Автопортрет

22.11.2023 16:56
Автопортрет

Édouard Levé (01.01.1965 - 15.10.2007) бил француски писател, фотограф и сликар. Како самоук уметник сликарската кариера ја започнал 1991-та. Дел од апстрактните слики ги продал, дел ги запалил. Неколку години подоцна почнал да се занимава со фотографија. Напишал неколку книги, а Автопортрет е напишана 2002 година додека патувал низ Америка и работел фото серија под наслов Amérique, фотографирајќи ги градовите кои носат имиња на градови од други земји. Во Самоубиство, својата последна книга, ја обработил темата на самоубиството на неговиот најдобар пријател од детството, кое се случило 20 години претходно. Десет дена откако ракописот на книгата му го предал на својот уредник, Едуар Леве извршил самоубиство со бесење.

Книгата Автопортрет Леве ја нарекувал „збирка фрагменти“ на еден „книжевен кубист“. Во овој восхитувачки текст Леве сосема отворено го изложува својот живот низ речиси случајна низа од изјавни реченици. Неговото настојување тоа да го направи на објективен начин е толку радикално што личи на операција без анестезија: авторот сурово ја лупи својата кожа за да го изложи пред јавноста своето до тривијалност соголено битие. Левеовата проза на прв поглед изгледа како несентиментална автобиографија која би можела да биде напишана од некаква машина. Но, многу брзо количеството детали, неговиот сув, соголен стил и чудниот прашален тон нè одушевуваат и тераат да се замислиме.

Подолу претставуваме неколку преведени страници од книгата.

