Каде оди Западен Балкан

12.03.2012 12:41
Каде оди Западен Балкан

После одлуките на самитот на ЕУ од 8 и 9 декември 2011, се отворија многу прашања и дилеми, од кои за нас од посебно значење е прашањето каде оди регионот наречен Западен Балкан, особено по членството на Словенија и конечниот прием на Хрватска, со што се дефинира западната граница на Западен Балкан кон ЕУ, односно се „врати границата помеѓу Османлиската империја и католичка Европа“. Со членството на Унгарија се дефинира северната граница, а со членството на Романија и Бугарија, односно на Грција, се дефинираат источната и јужната граница на Западен Балкан? Оттаму и прашањето колку се убедливи и колку може да се верува на, по многу свои белези и стекнати искуства, инаку неуверливата изјава на Херман ван Ромпуј дека „вратите за Западен Балкан се отворени“? Ова го велам дотолку повеќе што отворањето на таа врата е условено со барања кои, за секоја држава посебно и за регионот во целина, претставуваат многу сложени проблеми. Србија треба да го признае Косово, Македонија да го промени своето име, Косово да се стабилизира како ефикасна правна држава, Црна Гора да се справи со корупција, а Албанија да се дистанцира од националистичките структури кои ги наметнуваат идеите за „повторно обединување на Албанците“ или „Природна Албанија“.

Дека не се работи за наивни пароли зборува фактот со брзото дистанцирање на албанскиот премиер Сали Бериша од иницијативата на 12 пратеници од косовското собрание за обединување со Албанија. Исто така, според еминентни познавачи на приликите на Западниот Балкан (Душан Релјиќ, од Германскиот институт за меѓународна политика и безбедност-SWP, во Берлин), иако оваа иницијатива, моментално се чини тешко остварлива, сепак „факт е дека постојните демографски движења неминовно водат кон натамошна етничка хомогенизација на тој простор“. Според него „во мерка во која исчезнуваат перспективите на Албанија, Македонија и Косово, за брзо решавање на своите внатрешни проблеми и брзо го фатат чекорот на патот кон членство во ЕУ, во таа мерка ќе растат тенденциите, албанското население на Западниот Балкан да се обедини во една држава“.

На крајот, како да се реши експериментот наречен Дејтонски договор, во зовриениот „босанско-херцеговски котел“? Сето тоа треба да се оствари во време кога сонот за ЕУ како „ветена иднина“ постепено бледнее, кога членките на ЕУ сè уште мечтаат за сопствената држава и сопствениот егоизам, и кога ЕУ, вака како што сега е поставена, како заедница составена од 27 држави „страда од дефицит на демократија“. Всушност, иако на прв поглед кризата низ која поминува ЕУ се дефинира како финансиска, таа по својата суштина е политичка, слична на онаа која доведе до распадот на СФРЈ. Институциите на ЕУ немаат сила да се наметнат во решавањето на конфликтот на интересите помеѓу развиените и неразвиените. Пред дилемата кој кого го експлоатира, бриселските институции ја покажуваат целата своја немоќ. Затоа процесот на институционалното созревање на ЕУ во функционална заедница ќе биде долг и исполнет со многу предизвици.

Впрочем, таквиот конфликт не е само на ниво на Унијата туку и внатре во членките на Унијата (во Белгија – помеѓу Фландрија и Валонија, помеѓу северот и југот на Италија, помеѓу Каталонија и остатокот од Шпанија, помеѓу унгарското население и Романија и каде се уште не). Но, ако на национално ниво може да се постигне согласност за солидарност на ниво на политички и правно нехомогената Унија тоа е речиси „невозможна мисија“. Илјади Полјаци вечерта на 13 декември 2011 година минаа низ улиците на Варшава и другите градови, носејќи ги паролите: „Нема праведна Европа без независна Полска“, или „Еврото ја ослободува Полска“ како парафраза на натписот на влезот во Аушвиц „Трудот ослободува“. Англија категорично застана зад интересите на нејзината „финансиска индустрија“, а Чешка со одбраната на својот суверенитет веќе подолго време ја тресе ЕУ.

