Србија од 1912-1913 и денешна Србија

30.11.2022 03:05
Србија од 1912-1913 и денешна Србија

Во 1912 година во Првата балканска војна Србија мошне брзо воено влезе на Косово и таа територија мошне брзо ја присоедини на српската држава со територијата на Санџак и дел од Македонија. Тогаш весниците биле полни со патриотски восклици, се зборувало дека е осветено Косово, дека е остварено лазаровото ветување, дека е вратена српската средновековна држава и така натаму. Во тој момент никој не му одолеал на таквиот патриотизам, па дури ни вечно циничниот Скерлиќ. Меѓутоа, добивањето на оваа територија во 1912 година, во српското собрание во 1913-та покренало една страшно интересна дискусија, кон која мислам дека денес сме должни да се вратиме и да почнеме од неа кога размислуваме за тоа како Србија за еден век успеа да изгуби дел од својата територија.

Оваа собраниска расправија се водела околу темата која тогаш ја нарекувале - уредување на новите краишта, значи, каков политички поредок ќе се воведе на териториите кои тогаш се присоединети, значи, на Косово, во Македонија и Санџак. Владејачката Радикална партија на Никола Пашиќ сметала дека во овие краишта треба да се воведе специјален воено-полициски режим, дека тоа се краишта кои не се доволно културни, како што зборуваа, дека тие не се доволно политички развиени, дека уставот на Србија, кој навистина бил демократски, не може да се прошири на овие нови краишта, дека тие не можат да добијат право на глас, дека новите жители, а потсетувам, се работело за околу милион луѓе на Србија која пред овие војни имала под 3 милиони луѓе, а со новите територии добила уште еден милион, значи се работело за речиси третина од населението на тогашна Србија.

Опозицијата многу жестоко се противела против таквиот концепт зборувајќи дека тоа се граѓани на Србија, дека мора да се третираат еднакво, дека тие мора да почувствуваат задоволство што веќе не се во Отоманското царство, што сега влегоа во системот на Србија, дека тие мораат да добијат политички права, дека мора да се спроведе аграрна реформа, тие луѓе да добијат сопственост над земјата. Дека таму мора да се спроведат цела низа европски реформи за тие да чувствуваат некаков вид задоволство што го промениле својот државен статус.

Дискусијата траела неколку месеци и секако како победник од неа излегла мнозинската и владејачка Радикална партија на Никола Пашиќ и бил воведен посебен воено-полициски режим. Дополнителен проблем бил и начинот на кој бил спроведен тој режим, зашто никој од чиновниците, никој од полицајците, никој од војниците не сакал да оди таму. Сакавме територии, но не сакавме со нив да владееме демократски, европски, цивилизациски, така што таму се одело по казна, па казнетите чиновници, а чиновниците во Србија најчесто биле казнувани заради корупција, ги испраќале да работат таму во општинските, поштенските, железничките и останатите државни работи. На пример, казнетите полицајци кои во Србија ги тепале граѓаните, па заради тоа казнети оделе таму, исто како и казнетите офицери. И ние добивме една, не само во правна смисла посебна управа, зашто тие луѓе немале право на глас и на нив не било проширено важењето на уставот на Србија, туку добивме само една казнена, легионерска екипа која ја спроведувала својата лична волја, која веќе никој не можел да ја контролира, зашто тие луѓе со самото тоа што таму биле пратени по казна, дополнително лошо се однесувале, зашто имале и бес кон државата која ги казнила на тој начин.

На пример, да размислиме за она што го направила Австро-Унгарија за 30 години владеење во Босна и Херцеговина. Австро-Унгарија влегла во Босна и Херцеговина по Берлинскиот конгрес во 1878 и во 1908 година ја анектирала Босна и Херцеговина. За тие 30 години во Босна и Херцеговина е изградено речиси сето она што и денес можеме да го видиме во оваа земја, почнувајќи од репрезентативните државни згради, до целокупната инфраструктура, сите патишта, железницата, сè модерно што и денес постои во Босна и Херцеговина. И благодарноста на населението од Босна и Херцеговина кон Австро-Унгарија на некој начин останала трајна и во историското памтење Фрањо Јосиф останал како еден вид наш цар кон ни донел вода и канализација и патишта и згради и железница и така натаму.

Значи, во 1912 година Србија на Косово, Санџак и во Македонија вовела воен режим и не вовела ништо од сето ова што, да речеме, се случило во случајот со односот помеѓу Австро-Унгарија и Босна и Херцеговина. И заради тоа мислам дека мораме да размислуваме во тој правец, ако сакаме Србија да воспостави некаква врска прво со себеси, а потоа и со остатокот од светот, односно за проблемот на Србија да комуницира со другите. Тогаш Србија се зголемила за територијата што ја споменуваме, а веќе во 1918 година таа влегува и во уште еден сосема нов склоп со народи кои дотогаш не ги познавала, влегува во Југославија, и тоа со својот концепт на централизирана и унитарна држава.

