Уметниците Ѓорѓе Јовановиќ и Оливер Мусовиќ учествуваат на меѓународната изложба „Третиот простор (Сè што ни е заедничко)“

23.05.2019 12:02
Уметниците Ѓорѓе Јовановиќ и Оливер Мусовиќ учествуваат на меѓународната изложба „Третиот простор (Сè што ни е заедничко)“

Вчера (22 мај), во Загреб во галеријата „Ринг“- Павилјон Мештровиќ беше отворена меѓународната изложба „Третиот простор (Сè што ни е заедничко)“ конципирана од кураторката Јованка Попова. На оваа изложба која е во организација на Хрватското здружение на визуелни уметници, во партнерство со CreArt мрежата, учестваат и македонските ликовни уметници Ѓорѓе Јовановиќ и Оливер Мусовиќ.

Секоја година, голема групна изложба со дела од уметници од сите градови на мрежата CreArt се одржува во три града. Оваа година, по презентацијата на изложбата во Загреб во септември изложбата ќе се пресели во Франција (Клермон-Феран), а во декември во Италија (Лече).
Кураторка на годинешната европска изложба на CreArt е Јованка Попова од Скопје. Нејзините бројни кураторски концепти и изложби досега се претставени во повеќе галерии во Европа, Азија, САД . Попова е кураторка и на овогодинешниот македонскит павилјон на 58. Биенале во Венеција.

„Третиот простор“ прикажува уметнички практики кои го одразуваат "идентитетот" во однос на заедницата, како синоним за простор на солидарност, споделените колективни искуства или важноста за учество во заедницата. Употребата на терминот солидарност главно се дефинира како манифестација која артикулира заедничко делување, но исто така е поврзана и со егзистенцијална категорија поврзана со ранливоста на човечкиот живот. Затоа, референтните теми на кои реферираат избраните уметници - честопати трагични, културно условени, социјално манипулирани, политички оштетени, паразитски зависни од линија на нестабилни одлучувачки фактори и бирократски структури - ја покажуваат несигурната, прекаријатна природа на модерниот живот.

Мусовиќ на оваа изложба се претставува со серијата фотографии „Место на солидарноста (Градина на заедницата) a Јовановиќ со фото диптихот „Морски статуи“.
Вкупно 15 уметници од 10 градови од мрежата на CreArt се претставени на изложбата.

Сара Алвес (Авеиро), Зак Митлас (Клермон-Феран), Николо Масини (Џенова); Расма Норекуте и Моника Залтаускаите (Каунас), Викторија Хајам (Ливерпул), Рената Пољак и Власта Делимар (Загреб); Валдемар Татарчук (Лублин), Софи Дубоск и Мари Бонами (Руан), Марија Тинауто (Ваљадолид), Ѓорѓе Јовановиќ и Оливер Мусовиќ (Скопје), Самуел Мело (Лече).

CreArt 2.0. е европска мрежа на градови, приватни и јавни културни институции.

Проектот започна во 2012 година со цел да одговори на потребите на европските културни институции, вклучувајќи го и зголемувањето на економското, социјалото и културното влијание на визуелните уметности со цел на обезбедување на подобра поддршка за уметниците и менаџерите во културата.Во рамките на проектот Creart, уметниците имаат можност да учествуваат во уметнички престои -резиденции, изложби, работилници, семинари, конференции и различни форми на обука во која важноста е ставена на вмрежувањето на уметниците и кураторите.