Никој, па некој, за никојпат повеќе никој

18.04.2019 02:24
Никој, па некој, за никојпат повеќе никој

Оглед за „Книга за гробиштата“ од Нил Гејман

Со холивудска поддршка, Хари Потер, Хрониките на Нарнија и Господарот на прстените постигнаа светска слава и со право станаа најчитани фантастични книги во светот. За наша среќа, тие не се единствени. Колку и да се оригинални би било жално да го ограничиме нашето внимание само на неколку примероци кои ја имале среќата да постигнат ваква екстремна популарност.

Литературата за млади оди напред со полна пареа, предводена од плејада помлади (и не толку млади) автори, кои се обидуваат да го најдат својот авторски глас, наспроти огромното влијание на гигантите Толкин и Луис. Токму затоа се одлучив да ја напишам оваа рецензија, од причина што преведувањето на една од книгите на Нил Гејман не е воопшто мала работа за книжевноста на една земја, особено за младите читатели и обожавателите на фантазијата. Станува збор за романот Книга за гробиштата (The Graveyard Book) во издание на „Паблишер“ којашто ја добиваме во елегантниот превод на Катерина Јосифовска која веќе ѝ е позната на посериозната читателска публика со преводите на Човек без својства од Роберт Музил и Изворите на тоталитаризмот од Хана Арент. Овој пат таа ни ја подарува една од најнаградуваните книги за деца и млади во последните петнаесетина години (Хуго, Њубери, Локус, Карнеги), оригинално издадена во 2008 година. Нил Гејман е познат по романите Добри лоши предзнаци (God Omens, 1990) во коавторство со Тери Прачет, Ѕвездена прашина (1997) и Американски богови (2001), како и стрип серијалот Песочен човек (и уште многу други).

Романот поседува автентичен уметнички интегритет и мајсторско владеење на книжевната техника: приказната е динамична и постојано го остава читателот да виси на бројните клифхенгери, а сижето е вешто обликувано, без неразрешени заплети и слепи улички. Структурата, барем мене, делумно ме потсетува на Книга за џунглата од Радјард Киплинг, затоа што некои од поглавјата можат да се читаат како посебни приказни, додека, сепак, романот има јасна и стабилна структура. Претпоставката за Киплинг ја забележав веднаш по првите поглавја и искрено се израдував кога видов дека во благодарницата на крајот на книгата, Гејман му се заблагодарува токму нему. Сега, без да откривам премногу од приказната затоа што не сакам да му го одземам уживањето на читателот, ќе посочам неколку аспекти кои се клучни за разбирање на романот и кои значително ќе го зголемат уживањето на потенцијалниот читател.

Главниот јунак Ник (скратено од Никој) Овенс е сираче кое по бруталното убиство на своите родители завршува на гробиштата во близина на неговата куќа и е посвоено од локалните жители, ни повеќе ни помалку туку – духови! Веднаш ќе кажете – стоп! Од каде гробишта и духови? Нели е тоа морбидно и чудно и целосно несоодветно за младите, недоразвиени умови на децата и младите? Дали е тоа здрава средина за едно мало момче, да биде опкружено и да расте во непосредната близина на смртта? Јас ќе ви одговорам дека токму тука лежи мајсторијата на Гејман и дека токму тука лежи главната доблест на книгата.

Авантурите на сирачето се општо место во литературата уште од Дикенс, а ако одиме уште поназад, во сказните, кои Гејман очигледно многу добро ги познава и интегрира во своите дела. Структурата на романот го следи образецот на сказната во тоа што ги следиме авантурите на младиот јунак почнувајќи од неговото детство, па сè до неговото созревање, прикажани преку интеракција со различни ликови – ментори (Сајлас, г-ца Лупеску, вештерката итн.) кои го иницираат младиот Ник во светот на возрасните.

Интересен е стилскиот лајтмотив на Ник, кој по секоја добиена лекција вели: „Разбирам... или барем мислам дека разбирам“. Романот завршува со растењето на јунакот и напуштањето на гробиштата; Ник е пораснат и светот е пред него со големи очекувања и од Никој метаморфозира во Некој. Станува збор за типичен образец кој антрополозите го нарекуваат обред на иницијација, односно патот на јунакот низ бројни искушенија преку кои се стекнува искуство за светот и за општеството. Се преминува од наивниот свет на децата во кој сè е црно и бело, лошо и добро, кон амбивалентниот и комплексен свет на возрасните каде што ништо не едноставно. Овој процес воопшто не е нежен, затоа што животот не е нежен. Токму тука се наоѓа и главната доблест на Гејман, што одбива да ги зашеќерува приказните (sugar coating) и да ја идеализира бруталната реалност на животот. Тој верно ја следи традицијата на сказните и вешто и внимателно се фаќа во костец со навистина комплексни и тешки теми: смрт, развод, убиство, самоубиство, пари итн., секоја од нив обработена на претпазлив и вкусен начин, но без заобиколување.