Тој концепт се судрил со концептите на сите други народи кои сметале дека Југославија е некакво ослободување во однос на Австро-Унгарија, дека ќе им биде подобро, дека ќе добијат демократија, дека ќе добијат аграрна реформа која веќе ја споменав, дека ќе добијат повеќе национални права. И многу брзо, уште при изгласувањето на видовденскиот устав сфатиле дека во новата држава тие ќе имаат помалку права и помалку демократија и дека никогаш нема да биде решено аграрното прашање, и дека никогаш нема да биде унифицирано школството на таа држава, дека никогаш нема да се направи ништо сериозно за заедничката култура за дваесетте години постоење.

Потоа влеговме во Социјалистичка Федеративна Република Југославија, која подоцна во Србија беше сфатена како еден вид казна зашто беше федеративна, па подоцна во осумдесеттите кога дојде до будење на српското движење, се зборуваше дека федерализацијата и правењето на федералните граници било казна за Србија. Значи, федерацијата не се разбираше.

Србија, кога се формирала како држава во 19 век, била речиси етнички хомогена држава, значи во неа живееле 98 проценти Срби. Според тоа, Србија во својата државна рамка немала искуство со други. Таа била етнички хомогена и нејзиното прво искуство со другите и нејзиниот прв проблем со другите почнува дури во 1912 година со присоединувањето на Косово, Македонија и другите, кога за првпат сме добиле население кое не било исклучиво српско, исклучиво православно.

Меѓутоа, кога зборувам за односот на малцинството и мнозинството, не мислам само на односот на мнозинскиот и малцинскиот народ, кој се покажа како несреќен во текот на изместениот 20 век за кој зборувам денес. Јас зборувам и за односот на политичкото мнозинство и политичкото малцинство, тој однос отсекогаш бил погрешен и се поставува прашањето каде е проблемот.

Еден од проблемите сигурно доаѓа од начинот на кој се доаѓало на власт во Србија. Со исклучок на некои случаи во 1905 и 1906 година, во Србија секогаш се доаѓало на власт со преврат и тој преврат секогаш подразбирал реванш, освета кон претходната политичка елита која станува малцинство. Значи, не постоело искуство на регуларна и нормална промена на власта во која мнозинството е мнозинство на краток рок, но свесно дека ќе стане малцинство и дека тоа е циклусот кој всушност ја дисциплинира демократијата и дисциплинира една модерна политичка култура. Не, кога ќе дојде на власт тогаш власта е целосна, кога се паѓа од власт тогаш осветата и понижувањето се исто така целосни.

Тоа може многу лесно да се види кога ќе се чита кој било од историските извори, особено кога се читаат стенографските белешки од народното собрание. Тогаш се гледа дека мнозинството си ги дава сите права и тоа може да изгласа сè што ќе посака и тоа најчесто го прави со исмевање на малцинството, па дури и со гласно пеење во собраниската сала. Мнозинството му соопштува на малцинството дека мнозинството има право да греши, мнозинството му соопштува на малцинството дека нема демократија без малцинство, дека малцинството е легитимен дел од демократската постапка, дека нема ниедна процедура која не го уважува малцинството и дека демократијата не се мери со правото на мнозинството туку со правото на малцинството, мнозинството во една прилика изјави, еве, избрав еден цитат што го најдов во весникот Самоуправа на Радикалите - Малцинството има само едно право, вели Самоуправа, сета своја грижа да ја насочи повторно да стане мнозинство и додека не го постигне тој успех мора да им се предаде на немоќта и исклучувањето. Тоа е вовед од владиниот весник Самоуправа, и тоа е она што пред 15 години селанецот му го кажа на Вук Драшковиќ - Дојди на власт, па ќе гласам за тебе. Тоа е вечно повторување на тој модел.

Тогаш префрлете го тој модел на проширената Србија од 1912-1913 година, потоа на Југославија, потоа на вашиот однос со Европската унија, додуша, сега веќе не сте мнозинство, но толку го изгубивте односот со реалноста што упорно се гледате себеси како центар на светот и веќе не го гледате своето реално место. И тогаш се наоѓате во еден вид самоизолација, тоа е она за што повеќепати разговаравме на Пешчаник - дека нашиот проблем ни најмалку не се ни ембаргото, ни сакциите, ни изолацијата однадвор, туку нашиот проблем е изолацијата однатре. И колку повеќе се занимавам со историски истражувања, станувам сè повеќе свесна дека елитата е таа која во 19 и 20 век систематски спроведувала таков вид изолација и заради тоа мораме да се прашаме зошто е така.

Слики: Ludwig Meidner (1884–1966)

Превод: Алек Кузмановски

ОкоБоли главаВицФото