(...) Повеќе време би ми било потребно прецизно да го опишам својот живот отколку да го проживеам. Се прашувам дали, како што стареам, ќе станам реакционер. Кога седнувам со голи нозе врз скај, мојата кожа не се лизга туку чкрипи. Изневерив две жени, им признав, на едната ѝ беше сеедно, на другата не. Правам шеги за смртта. Не се сакам себеси. Не се мразам. Не заборавам да заборавам. Не верувам дека постои Сатана. Кривичното досие ми е празно. Би сакал годишните времиња да траат по една недела. Повеќе сакам да се досадувам сам отколку со некого. Лутам по пусти предели и ручам во скромни ресторани. (...) Постојано споредувам. Кога се враќам од пат, најдобриот дел не ми е ниту минувањето низ аеродромот, ниту влегувањето дома, туку возењето со такси кое ги спојува тие два дела: тоа уште е патување, но веќе и не е. Кога пеам фалширам и затоа не пеам. Оти сум духовит, луѓето мислат дека сум среќен. Се надевам дека никогаш нема да најдам уво во поле. Зборовите ми се помили од некој чекан или шраф. (...) Моите родители секој петок навечер одеа во кино, сè додека не набавија телевизор. Го сакам чистиот звук на хартиената кеса, но не и живиот звук што го прави полиуретанската кеса. Ми се случувало да слушнам, но не и да видам, овошка како паѓа од гранка. (...) Никогаш не сум зажалил зашто сум рекол нешто што стварно сум го мислел. Љубовните приказни ми се досадни. Малку зборувам за жените со кои сум, но сакам да ги слушам пријателите кога зборуваат за жените со кои се тие. Еднаш една жена дојде да ми се придружи во далечна држава откако месец и пол бевме раздвоени; не ми недостасуваше; по неколку секунди сфатив дека веќе не ја сакам. (...) Наоѓам нешто пријатно во несреќата на љубовта што се гаси. Не ги делам своите пари со никого. Еден пријател ми обрна внимание на тоа дека делувам задоволно кога гостите ми доаѓаат, но и кога си заминуваат. Повеќе започнувам отколку што завршувам. Полесно доаѓам кај луѓе, отколку што си заминувам откај нив. Не умеам да го прекинам соговорникот што ме нервира. Лапам бесплатно послужување сè додека не ми се слоши. Добро варам. Ги сакам летните дождови. Туѓите неуспеси ме натажуваат повеќе од сопствените. Тешко ми е да разберам кога луѓето подаруваат глупави подароци. Поради подароците некогаш ми е непријатно, било да ги давам, било да ги добивам, освен ако се добри, што е ретко. Љубовта ми пружа огромно задоволство, но ми зема многу време. Како што хируршкиот скалпел ги открива моите органи, така љубовта ме води кон моите други верзии, чиишто срамотни новости плашат. Не сум болен. Одам на лекар најмногу еднаш годишно. (...) Никогаш не знаев што да одговорам кога возрасен човек ме прашува: „Дали е вистина лагава?“ Насила се насмевнував секогаш кога возрасна особа ќе ми речеше: „Иди види дали сум таму“. Татко ми е духовит. Мајка ми ме сака, но ме дави. (...) Еден мој вујко почина од сида брзо откако банкротираше уметничката галерија во која тој беше вложил сè што има. Друг вујко го запознал човекот на својот живот додека бавно го возел својот црвен кабриолет низ Париз; човекот за кого станува збор, унгарски бегалец, бил очаен и бесцелно талкал пред да се убие; мојот вујко сопрел крај него и го прашал каде оди; оттогаш се нераздвојни, само смртта може да ги раздвои. (...) На патувањата самиот си приредувам изненадувања, на пример, во еден миг, сосема неочекувано, одлучувам дека патувањето е завршено. Со диктафон лесно пишувам размислувајќи за нешто друго. Имам напишано бројни љубовни писма, но ниедно разделувачко, тоа му го препуштам на својот глас. (...) Подобро ми е да лежам отколку да стојам и да стојам наместо да седам. (...) Педијатарот кај кого ме водеше мајка ми имаше понижено генерации деца, меѓу другите и мене, со оваа загатка: „Винсент оставил едно магаре на поле и потоа отишол на друго поле, колку има магариња?“, изговарајќи ги зборовиве со еднаков тон, пред да рече: „Има само едно, а тоа си ти“, на оние, односно на сите, кои немаше да одговорат: „Едно“. Имам желба да ги започнувам речениците со „На крај“. Можам да разберам „Тоа е крај“, „Тоа е почеток на крајот“, „Тоа е почеток на крајот на почетокот“, „Тоа е почеток на крајот на почетокот на крајот“, но во „Тоа е почеток на крајот на почетокот на крајот на почетокот“ слушам само вербална бучава. Понекогаш го изнервирувам соговорникот постојано повторувајќи го неговиот последен збор. (...) Ги признавам своите грешки. Не се карам. Никогаш не сум удрил некого. Забележувам дека на париските електронски брави најбрзо се излижува бројот 1. Понекогаш ги вртам соговорниците против себе со одвишни аргументи. Не слушам џез, ги слушам Телониус Манк, Џон Колтрејн, Чет Бејкер, Били Холидеј. Понекогаш имам чувство дека сум натрапник, но не можам да кажам зошто, како