Оливер Мусовиќ изложува во Вајмар

07.03.2019 03:52
Оливер Мусовиќ изложува во Вајмар

Во петок, 8 март во АЦЦ Галеријата во Вајмар ќе се отвори изложбата на уметниците резиденти од 24-тата Интернационална студио програма на АЦЦ галеријата и градот Вајмар, под наслов „Солидарност - сега повеќе од било кога“. На изложбата покрај македонскиот уметник Оливер Мусовиќ, учествуваат и Метју МекКарти од Јамајка и Курчи Дасгупта од Непал/Индија и нивни поканети гости. Изложбата повикува на солидарност, општествена кохезија, над потеклото и верувањата, како метод на спас на светот и предлага решенија базирани на взаемна помош и солидарност.

Оливер Мусовиќ на изложбата преставува неколку нови, досега неизложувани дела - две фотографски серии, видео и предлог локална иницијатива реализирани во Вајмар за време на престојот на резиденцијалната програма, како и неколку постари дела.

За своето учество, Мусовиќ вели: „Делата илустрираат различни аспекти на т.н. солидарна економија, која се базира на активности кои тежнеат да го подобрат квалитетот на живот во еден регион или заеднца преку локални бизниси и непрофитни активности - собирање и редистрибуција на стара облека, „урбан комонс“ - заеднички урбани градини на јавно земјиште, како и поединечни акти на солидарност во сообраќај и алтернативни локални валути. Главно се работи за активности кои се организирани за да ја адресираат и се обидуваат да ја трансформираат експлоатацијата под капиталистичката економија. Овие различни стратегии целат да ја заменат капиталистичката економија со самоорганизирани мрежи на социјална заштита организирани на ниво на заедници.“

Гости на Мусовиќ на изложбата се српската уметничка група Шкарт од Србија, која се преставува со делото „Мигрантски мапи“ (2013) кои преставуваат визуелизации за личните приказни на патот на мигрантите врз основа на интервјуата кои групата ги имала со мигранти од мигрантските центри во Србија .

Изложбата ќе биде отворена до 19-ти мај.

Оливер Мусовиќ (1971) самостојно изложувал во Македонија, Швајцарија, Словенија, Србија, Австралија и Црна Гора. Учествувал на бројни групни графички изложби и изложби на современа уметност низ целиот свет. Учествувал и на резиденцијални престои во Германија, Чешка, Швајцарија, Кореја, САД, и Франција. Негови дела се застапени во повеќе јавни колекции и се публикувани во повеќе публикации - прегледи на современа уметност од најзначајните светски издавачи на уметничка литература.