Југошовени

24.10.2014 10:47
Југошовени

Често се фаќам како генерализирам кога размислувам за национализмите, народите, патриотите и домољубите на Балканот, но едноставно некои работи не можам да ги изречам без генерализација. Генерализациите кои ги правам се главно ненамерни т.е. од чисто практична природа, за да не се изгубам во размислувањата во морето на политичката коректност. Од друга страна, кога јавно ги изнесувам ставовите, во повеќето случаи внимавам да не генерализирам, бидејќи, како што гледаме од последните, но и низата трагикомични националистички дивеења во минатите дваесетина години, генерализациите се најопасни по оние кои всушност немаат ништо заедничко со националистите и нивните прволинијаши, освен етничкото потекло, државјанството или само презимето. Последни во низата националистички, фашистички, шовинистички дивеења, се одеците од натпреварот Србија-Албанија, кој е прекинат во 42 минута по еден час фашистички повици од трибините и шовинистичко знаме вметнато со помош на квадрикоптер на далечинско управување. После тоа ширум Србија се палат дуќани чии сопственици се Албанци, додека во Албанија, Косово и делови од Македонија се разгорува национализам со величење на „херојството“ на албанските фудбалери бидејќи го бранеле шовинистичкото знаме.

Токму ова последното е уште еден пример за недоследност на патриотите и домољубите и дволичноста на националистите и шовинистите.

Денот на знамето

Свесен сум за фактот дека Денот на знамето е најголем и најсветол празник меѓу Албанците, но веднаш да се разбереме, знамето кое се појави на стадионот на Партизан на 14.10.2014 е сè, само не албанско. Сите го знаеме албанското знаме, правоаголник со црвена подлога и црн двоглав орел во средината. Навистина, знамето од стадионот ги имаше овие елементи (црвена подлога и орел), но нејзиниот облик како и додатоците околу него укажуваа на територија на која Албанците се етничко мнозинство и територија на која претензија има постоечката политика на „Етничка Албанија“. Своите корени таа идеја ги има уште од Берлинскиот конгрес, преку албанското народно востание од 1912 година, до Втората светска војна и квислиншката политика на дел од албанското водство. Денес таа политика има упориште во паралелите со политиките на територијални претензии и етничко единство на народите од поранешна Југославија, и во повеќето случаи со тоа и се оправдува. Како и да е, само задоените националисти, луѓето без јајца и свест, останатите медиокритетски идиоти и тв патриотите со испран мозок можат да го оправдуваат шовинизмот, особено во сопствените редови.

Во морето акции, ракции, изјави и појави во медиумите во Србија и Албанија, но и во регионот, се обидов да пронајдам барем една изјава на некој од албанските и/или српските официјални лица во која се осудува албанскиот шовинизам и српскиот фашизам, но тоа практично е невозможно да се пронајде. Има безброј изјави и ставови кои го осудуваат едното а го бранат другото, но ретки се, или речиси ги нема, ставовите кои ги осудуваат двете (или ги одобруваат двете, како и да се земе). Недостигот на објективност и осуда е особено изразен кога станува збор за Албанија и останатите територии каде Албанците се етничко мнозинство, т.е. Косово, Западна Македонија и самиот југ на Црна Гора. Една пријателка ми помогна, и пронајдов линк од блог на кој е објавена една (ако не и единствената) статија која во својата суштина објаснува зошто знамето на Етничка Албанија е шовинизам, а не патриотизам.

Коментарите под статијата повторно се приказна за себе и во целост ја доловуваат атмосферата која владее во Албанија, т.е. меѓу албанското население на Балканот, и не се разликуваат премногу од останатите вести и албански ставови кои допираат до нас преку медиумите и/или социјалните мрежи. Главно се сведуваат на неколку јавно најприсутни тези од типот „ние имаме право на тоа уште од пред 100 години“, да се брани светото знаме е дожност на секој патриот, полагаме историско право на територијата на Етничка Албанија, сите сме Албанци, сите Албанци во една држава, што ни правеа тие во изминатите 100 години, што ни скандираа и викаа тие од трибините, а што е со Голема Србија, ние сме автохтон народ а тие дошле овде, играчите кои го бранеа знамето и кои се тепаа се херои“ итн. Звучи познато?

