Aтеисти против материјализација на верата

08.06.2013 13:30
Aтеисти против материјализација на верата

Црна Гора можеби има статус на граѓанско општество, но факт е дека поголемиот број од нејзините граѓани со секое наредно истражување сè повеќе се изјаснуваат како религизони и велат дека од сите институции најмногу веруваат во црквата. Но таа наскоро би можела да добие и здружение на атеисти и агностици. Како што велат нашите соговорници, здружението настанува како реакција на сè повидливата офанзива на црквата во Црна Гора која често ја преминува границата на својата изворна функција, но и како одговор на сеопштата материјализација на верата, при што свештенците веќе одамна не живеат како испосници, туку возат џипови и уживаат во неверојатен луксуз.

На прашањето дали е атеист, Боја Бача, докторант и асистент на Универзитетот Јорк во Торонто одговара: „Да, сум. Атеист сум од кога знам за себе и мислам дека, во крајна инстанца, сите ние сме атеисти во однос на некој бог или божество. Христијаните не веруваат во Озирис, Митра, Зевс, Тор или Перун. Јас сум само атеист кој не верува во уште еден бог – во оној нивниот.“

Наведувајќи ги причините поради кои не верува во Бог, Бача вели дека индивидуалните слободи се над секоја религија и црква, особено кога се работи за црква како онаа во Црна Гора, која се занимава со политика и одредува што е морално, а што не е, и што е природно, а што не е.

„И тука Бог се појавува како спроведувач на работите за вашите многубројни проекти, без разлика дали се работи за градење национален идентитет, за заштита на културата, или она што во последно време е многу актуелно – за заштита на јавниот морал. Мислам дека во оној момент кога говорите за нешто како што е прашањето за моралот, тоа станува и политичко прашање. Значи, подразбира регулација на нечие однесување. Во таа смисла, јас како атеист не само што не верувам во бог, туку сметам дека ниту јас, ниту кој било друг, има право, повикувајќи се на некој свој имагинарен пријател кој наводно е на небото да го регулира туѓото однесување, да води нетранспарентни политики, да не плаќа данок или пак, систематски да прекршува многу пишани закони“, вели Бача.

Идејата за основањето на првото Здружение на атеистите и агностиците во Црна Гора била покрената на социјалната мрежа Твитер. Како што е наведено во едно од соопштенијата на оваа група, атеистите од Црна Гора имаат намера да го следат односот на црквата и државата од аспект на почитување на законите.

Морничавото огледало на материјализмот

За тоа кои се првите црногорски атеисти ја прашавме Милица Ковачевиќ, која е една од основачите на идното здружение: „Се работи за една група луѓе, не многу мала. Веќе подолго време, преку социјалните мрежи или пак при директни средби, ламентираме во однос на очигледната клерикализација на црногорското општество. Разговараме за тоа каков е статусот на верските заедници, нивниот однос со политиката, за фактот дека ние сме малцинство и ги критикуваме. Во еден момент помисливме дека дошло време да направиме нешто повеќе од тие лични разговори и поединечни критики.

Нивната иницијатива предизвикала и негативни коментари, но како што вели и Милица, тие ги очекувале: „Тоа се луѓето со патријархални и хетеронормативни ставови, со некои ригорозни националистички позиции и со теории за заговор според кои ние сме комунисти, феминисти, ЛГБТ... Значи, ние сме сето она што не им одговара во нивниот вредносен систем и заради тоа ќе гориме во пеколот. Но тие се потпираат само на ваквите изјави, особено во балканските општества“, додава таа.

На последниот попис на населението, еден и пол процент од граѓаните во Црна Гора се изјасниле како атеисти, што со исклучок на Македонија, е рекорден податок во европски рамки, посебно ако се има предвид иделошкото минато на државата.

Атеистите во Црна Гора се појавуваат во моментот кога религијата, не само на Балканот, туку и во Европа, па и во светот, доживува своевидна материјализација, во чии рамки свештениците не ја покажуваат својата вера преку испосништвото, туку како личности кои возат скапи автомобили, живеат во вили и уживаат во луксузот.

Но како што истакнува и професорката Божена Јелушиќ, иако таквата слика на денешната црква ја гледаат поголемиот дел од граѓаните, многу е мал бројот на оние кои се подготвени да се откажат од неа поради тоа:

„Затоа и беше возможно да постојат и луѓе како Качавенда на чело на црковните организации, за чија куќа, односно огромна палата, еден мал Версај, гледавме и читавме во медиумите, каде што на пример, еден стол чини 20 илјади евра. Има такви луѓе, а во исто време Црквата постојано проповеда дека богатите луѓе никако не можат да одат во рајот. Меѓутоа, луѓето и понатаму веруваат во таквите луѓе, кои за нив се вистински докази за постоењето на смислата на Бог и не знам уште што не. Па според мене, ова здружение на атеисти и агностици, парадоксално кажано, може да се претвори во здружение на „најголеми верници“, бидејќи тоа барем нема сложно да го прифати тоа морничаво огледало на материјализмот, кое е често застапувано од луѓето кои се наоѓаат на чело на црквите“, заклучува Божена Јелушиќ.

Извор: Радио Слободна Европа