На пример, видете го овој прекрасен извадок кој се однесува на детската перспектива на темата невработеност: „Нејзиниот татко подучуваше физика на елементарни честички, но – како што Скарлет му објасни на Ник – има премногу луѓе кои сакаат да подучуваат физика на елементарни честички, а недоволно луѓе кои би сакале да ја учат, па затоа семејството на Скарлет мораше постојано да се сели од еден универзитетски град во друг, а нејзиниот татко во секој град се надеваше на постојано работно место, иако не го доби никогаш“. (стр. 47); или пак оваа, малку повозрасна (ликовите низ романот растат и со тоа нивната перспектива се менува) за развод: „Скарлет Амбер Перкинс имаше петнаесет години и во тој момент, седејќи на горниот кат на еден стар автобус, вриеше од гнев и омраза. Ги мразеше своите родители затоа што се разделија. Ја мразеше мајка си затоа што се отсели од Шкотска, го мразеше татко си зашто се чинеше дека не му е гајле што таа си замина...“ (стр. 217). Но, очигледно, примарната тема е смртта, на која ќе обрнам повеќе внимание.

Во Книга за гробиштата Гејман нè потсетува нас, „современите“, на една многу важна, денес подзаборавена мудрост, која од помодерно време им е позната на антрополозите, а отсекогаш му била јасна на обичниот народ кој се потпирал на фолклорот: дека децата и смртта имаат сличен статус и се многу блиску поврзани. Ќе си речете, од каде сега оваа глупост? Како е можно штотуку родените да бидат поврзани со крајот на животот? Најголемата афирмација на надежта и иднината ставени во ист кош со расплетот на секоја приказна? Без да навлегувам во непотребно теоретизирање, само накратко ќе забележам неколку општи факти на антропологијата, а ќе ги насочам тие што се позаинтересирани кон делата на Клод Леви-Строс и Џорџо Агамбен, кои ја имаат образложено оваа проблематика во два одлични есеи.

Јас само ќе кажам дека децата и мртвите имаат ист симболички статус, односно и едните и другите не се преминати кон другиот свет: децата во светот на возрасните, а мртвите во светот на предците. Станува збор за два ентитета (општествени и егзистенцијални) кои се лизгаат помеѓу различни сфери на постоење. Затоа единствено Ник може да зборува со мртвите и без да се плаши од нив, а кога ќе порасне ја губи оваа моќ. На крајот тој го менува својот статус, односно расте и преминува во друга сфера на постоење. Гејман тоа го знае и многу вешто го користи во романот кога ги спротивставува реакциите на децата со оние на возрасните, токму во однос на „морбидните“ теми. Интересно е што токму децата кои сè уште не го познаваат светот на возрасните, исто така не знаат дека смртта и гробиштата се морбидни и не чувствуваат страв и гадење.

Целиот роман зборува (меѓу другото) за комплексниот циклус на животот и смртта кој мора да продолжи; лекцијата што Ник ја добива е токму таа. Главните негативци во романот, Џековите, сакаат да го нарушат овој циклус и да го поместат светот од неговите темели, така што приказната добива метафизички размери, многу поголеми од светот на младите. Поглавјето Танцот на смртта (Dance macabre) лично ми е омилено. Тоа е преработка на една христијанската алегорија за која нема многу да ви откривам, и ќе ве наведам самите да погледнете.

Пораката што ја испраќа Гејман е моќна, инспиративна и навистина автентична, затоа што успева да ги избегне сите зашеќерувања, банализации и кич решенија што ја демнат книжевноста за млади. Тој успева да остане верен на духот на сказната и вешто се движи низ повеќе жанрови (крими, трилер, хорор, фантазија, литература за млади) и интегрира различни содржини од фолклорот, историјата, митологијата и книжевноста кои ја збогатуваат приказната и ја прават поучна; ете, на пример, јас првпат дознав како изгледа Асирски ангел токму преку овој роман, а на неколку моменти присуствуваме на вистинска лавкрафтовска атмосфера, каде Гејман вешто го подражава мајсторот на чудната фикција, без да го однесе романот во погрешна насока. Мистеријата во ридот е чист Лавкрафт! Севкупно, имам задоволство да препорачам врвен примерок на книжевност за млади и возрасни – едноставно, добра книжевност.

Користена литература:
* Agamben, G., Reflections on History and Play, (1993), Infancy and History, Verso, London.
* Гејман, Н., (2018), Книга за гробиштата, Паблишер, Скопје.
* Levi-Strauss, C., Santa Claus Burned as Heretic, (2016), We are all Cannibals, Columbia University Press.