Ќе го почнеме ли стратешкиот дијалог со самите себе?

07.07.2017 04:00
Ќе го почнеме ли стратешкиот дијалог со самите себе?

Обидот, пред да поведеме стратешки дијалог со самите себе како општество, новата власт во брзи директни разговори со соседите да најде излез од тешката меѓународна изолација, последица на блокади од страна на оние со кои преговараме и од погрешни домашни политики, има слаби изгледи за успех. Парадоксално, реториката на новиот македонски премиер и неговиот министер за надворешни работи е онаа истата од дeведесеттите, од „нашето време“, кога, заради конструктивното и мирољубиво европско поведение среде крвавите етнички војни, ги уживавме симпатиите на меѓународната заедница. Проблемот е во тоа што ова не е 1991, туку 2017, и многу вода протече оттогаш под мостот на Вардар: мирољубивата југословенска република Македонија стана независна држава, а позициите на нашите соседи кон новата држава на Балканот станаа кристално јасни. Се однесуваат, како што велат и Грција и Бугарија во еден глас, на нашето фалсификување на нивната историја. Така, Грција нè брка од својата античка историја, каде што претходната власт сакаше да ги постави темелите на нашиот идентитет, а Бугарија широко ни ги отвора вратите на своето минато, насока во која сега сме тргнале.

Бидејќи не успеваме да дадеме одговор на обвинувањата на соседите кои би биле во согласност со објективната историска вистина, нејасна е нашата позиција, а надворешна политика која почива врз такви позиции не може да смета на сериозен успех. Значи, без стратешки дијалог од кој би произлегла нашата посебна национална дефиниција и една кохерентна политика кон сите соседи, не може да се очекува решение на надворешно-политичките проблеми на младата држава. Имаме толку многу недоречености. Велиме нема да градиме нови споменици и нема да има нови провокации, а не кажуваме што ќе правиме со старите? Велиме се дистанцираме од старата политика и нејзината интерпретација на историјата, а не кажуваме која е новата? Велиме проблемот е политички, а надежите ни се во пресудата од Хаг. Велиме сакаме да свртиме нова страница, а не кажуваме како ќе се справиме со веќе испишаните страници на историјата. Велиме го браниме нашиот идентитет, а не успеваме да го дефинираме, зашто за идентитетот не се зборувало (!?), па така, секој си мисли за него онака како што му одговара политички.

Имам разбирање и симпатии за напорите на новата влада. Доведена во една невозможна ситуација преку брзи демократски реформи да бара излез од заробената држава, таа прави очајнички обид и за брз успех на меѓународен план, со што би ни се отвориле вратите кон евро-атлантските интеграции. Сега, откога Грција ни го сврте грбот и си го повтори своето, сите надежи се во договорот со Бугарија кој, велат двете страни, би требало да се потпише на Илинден. Каков ќе биде договорот? Зборот „асиметричен “, кој сè почесто се слуша, треба да значи дека двете држави, во најмала рака, ќе ја слават заедничката историја повеќе одошто македонската национална посебност. Тоа, се разбира, ќе има последици не само дома, туку и надвор. Ќе ги усложни нашите односи со старите балкански ривали, Грција и Србија, кои исплашени дека, преку ширењето на бугарското влијание во Македонија, бугарско-македонското тркало на историјата може да почне да се врти назад кон минатото, ќе ги заострат своите политики кон нашата држава. Што е уште поважно, потпишувањето на таков договор нема да ја отклони грчката блокада за членство во НАТО и во ЕУ, туку ќе ја засили. Се разбира, постои и опцијата која своевремено ја соопшти Самарас, дека и обединувањето на Македонија со Бугарија нема да ја загрози супериорната позиција на Грција на Балканот. Имено, дека и таа опција е поприфатлива од постоењето на самостојна држава којашто полага право на античка Македонија.

Комплицирана е македонската формула. Ех, кога би можеле некако да се најдеме во НАТО и во ЕУ и да се ослободиме од вртлозите на балканските политики. За жал патот води преку вртлозите. Можен ли е сериозен општествен и политички дијалог за тоа како да ги избегнеме? Се чини, засега, не.

Извор: Плусинфо
Слики: Небојша Гелевски

ОкоБоли главаВицФото