1022 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:59
Остануваат уште неколку дена до затворањето на една необична изложба во Центарот за Европски студии при Харвард: серија фотографии од поранешна Југославија. Нивниот автор е Мартин Карплас, поранешен Професор на Харвард и добитник на Нобелова награда за своите откритија во органската хемија и молекуларната биологија. Направени се во далечната 1955-та година, кога како млад докторант патувал низ Европа, од која неговото еврејско семејство од Виена успеало да побегне во последен миг, по нацистичкото анектирање на Австрија 1938. Во 1955-та, значи, десет години по крајот на Втората светска војна, Карплас решил да ја посети и Југославија, земја што му оставила посебен впечаток со својата разнообразност и противречности.
Југославија - Блиску до Охрид, Македонија
Овие комплексни импресии се најнепосредно изразени во писмото што им го пратил на своите родители од Сежана, во април 1955. Како што наведува, Југославија е земја на гостопримливи луѓе отворени за разговор – некои од нив носталгични по минатото, други полни со позитивни зборови за новиот социјалистички поредок. Од една страна се жалат на новата „комунистичка“ диктатура и ограничувањата на граѓански слободи, од друга страна зборуваат за сето тоа слободно, освен во одредени мигови, кога наеднаш го предупредуваат дека некој агент во цивил ги прислушкува.
Југославија – Титов Велес, Македонија
Еден од најсилните впечатоци е сиромаштијата – како во градовите, така и во селата: куќите се приправени за да може во нив да се живее, но некако незавршени, на патиштата речиси нема возила, освен по некој камион, пристојно одело чини колку месечна плата, се продава сè и сешто за да се преживее, доктори работат илегално ноќе за приватни пациенти, но сепак сè некако опстојува и функционира.
Југославија - Скопје, Македонија
Во последниот пасус на ова писмо се осврнува на, за него најинтересниот дел на оваа земја, република Македонија, каде што жените сè уште носат традиционални носии, перат по теченијата на реките, печат леб покрај патот и предат волна додека ги чуваат овците. Како што забележува:
„Највпечатливи се ненадејните премини од речиси Библиски долини со овци и овчари по пасиштата, до современи хидроелектрани или челичарници кои се појавуваат зад наредната кривина на патот. Само пет минути подоцна, ги снемува, заедно со секогаш присутните војници, и повторно сте во една древна земја.“
Југославија – Рибари на езерото Вренско, Хрватска
Слични му се впечатоците и денес. По толку минати години, при нашиот неодамнешен разговор повтори дека луѓето од Југославија биле постојано спремни да му помогнат. Во една прилика, двајца рибари виделе дека ги фотографира и веднаш го поканиле да им се придружи на нивната гозба – чорба од остатоците од уловот што му го продале на „добро облечен функционер“. Уште памети колку била вкусна чорбата и колку биле пријатни приказните што му ги раскажале за своите животи. Во друга прилика, кога му се скршила шасијата на фолксвагенот, еден механичар успеал да му ја поправи преку ноќ и не побарал ништо за тоа - освен една заедничка вечера.
Додека разговаравме, неговите зборови ме потсетуваа на она што го имам слушано од моите родители, или бабата и дедото населени во Скопје веднаш по војната, луѓе коишто ги замениле селските носии за скапо градско руво и верувале дека и покрај сите болни промени, земјата ќе оди напред: таа слатко-горчлива, „медена“ земја што сè повеќе ни бледнее од сеќавањата.
Југославија - Блиску до Метковиќ, Хрватска