Мистериозното исчезнување на младата писателка Барбара Њухал Фолет

30.11.2016 12:50
Мистериозното исчезнување на младата писателка Барбара Њухал Фолет

Фолет на машина за пишување во 1928 година

Доколку не се случеше нејзиното мистериозно исчезнување на 25-годишна возраст, Барбара Њухал Фолет можеби ќе беше моќна книжевна фигура на дваесетиот век.

Што се случило, каква е приказната за младата талентирана писателка?

Приказната за Барбара Њухал Фолет започнува во Нова Англија, за време на една зима во 1923 година. Мало девојче седи само во својата соба, гледајќи низ прозорецот во шумата зад нејзината куќа. Таа е голем сонувач како и повеќето деца, но кога го прави тоа, ова девојче седнува на машината за пишување и пишува. На 12-годишна возраст, Барбара Њухал Фолет го објавува својот прв роман насловен „Куќата без прозорци“, во кој се раскажува за чудата на веќе споменатата шума која е постојана мета на нејзиниот љубопитен и прониклив поглед. Таа се нарекува чудо од дете, книжевна светлина, дух на природата. Тогаш зошто толку малку луѓе слушнале за неа или ги прочитале нејзините ракописи?

Неочекувано, на 25-годишна возраст, Барбара Њуфал Фолет исчезнува без трага.

Откако делото „Куќата без прозорци“ било објавено и проследено со големи признанија, младата авторка била топло препорачувана и барана за објавување на нови книги. Се разбира, не била почитувана од сите критичари. Дел од нив биле крајно вознемирени поради тоа што била објавена и бидејќи имала потенцијал за книжевен успех на толку млада возраст: „Која е цената која Барбара ќе мора да ја плаќа за нејзините „славни денови“ на машината за пишување“ – се прашувала Ана Керол Мур од њујоркшкиот весник Herald Tribune.

Но, Барбара не била особено загрижена околу тоа да има „нормално“ детство. Како и многу други деца кои покажуваат интелектуална надареност или предвременост, се чини дека таа не била заинтересирана за дружење со деца на нејзина возраст. Кога некои од нејзините соученици ја критикувале за она што таа го сметала за забава (нејзиното пишување), таа им напишала писмо објаснувајќи им: „Вам не ви е јасно зошто јас морам да си ја вршам својата работа, бидејќи, во ова време, вие воопшто немате никаква работа“.


Портрет од 1926 година

Во текот на тинејџерските години Барбара продолжила да пишува, но го свртува фокусот на она што го сметала за најпрудентна авантура на својот живот: да биде член на екипаж на брод кој плови до Атлантикот. На 14 години, ја објавува својата втора книга насловена „Патувањето на Норман Д.“ Во тој период нејзиниот татко, Вилсон, ја остава мајката на Барбара за помлада жена. Барбара и нејзината мајка се справуваат со загубата на тој начин што ќе тргнат на патување низ светот, пишувајќи за своите експедиции. Тие ја оставаат помладата сестра на Барбара, Сабра. Сабра Фолет исто така била брилијантна и станува првата жена која била примена и дипломирала на училиштето „Принстон“ во 1961 година.

Барбара и нејзината мајка конечно се враќаат во Њујорк без пари, и Барбара почнува да работи како секретарка, работа која ѝ создавала мизерно чувство. „Моите соништа се соочуваат со мрачни налети“, ѝ пишува таа на својата пријателка. Без нејзиниот татко, кој постојано ја охрабрувал уште од дете, работите почнале да се разнишуваат. Барбара наоѓа нова инспирација во еден млад човек со кого се среќава, по име Никерсон Роџерс. Тие често патуваат заедно низ Апалачките планини и Европа, пред да се венчаат во 1934 година и да се преселат во Бруклин, Масачусетс. Во првите неколку години од бракот, младата писателка била среќна, но некаде околу 1939 година, бракот почнува да се распаѓа.


Книгата „Куќата без прозорци“ објавена во 1927 година.

„На површината нештата се ужасни, ужасно мирни, и погрешни“, ѝ пишува таа на својата пријателка со прилично кобно претчувство. „Сепак, сè уште мислам дека постои можност нештата да тргнат на подобро и да кулминираат со среќен крај. И морам да продолжам да размислувам во таа насока, за да можам да живеам. Можеш да извлечеш какви сакаш заклучоци од тоа!“

Со следното нешто што се случува, без разлика дали таа имала намера тоа да се случи или не, се доаѓа до заклучокот: На 7 декември 1939 година, откако таа и Ник имале караница, Барбара заминала од нивниот стан, боса, со само 30 долари и тетратка. Оттогаш никогаш повторно не била видена, ниту за неа се слушнал некаков глас. Ник не го пријавил нејзиното исчезнување две недели, а кога веќе била на листата на исчезнати, била именувана со нејзиното венчано име, Барбара Роџерс, така што печатот не забележал дека исчезнатата е всушност она талентирано чудо од дете. Сè додека нејзината мајка не објавила нејзина книга во 1966 година, па до печатот стигнува информацијата дека некогашното чудо од дете се води како исчезнато. Барбара е изчезната без трага повеќе од 25 години и никој не знаел ништо за неа.

Фолет, фотографирана во 1929 година, го имала својот прв роман објавен на 12-годишна возраст.

Освен, се разбира, нејзиното семејство. Со текот на годините никогаш не се појавиле никакви знаци поврзани со Барбара, но нејзиниот татко, со кого таа никогаш не се помирила, напишал писмо кое било објавено во весникот The Atlantic, во кое ја моли својата ќерка да се врати дома.

Денес, внукот на Барбара, Стефан Кук, е чуварот на нејзините најголеми мистерии. Тој објави книга со нејзините писма, ја одржува интернет страницата farksolia.org која е посветена на нејзината работа, и се обидува да го одржи жив духот на Барбара Њухал Фолет. И покрај неговото посветено истражување, Стефан признава дека не може со сигурност да потврди што се случило со Барбара, иако тој смета дека голема е веројатноста таа да почнала нов живот некаде на друго место, со нов идентитет. Иако таа можност постои, и е сосема блиска на драматичниот и фасцинантен живот на Барбара, сепак целосно не се вклопува со него.

Медиумското покривање од јуни 1927 година на книгата на Фолет

„Дали и зошто била толку сурова за да не дозволи нејзините мајка, сестра и пријатели да знаат дали е жива или мртва, е добро прашање“ – вели нејзиниот внук, заклучувајќи: „Можеби никогаш нема да дознаеме што се случило со неа . За среќа, таа зад себе остави богатство од писма, раскази, песни, Farksoo (нејзиниот измислен јазик), нејзиниот врвен изгубен роман, „Изгубениот остров“, и нејзиниот глас кој со некаква чудна јасност и чистина сè уште одекнува низ времето.

Извор: www.atlasobscura.com

ОкоБоли главаВицФото