Не е до Заев, другар(к)и!

21.11.2017 04:19
Не е до Заев, другар(к)и!

Актуелната пост-политичка ситуација типизирана со високите очекувања и длабоки разочарувања, контрадикторно, но, истовремено, таква е благодарение и на медиокритетската јавност која несомнено го перпетуира тоталниот идеен вакуум и отсуството на елементарна политичка страст – нужна за динамизирање на животот.

Но, токму тука, имено, кај разочарувањата треба да се согледа можноста - за надминувањето на политичките илузии и за артикулација на таканаречените изневерени очекувања односно, тие да се прилагодат на проценките, соодветно. Со други зборови, оваа магла не е толку густа како што навидум се чини, туку контроверзно отвора можност за дејствување!

Значи, јавноста наместо да делува збунето и уневерено и ниту на мртво да плаче, ниту на живо да се смее, да тривијализира со крекање како жаба во бара, а претставена од сите тие медиокритетски тези и фаци, ќе мора да се соземе, да се консолидира и итно да дејствува според приоритети! Можеби, дури и во нов формат, како оној во пост-белфастка Ирска, имено во Цивилен Форум.

Другари, Ве молам, ниту е, ниту смее да биде задача на Заев и тие што се кооптирани во власта, да ги организираат оние од „надвор“, туку тоа е задача токму на рестото што не се апроприрани и вшмукани - оние кои останаа од другата страна, оти власта е тука за да извршува, а не и да ја организира конструктивната критика! Затоа, велам, јавноста, мора да ја покаже таа зрелост и да забави со медиокритецијата и малограѓанските тези и фокусирано да притиска – не против власта, туку за остварување на реформите!

Мора да се знае, исто така, дека ресторирањето на правдата ќе оди многу бавно, а тоа треба јасно и многу гласно да биде кажано и покажано од властите. Пошироката публика мора да биде запознаена дека дишеме на респиратор за да преживееме, а не да се подлажува со сликички на фејсбук од тие блазирани ракувања, ве молам! Ова дотолку повеќе, што ако разочарувањата продолжат да се продлабочуваат, постои сериозна опасност експресно да бидат вшмукани во опоцизионен отпор кој во услови на нестабилна коалиција може да подразбере и организран отпор, но овој пат под раководство на мафијата! Со ова не смеете да си играте, мора да објавите јавно каква е ситуацијата реално, а да внимавате тоа да не изгледа патетично!

Медиумите, исто така, и покрај тоа што навидум се либерализираат во поглед на диверзитетни мислења и ставови, очигледно е дека се продукциски ЛЕЈМ, другари! Дебати со сомнителни авторитети и тези, едни исти закоравени метузалеми и темите кои немаат врска со приоритетните – со чест на ислклучоците!, се уште една алка која го овозможува постполитичкото удобно мртвило. Разузнавањето и надзорот, на пример, се во фаза на ремонт, а јавноста наместо да рика околу ова, иницијација зеро. МВР и Оливер Спасовски самите се погласни од општата јавност! Зар е можно бе, луѓе?!

Се бави ли некој, слично, таргетирано со назависните контролни механизми, да прашам исто така, или за процесот на департизацијата на институциите и за статусот на конвертитите во нив, проблемите со шурувањата, на пример?

Да скратам, динамизирање и повторно политизирање на јавноста по однос на приоритетите е нужност, оти во спротивно, во услови на ваква анти-политичка ситуација, не може да има напредок. Дотолку повеќе што и самата можност за динамизација на јавноста е под закана експресно да биде киднапирана од мафијата, но тогаш другари, нема Заев да биде крив, туку тие од другата страна!

Извор: Плусинфо
Слики: Александар Јосифовски

ОкоБоли главаВицФото