За учесниците во криминалот со културното наследство

22.11.2018 02:16
За учесниците во криминалот со културното наследство

Со секое ново продлабочено истражување на штетните аспекти од т.н.проект Скопје 2014, се потврдува поразителното сознание дека во неговата реализација клучна улога одиграле две институции од заштитата –Управата за заштита на културно наследство и НУ Конзерваторски центар – Скопје. Особено е значајна нивната улога во фазата на изградбата на објектите на левиот брег на реката Вардар кои со својот габарит ја загрозуваат визурата на Скопско Кале и целосно го депласираат Камениот мост. За да се скрие или замаскира овој проблем во законски рамки, како логистика е употребена Управата за заштита на културно наследство која добива (незаконски) надлежноисти да започне со реализација на капиталните проекти Скопска тврдина Кале, Музеј на вода и Универзитет на Св.Климент на Плаошник. Реализацијата на проектот за скопската тврдина Кале започна во 2007 година со археолошки истражувања и обемна реконструкција на бедемите со габарит кој создаде нова визура над изградените објекти во коритото на реката Вардар.

Проблемот со Камениот мост го реши Конзерваторскиот центар со крајно редуцирана контактна зона која ја овозможи изградбата на мостот Око а дополнително направи простор и за поставување на галиите и панорамското тркало. Синхронизираните активности на Конзерваторскиот центар и Управата за заштита, продолжуваат во изработка на нови фасади во централното градско подрачје, преку ,,законски,, предвидена постапка за ревалоризација.Овој пат, Конзерваторскиот центар-Скопје изработи Елаборат за ревалоризација на споменик на културата-Урбана целина ,,Централно градско подрачје II“ со Предлог за донесување акт за престанок на заштитата а Управата донесе Решение (бр.18-85 од 23.03.2012година) за престанок на заштита! Со престанокот на заштита, отворен е патот за поставување на нови фасади кои се туѓи на изворниот интенционален изглед како израз на историскиот контекст во кој е создадено наследството.

И не само тоа! Намерата била повторно да бидат ставени под заштита но со нов елаборат со кој ќе се валоризираат ,„новите уметнички дострели“ на фалсификуваното наследство! Така како што ги прогласија како културно наследство ex lege (по сила на закон), Музејот на ВМРО… и Порта Македонија! А кривични пријави нема! А имаше за наводното оштетување (со боја) на истата таа Порта Македонија и зградата на Министерството за култура?

Многу извичници на една страна нужно повлекуваат многу прашалници, во однос на институциите за заштита кои работат спротивно на законските одредби за кои се основани. Логично е да се запрашаме, како е возможно орган на управа да врши стручни работи и да координира ,„капитални проекти“ со кои се уништуваат потврдени вредности а се потпомага или директно се учествува во партиско-идентитетски проекти?

Одговорот на ова и многу други прашања упатуваат на етичката димензија на проблемот, бидејќи работната етика подразбира права, обврски и должности кон поединците, кон сите учесници во работните односи и кон општеството во целина. Отстапувањата од етичките принципи резултира со корупција, судир на интереси, злоупотреба на службена должност и овластувања…

Но, сè започнува од законот. Доколку во него не е вградена етичката компонента не можеме да очекуваме добри резултати. Ваквата констатација најдобро ја илустрира постојниот Закон за заштита на културно наследство(2004),со кој е формирана Управата за заштита на културно наследство. Првиот кој седна на директорското столче во оваа институција беше токму „авторот“ на законот. За да ги прикрие личните интереси законодавачот си постави ,„големи“ реформски цели, кои системски не само што не успеа да ги спроведе до крај, туку напротив некаде по пат, во бројните одредби го заборави самиот предмет на уредување – културното наследство.

Во обидот да ги подели уравните од стручните работи создаде Управа за заштита во состав на Министерство за култура која врши управни и стручни работи, а после пенаесетте (15) измени започна да реализира капитални проекти,да издава публикации,да води археолошки катастар,да врши туристичка промоција… да издава дозволи за истражувања и конзерваторски одобренија на институции кои со истиот закон се основани за вршење на таква дејност. Ваквата Управа која наводно е во состав на Министерството за култура,за својата работа одговара директно пред владата и располага со буџет кој е три до четири пати поголем од вкупниот буџет на сите установи за заштита! Во обидот да воведе систем наспроти Управата, востанови конзерваторски центри со надлежности и кадар кој е идентичен на веќе  постојните заводи. 

Пререгистрацијата во конзерваторски центри според овој закон не претставува и суштинска трансформација. Конзерваторските центри не се    конзерваторски центри затоа што не вршат непосредна конзервација/реставрација на недвижното наследство.Тие само објавуваат тендери за реализација на изработените проекти. На тендерите не конкурираат конзерваторските центри туку само градежни фирми! За каков систем и за каква заштита зборуваме доколку во конзерваторските центри не постои услов да има барем тројца специјализирани мајстори за стари градежни техники и материјали? Чуму институции за заштита и сурија вработени ако конзервацијата ја вршат градежни фирми со нови материјали?

Во низата недоследности, една од најштетните е воведената постапка на ревалоризација и категоризација која ја вршат заводите и конзерваторските центри по програма која ја изработува Управата за заштита. Недоследно изведениот систем најдобро се гледа во дефинирањето на надлежностите на конзерваторските центри. Имено, еден од критериумите е категоријата по вредност а другиот е територијалната надлежност. Доколку културното наследство се прогласи во највисоката категорија тоа преоѓа во надлежност на Националниот конзерваторски центар. До прогласувањето функционира само на територијата која му е дадена во надлежност. Овие два критериуми целосно си противречат и овозможуваат простор за манипулација со категориите што е крајно штетно за наследството.

Отпочнатите реформи на новата влада во областа на заштитата на културното наследство, преку новиот Закон за заштита кој вклучува Листа на културно наследство од национално значење, ќе овозможи дефиниран предмет на самиот закон како облигативна грижа на државата.Новата организациона поставеност јасно ќе ги подели управните од стручни надлежности во систем кој ќе гарантира механизми за контрола и одговорност во случај на злоупотреба и направена штета на културното наследство.

Слики: Свирачиња

Извор: Либертас

ОкоБоли главаВицФото