Европска меморија versus бугарска амнезија

15.09.2020 14:57
Европска меморија versus бугарска амнезија

 

Извор: Дојче веле

„Само општеството што памети е способно да се промени", верува Јан Асман, германскиот историчар, еден од втемелувачите на теоријата на културалното паметење. Темелот на Европа како мировен проект во ЕУ е културалното паметење на Втората светска војна и Холокаустот. Паметењето на Втората светска војна во европски контекст, пред сè, значи критичко соочување на секој народ со своето учество во неа. Начинот на кој тој се сочува со тој период е мерката за неговиот европски идентитет. Балканската историја остава зад секоја војна ридишта ненадмината, критички несогледана, табуизирана историја. Балканските нации, иако се декларираат како европски, уште се „национални гета“. Затоа што се „автохипнотизирани“ (Петар Слотердајк) во сопствениот национален наратив. Тие не се во состојба да стапат во вистински еманципаторски европски дијалог за минатото со соседите, во кое, пак, во различни периоди, нивните истории се вкрстувале.

Зошто Балканците го табуизираат минатото? Затоа што нивниот национален идентитет е нестабилен и несигурен. Затоа што тие националните наративи ги гледаат како продолжување на освојувачките војни од минатото со силата на историските митологии. Затоа што балканските наративи се монолошки и исклучувачки, патриотско-милитантни, а миротворни. Затоа што тие ги сакрализираат ослободителните и освојувачките војни. Затоа што со историски ревизионизам се обидуваат да се култивираат во вечни жртви на историјата. Затоа што имаат комплекс на инфериорност во однос на големите европски култури и тоа го компензираат со историска митологија. Балканот е немилосреден натпревар на историски наративи.

Парадоксално, Балканот го табуизира минатото, не памети и заборава, а постојано создава митологија и не живее во реалноста. Балканот регресира и не се менува затоа што се однесува како да има амнезија токму за најтрауматичниот период од европската историја. Затоа балканските наративи не познаваат емпатија за туѓото страдање. Сите се заробеници на своите „маки и страдања“, неспособни да ги раскажат и споделат со другите. Во националните наративи на балканските народи, Холокаустот како да се случил само во Западна Европа. Балканот порадо сака да го увери светот дека во времето на Втората светска војна тој бил „заспаната Трнорушка“, која не знае што направиле „лошите Германци“, додека таа спиела во стогодишен сон. Меѓутоа, за Македонија е особено непријатна амнезијата што владее во Бугарија. Бугарските политички елити, кои во Брисел радо се претставуваат како актери на мировниот процес на Балканот, небаре заборавиле дека бугарската држава беше сојузник на Хитлерова Германија. Во таа смисла, доколку заедничкото соочување на Македонците и Бугарите со историјата би било по европски модел, тоа би требало да започне од најживото трауматично минато - Втората светска војна. Не само затоа што во Македонија и во Бугарија се уште живи сведоците на тоа време, туку затоа што тоа е императив на европскиот идентитет. Бугарија го заобиколува тоа сознание, бегајќи „автохипнотички“ што подалеку од него. Поважно ѝ е чиј е Цар Самуил, отколку одговорот на прашањето како можеше да дојде до тоа бугарската држава да стапи во коалиција со нацистичка Германија. Колкав дел од тогашното бугарско население ја прифатило националсоцијалистичката идеологија? Дали во етнонационализмот на бугарската преживеале остатоци од нацистичката теорија за „расата, крвта и земјата“, затоа што тие можеби никогаш не биле вистински проблематизирани? Колкаво е присуството на неонацизмот во денешна Бугарија?

Ако бугарските политичари и историчари би си ги поставиле тие прашања, ним, за чудо, ќе им стане јасно зошто уште се‘ прашуваат само за тоа чиј е Цар Самуил или Гоце Делчев! Ако европскиот идентитет, според Алајда Асман, се темели во искуството на Втората светска војна и Холокаустот, бугарскиот идентитет уште се темели во Средниот век. Токму во фиксацијата за Голема Бугарија, од која секогаш одново се раѓала желбата да се врати изгубеното во Балканските војни, се сретнале германскиот националсоцијализам и бугарскиот етнонационализам. Тој постои од формирањето на кнежеството Бугарија по Берлинскиот конгрес. Тој беше причината, бугарската власт во Македонија во Втората светска војна да се однесува слично на германскиот антисемитизам во однос на Евреите. Тоа е историското паметење со кое денешните бугарски политичари и историчари одбиваат да се соочат. Меѓутоа, кога едно општество има амнезија, историјата која се потиснува никогаш нема да замине. Само што тогаш историјата нема да биде критичка свест за учеството на својата држава во еден мрачен период, од која се раѓа одговорност за иднината и за демократијата, како што е, на пример, во Германија.