Shqiperia Etnike

Освен тоа, морам да го споменам и фактот дека речиси на секој натпревар на албанската репрезентација во Тирана на централниот дел на една од трибините се поставува голем транспарент „Shqiperia Etnike“ (Etnička Albanija) и никој нема проблем со тоа, ниту некој го осудува тоа, ниту бара да се тргне, иако во суштина нема разлика меѓу тој натпис и натписот Голема Србија, или За дом спремни на стадионите во Белград и Загреб. Поразителен е фактот дека никој од албанските функционери никогаш не ја осудил таа шовинистичка парола, ниту таа националистичка идеја воопшто, како претходно, така ниту сега по натпреварот во Белград. Тоа за жал нема ни да се случи, бидејќи таквиот чин би се сметал за велепредавство и би претставувал крај за политичката и каква било друга кариера на оној кој ќе направи таква осуда. Можеби и постојат исклучоци, но како и обично, и во овој случај исклучоците само го потврдуваат правилото. Тоа не е случај само со Албанија. Сите земји настанати по распадот на поранешна Југославија делат иста судбина со соседите од Албанија.

Најслични на менталитетот на албанските патриоти чијшто аргумент е секогаш најсилен и чиишто шовинисти секогаш се во право е всушност босанскиот, попрецизно, менталитетот и ставовите на бошњачките националисти. Слично како и Албанците, и Бошњаците уживаат во сопствената виктимизација. Улогата на жртви е таа која на бошњачкиот националистички аргумент му дава нота на несоборливост и непреиспитливост. Не постојат воени злосторства извршени во име на бошњаштвото и Босна бидејќи, добога, Бошњаците се жртви на агресија, етничко чистење и геноцид. Така е, и тоа е непобитно, но тоа никому не дава право, ама баш никому, со тоа да го оправдува сопствениот шовинизам и воените злосторства. Додајте го на тоа и илјадагодишното право на Бошњаците на територијата на Босанското Кралство и паралелата е целосна. Од друга страна, голем број државјани на БиХ од српска националност кои живеат во ентиетот Република Српска најчесто го изразуваат својот патриотизам со негирање на фактот дека омеѓената територија на која живеат е настаната со етничко чистење и геноцид. Порекнувањето оди до таа мера што се граничи со лудило и резултира со небулозата со која ентитетот практично се смета за државотворна територија и со тоа се пумпа национализмот и со таа приказна булументата која ги краде сите по ред се одржува на власт веќе десет години.

Во Хрватска, која патем е членка на ЕУ и НАТО, неоусташтвото и шовинизмот во последните четири години од мандатот на социјалдемократите и декларативно антифашистичката влада доживеаја вистински процут и поминуваат неказнето во повеќето случаи.

И повторно причината е речиси иста. Во Хрватска, тенка е линијата помеѓу домољубието и усташтвото (во некои делови од земјата тоа е исто) и секако дека јавната осуда на какво било кокетирање, а камо ли директна поддршка на неоусташтвото значи судир со дел од бранителите и автоматски предизвикува страв од губење на фотелјата. Освен тоа, хрватската влада не е во состојба да осигура официјален протокол при комеморацијата и одбележувањето на годишнината од страдањата и победата, а сè од страв да не се замери со бранителската т.н. домољубна популација, бидејќи тоа би значело потпишување политичка смртна пресуда. Криејќи се зад божемната толеранција и уживање во различностите, владата на РХ ги остава своите граѓани од друга (читај српска) националност на милост и немилост на здивената шовинистичка толпа која исто така вешто се крие зад домољубието и хрватството. Што се однесува до граѓаните на РХ, тие го покажаа своето со громогласното заедничко скандирање на усташкиот поздрав со Џо Шимуниќ на крајот од натпреварот Хрватска-Исланд. Како помина Шимуниќ поради тоа, знаеме, но што се однесува до „навивачите“, повеќето од нив сè уште трдат дека се во право и дека станува збор за домољубие. А мнозинството во Хрватска, како Албанците по натпреварот во Белград, ќе го смета сопствениот шовинизам за домољубие, но гласно ќе го осуди секое српско кокетирање или величење на четничкото движење. Освен тоа, во Хрватска е нормално да се процесуираат воените злосторници за злосторства над Хрвати, додека за воените злосторства над Србите процесите не почнуваат.