некаква сенка да се надвива над мене, а јас не можам да се отарасам од неа. Кога патувам со некого гледам дупло помалку од државата отколку кога патувам сам. Еден мој пријател сака да патува во некои земји на Блискиот Исток каде што нема ништо да се види освен аеродроми, пустини и патишта. Никогаш немам зажалено што сум патувал сам, но ми се случувало да зажалам што патувам со некого. Библијата ја читам таму каде што случајно ќе ја отворам. Не го читам Фокнер, заради преводот. Направив серија монохроматски слики од она што излегло од моето тело или од него израснало: влакна, коса, нокти, сперма, урина, фекалии, плунка, шлајм, солзи, пот, гној, крв. Телевизијата ми е неспоредливо поинтересна кога ќе го изгасам тонот. (...) Не го гледам она што ми недостасува. Имам помалку волја да ги менувам работите отколку да ја менувам мојата перцепција за нив. Правам фотографии зашто навистина немам волја да ги менувам работите. Немам волја да ги менувам работите оти сум најмлад во семејството. Ги сакам познанствата стекнати на пат: кратки и без последици, го имаат занесот на новиот почеток и тагата на разделбата. (...) Кога решавам да фотографирам особа што ја гледам на улица, имам десет секунди да ја забележам, да одлучам да ја фотографирам и да отидам да ја прашам за дозвола, но ако чекам, станува предоцна. Носам наочари. На слаткото во мојата уста времето му минува бавно. Постојат работи кои сè уште не ги знам за себе. Гледам уметност таму каде што други гледаат обични работи. Помеѓу самотијата на мајчиниот стомак и самотијата на гробницата, запознавам многу луѓе. (...) Би сакал да гледам филмови проследени со несоодветна музика, комичен филм со готик музика, детски филм со музика за погреби, романтичен филм со воен марш, политички филм со саундтрек на мјузикл, воен филм со психоделична музика, порнографски филм со духовна музика. Сè помалку се правдам. Плукам откако ќе ја излижам ковертата. Не сакам да умрам ненадејно, туку да посматрам како смртта полека ми се приближува. (...) Подобро се сеќавам на она што други ќе ми го кажат од она што самиот го кажувам. Очекувам дека ќе умрам на 85 години. Толку уживам во ноќното возење лете, под сјајот на месечината, што често се ежам од задоволство. Старите фотографии не морам да ги гледам одблизу оти, иако се во помал формат, деталите на нив се попрецизни и подобро се гледаат. Ако ги занемариме религијата и сексот, би можел да живеам како монах. Моето презиме и име за мене не значат ништо. Ако доволно долго се гледам во огледало, доаѓа моментот кога моето лице веќе нема никаков израз. (...) Читам половина час пред да го изгаснам светлото. Повеќе читам наутро и навечер отколку попладне. Читам без наочари. Она што го читам го држам на 30 сантиметри од очите. Всушност, почнувам да читам после петтата минута. Подобро читам без чевли и панталони. Во вечерите со полна месечина безразложно сум восхитен. Не читам на плажа. На плажа во почетокот се досадувам, потоа се навикнувам и на крајот не сакам да заминам. Девојките на плажа помалку ме возбудуваат отколку тие во библиотека. Ги сакам музеите, особено зашто ме изморуваат. Не предвидувам. Најмногу сакам да пливам во море, потоа во езеро, па во поток, па во базен. (...) Се случува да сфатам дека она што го зборувам е досадно, па одеднаш престанувам да зборувам. Верував дека подобро работам ноќе отколку дење, додека не купив црни завеси. Го користам оклопот на првата школка за да ги извадам сите други. За мене телевизијата е заменлива. Сакам да кажам „џемперче“ наместо „џемпер“. Не знам што повеќе ме загрижува: Ронал Реган, комичар што станал политичар, или Бернар Тапи, политичар што станал комичар. Имав идеја во галерија да приредам изложба на фотографии, која би почнала четвртиот ден по отворањето, поточно поставка која би се состоела од фотографии на посетители фотографирани во првите три дена; значи, тема на изложбата би биле самите посетители. (...) Ако станам рано денот ми делува подолг отколку ако станам подоцна, иако не останувам буден пократко. Пушењето трае предолго. Алкохолот ми помага да заспијам, но не ми дозволува да преспијам цела ноќ. Од алкохолот следното утро ме боли и косата на глава. Повеќе сакам филмови со облеки од иднината отколку филмови со облеки од минатото. Моите идеи повеќе го сочинуваат мојот стил отколку зборовите. Во кола низ шофершајбната го гледам она што се појавува како да гледам снимки од патување. Можеби ја пишувам книгава за веќе да не морам да зборувам. Купив стан од насмеан лопов. Не објаснувам. Не оправдувам. Не класификувам. Одам брзо.


Избор и превод: П. В.

Слични содржини

Книжевност / Живот
Книжевност / Психологија / Живот
Општество / Книжевност / Живот
Книжевност / Живот
Книжевност / Живот

ОкоБоли главаВицФото