозволува детален поглед се подготвени со екстремна минуциозност. Така, познатата фотографија „The night view“ не можела да биде снимена од друго место освен од „Empire State Building“, на 21 декември, кога денот е најкраток во годината и тоа точно помеѓу 16,30 и 17,30 часот.
Лансирање
По објавувањето на публикацијата „Changing New York“, во 40-тите години, модерната фотографија која била непријател на пикторијализмот и школата на Алфред Штиглиц ќе ја снјаде едно долго преминување низ пустина.
Бернис Абот морала да ја плати цената на својата независност. Објавила два фотографски прирачници, собирала сертификати за фотографски постапки и кадри. Меѓутоа, наспроти сите очекувања, својата слава ја должи на лансирањето на сателитот Спутник, во 1957 година. Среде студената војна и трката за што поголемо вооружување и освојување на вселената, студиската комисија од Универзитетот во Масечусетс (MIT) сака да изработи нови средношколски учебници за да ги заинтересира младите генерации за наука и создаде генерација на научници и инжинери, способни да се натпреваруваат со советските научници.
Во 1958 година, комисијата ја поканува Бернис Абот да осмисли иновативни фотографии што ќе служат како педагошки материјал. На 60-годишна возраст сосдала опус на сосема несекојдневни дела, на црна позадина бележејќи ги физичките принципи на светлината, брзината и магнетизмот...„Мојата идеја беше да направам рејограм во движење...Сакав да бидат убави, но исто така, од научна гледна точка да бидат и веродостојни“, кажала Американката, која потоа морала да почека до средината на 70 –тите години за да конечно биде признаена и крунисана со титулата „голем американски фотограф на реализмот“.
Извор: Connaissance des arts