Историјата на Втората светска војна, која бугарските политичари ја табуизираат, од 2003-тата секоја година маршира на софиските улици. По углед на ноќните маршови со факли во Нирнберг во Хитлерова Германија, во Софија секоја година се одржува „Луков марш“. Со него се слави смртта на бугарскиот генерал Христо Луков. Тој од 1933-тата бил водач на партијата Сојуз на бугарските национални легионери, а од 1935-тата воен министер. Тој уште пред Втората светска војна бил поврзан во водечки личности во нацистистичка Германија. Националсоцијалист и антисемит по уверување, Луков активно учествувал во спроведувањето на Холокаустот во новоокупираните теритотии во Македонија, Пирот и Тракија. Бугарските неонацисти ја величаат смртта на генералот, кој 1943-тата бил убиен од двајца комунисти, како жртва на коминизмот, за да го прикријат „скандалот“ во неговата биографија - неговата нацистичка историја. Колку и да се трудат со тој трик да го „маскираат“ неговото нацистичко дело, тоа се пројавува во живата сценографија на маршот. На него маршираат неонацисти во нацистичката историска униформа на генералот Луков. Секоја година на „Луков марш“ учествуваат неонацисти од Германија и од цела Европа. Како може тогаш бугарските политичари да се повеќе загрижени да ја докажат „вистината” за македонскиот идентитет и македонскиот јазик, а помалку за призракот на стариот нацизам во денешна Бугарија? Не ги навредува ли фактот што „Луков марш“ секоја година придонесува Софија во европската јавност да се доживува како сцена на европското неонацистичкото движење?

Посветеноста на бугарските политичари на „македонските работи“ е симптом на нивната амнезија на Втората светска војна. Тоа, пак, открива дека нивната амнезија е фукнционална. Доколку пред да се соочат со Втората светска војна и окупацијата на Македонија, тие успеат да докажат дека „Македонците пред 1945 биле Бугари“, тогаш тие пред европската јавност ќе имаат оправдание да не се соочат со Холокаустот на Евреите во Македонија. Ќе им го припишуваат, како и досега, на „лошите Германци“, а тие ќе останат „ослободители на исконските бугарски земји“. Според буграските политичари и историчари, цела Бугарија е жртва на комунизмот, кој од „Бугарите направил Македонци“. Култивирајќи се себеси во жртва, бугарската историографија го прикрива вистинскиот „скандал“ во својот историски наратив и национално културално паметење – Втората светска војна и Холокаустот. А тој е длабоко поврзан со Македонија!

Ова го демаскира однесувањето на бугарските политичари во ЕУ, кои, наместо со Втората светска војна, се занимаваат со македонскиот јазик, како длабоко антиевропско. Тие го игнорираат императивот на „второто втемелување на Европа“ (Алајда Асман) во критичкото соочување со Втората светска војна и со Холокаустот. Тие не се осочуваат критички со улогата на бугарската држава во Холокаустот. Тие одбиваат да „паметат“ што се случувало во Македонија, во Пирот или во Тракија кога бугарската армија, во сојуз со нацистичка Германија, ги анкетираше овие териотории и ги прогласи за „нова Бугарија“ или „ослободени бугарски земји“. Тие не се соочуваат критички со улогата на бугарската власт во Холокаустот на Евреите во Македонија. Тие го слават фактот дека не загинал ниту еден Евреин од „стара Бугарија“, а го табуизираат фактот дека не преживеал речиси нуту еден Евреин од „нова Бугарија“ – Македонија, Пирот и Тракија, само за да не ја прифатат сопствената вмешаност во Холкаустот. Се‘ додека го чинат тоа, тие не се способни за вистинска европска одговорност за иднината на демократијата на Балканот и во Европа.

Доколку бугарската историографија не се соочи критички со „наследството“ од Втората светска војна, „мрачните периоди“ од минатото ќе се појавуваат и понатаму како ноќни маршови со факли. Оваа чудна констелација на табуизирање на „мрачната историја“ на Бугарија од страна на официјалната политика и марширањето на „маскираното“ минато на улиците на Софија, потврдува дека тоа паметење е уште живо, но дека е потиснато во свеста на денешните Бугари. Бугарија го знае патот и моделот за да се соочи со него и да го надмине. Само тој е вистинскиот пат во Европа и во новиот европски идентитет.

 Слики: Sebastián Guerrini