86 отсто католици е лажна бројка: секој трет Хрват не го интересира религијата

03.06.2014 12:08
86 отсто католици е лажна бројка: секој трет Хрват не го интересира религијата

Хрватска, како што нѐ учи католичката црква, но и Државниот завод за статистика, е исклучително религиозна држава. Повеќе од 95 отсто од Хрватите веруваат во некој бог.

Секако, доминираат католиците - со 86 отсто. Православни има нешто помалку од 4,5 отсто, а муслимани околу 1,5 отсто. За атеисти се изјасниле само 3,81 отсто од населението, а дополнителни 0,76 отсто се сметаат за агностици. За религијата не сакале да се изјаснат 2,17 отсто од граѓаните на Хрватска. Тоа се податоците од пописот на населението од 2011 година.

Но, ја даваат ли овие податоци вистинската слика за бројот на верници во Хрватска? Постојат оправдани сомнежи дека меѓу оние кои се изјаснуваат како католици има незанемарлив број луѓе кои го прават тоа од традиционални причини, под притисок на мнозинството или едноставно „по дифолт“.

Речиси една третина од Хрватите не ги интересира црквата

Дека е тоа навистина така, покажува и истражувањето на Галуп за важноста на религијата во животот на човекот. Истражувачите на Галуп исправно тргнале од претпоставката дека луѓето на прашањето за постоењето на бог (католички или кој било друг) често без размислување одговараат дека веруваат. Но, кога прашањето ќе се преформулира, односно кога ќе бидат прашани дали религијата во нивниот живот има некакво значење, се добива значително поинаков одговор, кој многу веројатно дава поточна слика за бројот на религиозни луѓе во одредена држава.

Во истражувањето кое Галуп го спроведе помеѓу 2006 и 2008 година во Хрватска на прашањето „дали религијата ви е важна во животот“ позитивно одговориле 66,5 отсто од граѓаните. Дека религијата во животот не им значи ништо рекле дури 30,5 отсто од граѓаните, што е значително повеќе од вкупно 4,5 отсто од декларираните атеисти и агностици.

Ваквиот резултат ја вбројува Хрватска во средно религиозните земји. Но, интересно е да се забележи дека во Европа има многу малку држави на чиишто жители религијата им е поважна отколку на Хрватите. Станува збор за Босна и Херцеговина (29,5 отсто тврдат дека религијата не им е важна), Грција (29,5 отсто), Италија (26 отсто), Португалија (26 отсто), Кипар (24,5 отсто), Македонија (20,5 отсто), Полска (19,5 отсто), Молдавија (19 отсто) и Турција (9,5 отсто).

Во поразвиените земји религијата е помалку важна

Што се однесува до земјите во регионот, Косово има само нешто помалку луѓе на кои религијата им е неважна отколку Хрватска, вкупно 31,5 отсто. Во Србија има 46,5 осто жители на кои религијата не им значи ништо, а во Црна Гора 48 отсто. Најмалку верници (односно луѓе на кои религијата им е важна) има во Словенија, која е најразвиена земја во регионот. Дури 52 отсто од Словенците велат дека религијата не им значи ништо во животот.

Интересно е тоа што на самиот врв на оваа листа се најразвиените европски и светски земји. Во Шведска дури 83 отсто од жителите не се грижат за религијата, во Данска 80,5 отсто, во Естонија 78 отсто, во Норвешка 78 отсто, во Хонг Конг 75,5 отсто, во Холандија 75,5 отсто, во Јапонија 75 отсто, во Чешка 74,5 отсто, во Велика Британија 73 отсто, во Финска 70 отсто... Заклучокот за корелацискиот однос сам се наметнува: колку земјата е поразвиена, толку религијата на нејзините жители им е помалку важна.

Извор: www.index.hr

ОкоБоли главаВицФото