Може ли Европа, која е соочена и со предизвикот на порастот на радикалната десница, да ги прифати новите членки од Западниот Балкан кои носат не само политички туку и многу тешки социјални багажи (висока стапка на невработеност од 30%-70%, ниско ниво на БДП, кој во Хрватска, како најбогата во регионот, изнесува само четвртина или, пак, на Косово, кој изнесува само 5% од просекот на БДП во ЕУ)? Да ги прифати земјите кои немаат изграден ефикасен безбедносен систем за спречување на „патот на хероинот“ (само преку Косово транзитира околу 50 тони хероин годишно, што според вредноста е двојно поголем од годишниот БДП на државата која, секако, е само една од етапите на балканската рута кон Европа)? Или, пак, земјите со високи стапки на надворешни долгови (само Србија има надворешен долг од преку 23 милијарди евра), земји со високи стапки на надворешни миграции како единствен спас за „излез од тунелот“, посебно во услови кога заради кризата огромен број на работници во Унијата ги губат работните места, односно кога стапката на невработеноста кај одделни членки (Шпанија) се искачува до високите 22% на невработеност.

Економско социјалните услови во земјите од Западниот Балкан се основниот причинител, а политичките структури, било да се на власт или во опозиција, својот опстанок на политичката сцена повторно да го побараат со враќање кон национализмот, како „стока“ која најлесно можат да му ја продадат на осиромашениот народ кој се бори за гола егзистенција. Оттука, инцидентните случаи на тепачки помеѓу учениците и младите од различни етнички заедници или, пак, графитите во кои се цртаат веќе познатите и историски трагични, големо-националистички карти кои потекнуваат од 19 век, не се наивни детски игри. Во целиот тој хаос постои ред, како што и ревидирањето на историјата на антифашистичката борба на балканските народи (речиси кај сите држави од регионот се донесуваат закони за рехабилитација на квислиншките структури) е само израз на еден потполно дезориентиран регион, изгубен во времето и во потрагата на вистинските вредности. Оптоварени со сеништата од минатото, се заборава дека токму ЕУ е рожба на антифашизмот и трагањето кон нови вредности. На просторот од Западниот Балкан владее синдромот на страв од надворешниот свет, самоизолирање, чувство дека сме си доволни самите на себеси, дека светот нè мрази, и сето она што го обележува менталитетот на една „паланка“ која се наоѓа на периферијата на Европа.

Сепак, геополитичките интереси, пред сè на САД (за Руската Федерација, Балканот не е приоритет, барем не за наредните десет години наспроти нејзините интереси за централна Азија) не можат и не смеат да ја толерираат „дупката“ која се наоѓа зад плеќите на стратешките сили на НАТО на целиот појас, од Балтикот до целиот црноморски појас – од Романија до Турција.

Оттука многу брзо ќе следат решенија за проблемите кои произлегуваат од потребата за стабилизирање на регионалната безбедност по прогласувањето на независноста на Косово (во тој контекст од посебно значење е каков е ставот на САД кон апетитите за некаква „Природна Албанија“, односно за воскреснување на теориите за националните простори во тој контекст создавањето на „Голема Албанија“ или кои било „големо државни апетити“), потоа создавањето на функционална држава на БиХ и, секако, симнување од „дневен ред“ на интегрирањето на Македонија, пред сè во НАТО или, пак, ставање на ова прашање во „фрижидер“, што не е опција која лесно треба да се отфрли по сето она што се случува во зоната на источниот Медитеран и враќањето на геополитичкото значење на Грција. Не случајна е недамнешната изјава на потпретседателот Џо Бајден дека САД ќе ја дадат целосна помош на Грција за нејзина стабилизација ниту, пак, изјавата на Николас Барнс, поранешен помошник државен секретар, дадена во Сенатот на САД (уште во 2007), дека трупите на НАТО и американската војска на Косово треба да ги предупредат обидите за поделби или предизвикување на нестабилност. Прашањето е дали тоа се однесува само за Косово или, пак, за целиот регион?

Секако дека на патот на остварувањето на стратешки цели на САД ќе се најдат сите држави од регионот. Задржувајќи го ставот дека на албанската заедница ѝ припаѓа посебна улога во рамките на американската стратегија на овој дел на Европа, САД истовремено даде и силна подршка за кандидатурата на Србија во ЕУ. Ваквата политика ќе продолжи и во наредниот период, дотолку повеќе зашто овој регион денес е од особено значење за регионот на Блискиот и Среден исток, каде што позициите на САД се во процес на постојано осцилирање и се во зависност од геополитичките интереси на Руската Федерација и Кина. Но, тоа сепак не е гаранција од локални судири кои се производ на борбата за власт на политичките структури. Решението на проблемите кои го оптоваруваат регионот не може да дојде само по себе или како одлука на некој центар од странство.

Демократизацијата на сопственото општество и односите со соседите не се подаруваат, за нив треба да се изборат демократските сили од државите на Западниот Балкан.

09. 03. 2012 Скопје

Карикатура: Маријан Каменски

Bozhe kakov luping napravil

Bozhe kakov luping napravil ovoj chovek od komunjar-egzekutor sega se izdava za demokrat??????