Писателите и политичката јавност

24.08.2018 07:30
Писателите и политичката јавност

Кусо пред да ја добие Нобеловата награда, Хајнрих Бел напиша дека за него пишувањето, творештвото и ангажманот во политичката јавност не се алтернативни, во смислата на: или едно или друго. Иако никогаш не сакал да се ангажира во политиката, тој секогаш беше храбар да го крене гласот во јавноста. Поради тоа бил често изложуван на хајки и напади. Писателите се совеста на едно општество, веруваше Хајнрих Бел. Го делам неговото мислење.

Во една прилика, еден стар, веќе пензиониран професор по хрватска литература во Гетинген, ми рече: „Знаете, јас бев студент кога се кодифицираше македонскиот јазик. Со тоа, всушност, се легитимираше македонскиот национален идентитет. Многу слависти тогаш беа скептични дали тој идентитет навистина ќе опстане. И, гледајте, опстана. И тоа како! А знаете што е доказ за тоа? Македонската литература. Македонија има толку писатели! Тоа е израз на силен национален идентитет." Притоа тој не мислеше на патриотска литература. Мислеше на богатото македонско јазично творештво.

Македонија навистина има могу писатели, иако е мала земја. Нивната моќ е во зборот, во пораката, во македонскиот јазик. Зошто, тогаш, ниту еднаш во овие 25 години не се собраа доволно храбри писатели да напишат како тие гледаат на оспорувањето на името Македонија? Зошто не посакаа да го испратат тој нивен апел до сите саеми на книгата во светот, до сите големи светски весници? Зошто и сега има само молк?

Зошто не сме кадарни да се поврземе и да напишеме заедно нешто умно и искрено? И да го упатиме, на пример, до директорот на Саемот на книгата во Франкфурт, објаснувајќи му колку во овој миг за македонските писатели би била значајна презентацијата (но, на високо ниво!) на македонската литература во Франкфурт. Не мора да е Франкфурт. Може да е Саемот во Лајпциг. Може да се побара совет од хрватското министерство за култура. Имено, хрватските писатели, со помош на нивното министерство за култура и преведувачката мрежа Традуки, 2008-мата имаа одлична презентација на Саемот на книгата во Лајпциг. Хрватска беше официјално земја-гостин. Тие тажни и неуки презентирања на македонски автори во Франкфурт, кои ги организира Министерството за култура, навистина немаат смисла. Треба да се направат добри преводи на германски, од најдобрите преведувачи од македонски во Германија.

Отсекогаш поттикнував таква иницијатива во средбите со македонските писатели. Проблемот секогаш беше разединетоста, литературните кланови, зависта и нетрпението, генерациски и политички, опортунизмот, ситнотрговскиот менталитет...

Мене тој факт уште ме ужаснува. Јазикот на нашето творештво нè обврзува на одговорност. Мислителот, писателот, философот е вдомен во јазикот, веруваше Теодор Адорно. А јас отсекогаш му верував дека е така...

Слика: Hanna Barczyk