Србија е приказна за себе. Своевремено во Србија со закон се изедначени правата на четниците и партизаните, и со тоа практично е изедначен фашизмот со антифашизмот. Тоа поистоветување на фашистите со антифашистите ја доживеа својата кулминација два дена по фамозниот натпревар, кога на воената парада по повод 70-годишнината од ослободувањето на Белград, до државниот врв и почесниот диктаторски гостин, седеа осудени воени злосторници и осведочени фашисти, а најмалку имаше вистински херои и антифашисти. Да додадеме на тоа дека претседателот на Србија е четнички војвода, а премиерот (до душа „реформиран“) на истата таа земја е осведочен радикал, фашист и поддржувач на воени злосторници, етничко чистење и геноцид, и дека војската која парадираше е директно одговорна за агресии и етничко чистење. Општеството во Србија толку болно загази во фашизам, што денес имаме ситуација дека во Србија не си патриот ако не мразиш, не се закануваш или не го негираш злосторството, а практично е невозможно да се избројат сите примери и да се укаже на сите девијации. Резултатот од тоа е ситауција во која повиците убиј, заколи... нож, жица... ќе колеме... и сл. се совршено нормални и секојдневни, и дека само знамето на Етничка Албанија е шовинизам и провокација. Сите албански оправдувања на знамето и политиката на Етничка Албанија во Србија не пијат вода од едноставна причина што тие „аргументи“ во Србија се веќе познати и фашистите во Србија добро знаат дека тоа е само пропаганда за палење на народот која и самите ја употребуваат. Тука нема патриотизам, само омраза и корист. Во Србија таа приказна е проџвакана стотина пати и сите причини се веќе илјада пати соопштени за да се оправдаат војните, агресиите, етничките чистења, грабежите, мобилизацијата, сиромаштијата, бомбардирањето итн.

Измислениот македонски идентитет

Не стигнаа далеку ни Македонците (заедно со Албанците од Македонија) каде како последица на Охридскиот договор и амнестијата за воени злосторства владее тотална национална поделеност во општеството, а во одредени делови на Македонија е воспоставена диктатура на ветеранските псевдопатриотски организации, без чие аминување не може ништо да се направи. Уште понебулозен е проектот за изградба на македонски национален идентитет, каде низ измислени конструкции има обид на Македонците да им се наметне некоја друга, поинаква историја од онаа која заеднички ја делат со останатите словенски народи. Од друга страна, на мала врата, под превезот на националниот идентитет и патриотизмот, во Македонија практично е воведена диктатура, задушени се слободата на изразување, згаснати се независните медиуми итн. А доволно е само да се укаже на фактот дека тука нема патриотизам, бидејќи диктатурата се спроведува во спрега на македонските и албанските политички субјекти.

Атмосферата на Косово е многу слична на онаа во Албанија, плус фактот дека Косоварите денес ги прават истите работи кои ним во изминатите триесетина години им ги правеа властите на Србија. Иако правата на малцинствата се декларативно загарантирани со уставот на Косово, реалноста сепак ни говори дека Србите на Косово се граѓани од втор ред.

Станува сè поочигледно дека современите цивилизациски норми до Балканот допираат речиси само преку интернет и телевизија, додека на улица сè уште живееме во некои минати времиња. Хрватска во челуста на историскиот ревизионизам се препелка и невешто балансира меѓу усташтвото и антифашизмот, често менувајќи ги страните, во Србија исто така антифашистите се практишно прогласени за фашисти, а фашистите за антифашисти, во БиХ критикувањето на туѓиот национализам со оправдување на сопствениот премина во сосема друга димензија, а Албанците на сопствениот пример покажуваат дека нема преголеми разлики и што се однесува до ставот „сопствениот шовинизам е патриотизам, а туѓиот национализам е фашизам“, можат комотно да се подведат под земјите од поранешна Југославија.

Како и да е, секоја генeрализација е погрешна, па така и оваа. Најискрено се надевам дека во ова дивеење станува збор само за гласно малцинство и дека тивкото мнозинство во секоја земја е всушност тој исклучок кој го потврдува правилото. Она што ме загрижува е всушност фактот дека мнозинството, ако е тивко, сепак е веќе долго, предолго тивко!

Извор: novinar.me

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото