1031 hPa
71 %
8 °C
Скопје - Чет, 07.11.2024 17:59
Еве еден мој обид за аналитички белешки во однос на очекуваното вето против С. Македонија од наша страна. Ги следам внимателно интервјуата, позициите, текстовите и тука намерно се обидувам да искажам неискажани или ретко кажувани тези/размисли, без да ги пренебрегнувам другите моќни анализи и позиции.
За Бугарија:
Целата работа има внатрешно-политичко потекло, таа е насочена за домашна употреба; надворешно-политичкиот инструмент – ветото – навистина е „инструмент“, но тој ги доведува во заблуда сите со својот „ефект“ и, на крајот, С. Македонија е најмалку интересниот и важен елемент.
Како и во секоја историска фантазија, главниот лик е раскажувачот! Практично, тука „надворешната политика“, едноставно, е последица на домашни фантазии и оргазми, кои имаат битова-претшколска основа. Ветото е надворешно-политичка последица на внатрешно-политичка несигурност, изродена од типичното за Бугаринот вљубување во позицијата на историски губитник. Златомир Златанов на едно место вели: „Бугаринот се гордее со истетовираните историски рани“. Од тие тетоважи владата денес сака да направи фреска.
Значи, не станува збор само за тоа дека ни претстојат избори. Овој избор на Бугарија е направен, но не толку одамна. Тој има корен во живковизмот и нашата историска школа, во голема мерка поврзана со Александар Брмов во Институтот за историја на БАН. Тука повторувам многумина, но важно е да се каже дека за разлика од целиот ГЕРБерски (но и универзален за бугарската транзиција) антикомунизам, очигледно е невозможно да се разделиме само со комунистичкото трансисториско лудило на историографијата. Тоа е историско училиште не постаро од две генерации, старо приближно 60 години. Ова е занемарливо краток период на историографски заблуди и фантазми, ако размислуваме за историски корекции и општи компромиси. Не случајно Бугарската академија на науките толку жестоко брани една псевдо-палеоархеолошка позиција за јазикот; не случајно, ТАА книга на БАН беше веројатно првиот бестселер на оваа институција од почетокот на транзицијата (ја видов со свои очи во рангирањето на една онлајн книжарница). Свртувањето кон националистичката историја на Живков е, едноставно, одраз на растечкиот етнокомпензаторски неуспех на политиката на „социјализмот во една земја“ од времето на СССР – тоа не е многу сложено! Во практика, денешното вето е далечен одраз на политиката на социјализмот во една земја. Захариева и нејзиниот тим, претседателот, премиерот и сите тие, всушност, ја бранат токму оваа политика преку ова елитно вето, неразбирливо за светот. Но, никој нема да седне да ја проучува оваа генеза, и така треба во еден нормален свет на политиката.
Оптимизмот дека „ова не е бугарска позиција“ – една позиција која навистина сака да нè отсрами, позиција што сугерира дека постои едно „тивко мнозинство“ (либерално клише кое добронамерно се обидува да ја пренапише реалноста) – е прилично измислена, неодржлива и посакувана. Напротив, тоа е токму бугарскаТА позиција а приори – има едно тивко (бугарско) малцинство, кое медиумите со сите сили го замолчуваат (ова се виде синоќа [17.11.2020] на „Референдум“ на БНТ, но тоа е јасно многу месеци, а за некои од нас - со години). Јас самиот не се сметам за тивок, но тоа се разбира нема никаква важност.
Захариева самата ќе се претвори во смеурија на Борисов - како што знаеме, тој е безкичмест, црна политичка дупка, и секој станува жртва на неговото скршено нишало. Релативно наскоро компромис ќе се најде, никој нема да биде среќен од него, но многу брзо Захариева ќе згасне од небото украсено со етикети како „железна лејди“ – тоа ќе биде шега, а не ГЕРБерско кредо.
Борисов најверојатно се приготвува за фин излез од политиката следната година и нема да сака да биде запаметен како разединител на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, откако (без никаква основа) се обиде да стане лидер во оваа насока за време на претседателството во 2017 година. Токму затоа, дури и без голем притисок од Германија и ЕУ, тој ќе сака да го пренепише своето наследство и ќе ја фрли Захариева во буништето на историјата.
Каракачанов и компанијата се во креативна паника: ВМРО за прв пат од 1990 година, откако се здоби со имот на улица Пиротска, имаат шанса да ги изнесат муабетите од канцеларијата на најгорниот кат на меѓународна сцена. Се разбира, ова бара одредена маалска дрскост, а во оваа канцеларија го има претежно токму тоа. Сепак, ќе се осмелувам да шпекулирам дека меѓуинституционалниот консензус во корист на ветото не е придвижен од улицата Пиротска; тој е одгледан во историската епрувета на бугарското историско образование, консензусот не доаѓа само од уценувањето на Каракачанов на коалицискиот партнер, тој е „органско“ и спонтано единство на инаку разновиден тип на национал-параноици.
Ова е идеалниот момент за вакво вето – состојбата во Унијата е толку страшна, што тоа го дозволува без никакви непосредни проблеми. Токму во моментов ЕУ, дури и претседателството на Германија, може сосем рамнодушно да го проголта овој дипломатски куриозитет токму како незабележителен каприц на дечињата што си играат во задниот двор на ЕУ. Да не спомнувам дека Захариева во одреден степен му прави услуга на Макрон. На крајот на краиштата, на кој голем политичар му е гајле за инфантилните преправања на политички недоносените луѓе, кога ЕУ е растргната меѓу превласта на Орбан, Качински и пандемијата? Цената на блокираната интеграција на Западен Балкан во моментов е лесно исплатлива; Захариева и компанијата многу добро допреа до духот на времето, но едноставно не ќе има кој да го запамти нивното неосновано „херојство“ - едноставно затоа што тоа има вредност најмногу за необразованиот и самозаслепен бугарски национал-шовинизам. Со други зборови, повторно - за внатрешна употреба.
За С. Македонија:
Македонците го истрпеа малтретирањето на Грција толку години, нас ли нема да нè преживеат? Овој процес веројатно нема да трае подолго од уште една бугарска влада. Дури и ако ова вето временски опстојува и ако ЕУ нема процедурални механизми за отстранување на Бугарија од процесот (во што се сомневам), ништо не ги спречува Македонците да продолжат самостојно да ги исполнуваат преговарачките поглавја според планот, за да можат да надоместат откако ќе отпадне бугарскиот фактор, а ова ќе се случи порано или подоцна или преку компромис, или без него. Историјата оди напред и во тој поглед (иронично наспроти посакуваниот ефект) еманципацијата на С. Македонија од нејзиното „бугарско минато“ и „заедничката историја“ ќе ја придвижи напред кон ЕУ со разуверениот менталитет на „поголеми светци и од папата“.
По само околу еден месец веќе никој нема да се занимава со Бугарија во С. Македонија. Ние не сме и ќе продолжиме да не сме фактор во животот на Македонците, особено по ветото. Патем, ова ќе беше така дури и без ветото; вистината е дека во С. Македонија има релативно мало малцинство луѓе свесно ориентирани кон Бугарија, чија снобовско-демографска карактеристика ги навестува нивните склоности кон една внимателна, но засега неефективна бугаро-интеграција. Но, масовно движење кон „бугарофилија“ нема и нема да има, не само поради Коридорот 8, туку најмногу затоа што (еден пример) бугарските дипломати и културни аташеа во Скопје не зборуваат македонски - и немаат намера (и никогаш немаа) да го научат. И воопшто, очекувањето да има некаква „бугарофилија“ е повторно внатрешнополитичка фантазма – никој самосвесен човек не разбира како така одеднаш треба да почне да сака некого кој до неодамна не го познавал. (Впрочем, каков срам ме фаќаше во Скопје на настани организирани од Бугарскиот културен центар, не можам да ви опишам. Патем - БКЦ има фантастична зграда, дури и библиотека, но никој не оди во неа - за разлика од КИЦ во Софија, кој дури и во времето на Груевски имаше исклучително богата културна програма и постојана публика.)
Веројатно ќе има посилна интеграција и приближување помеѓу Албанија и С. Македонија, како своевремен ефект на отуѓувањето од наша страна. Но, тие и онака веќе се во „балкански Шенген“. Идејата за „голема Бугарија“ може најмногу да прерасне во „голем балкански Шенген“. ЕУ е во жална состојба и никој нема да чека ниту ЕУ или Бугарија да се соземат; ветото е шанса за С. Македонија да го разбие клишето дека балканската солидарност е секогаш и само инат на некој друг.
Т.н. пробугарски Македонци во Северна Македонија ќе продолжат да бидат невидлива и срамежлива група. Тоа е донекаде тажно, но всушност не би се променило радикално дури и при друг тек на работите. Семејните приказни и „бугарофилијата од уста на уста“ се дел од менталниот живот на значителен дел од Македонците, да, но овој сентимент никогаш нема да се трансформира во политички или социо-културен естаблишмент и тоа е нормално. Дури и во најоптимистичкото сценарио, бугарската самосвест за еден Македонец значи едноставно алтернативна форма на македонски патриотизам [на бугарски – родолюбие], а не, како што замислува Каракачанов, несопирлива анексија и создавање на Голема Бугарија. А потоа „Западните покраини“ нека му мислат.
За разлика од пост-транзициската шизофренија на бугарската историска наука, во С. Македонија југословенското наследство ја поддржува словенската самосвест и етногенеза. Дури и забавниот парк на Груевски „Скопје 2014“ и збратимувањето со Хунзите не успеаја да го избришат генералниот научен (научен, а не популистички) консензус за општословенските одлики на македонското потекло. Но, сепак, врз кои основи ова бугарско вето адутира со бугарската историска наука, со оглед на тоа што веќе 30 години ние кај нас не можеме да се разбереме дали сме Персијци, Татари, Монголоиди, Хазаро-Аријци итн.; како, во целата оваа плуралистичка турлитава од идентитети, во која Ави-Тохол и ТАНГРА ТанНакКра имаат иста тежина како учебниците на Министерството за образование и наука, еден Бугарин кој се смета себеси за политички нормален и историски образован, легитимно ќе застане зад барањата на владата кон С. Македонија? Искрено, да бев во позиција на просечен историски губитник кој ја поддржува Захариева, барем ќе се обидев да имам солидна етногенетска теза. Барем да споделувавме заедничка словенска теза, а дури и тоа го немаме. Но, важно е да имаме „историски плурализам“, бидејќи инаку, како Бојко ќе ве спаси од комунизмот? Секој нека си биде Орфеј, Тангра и Атила индивидуално, важно е да нема комунизам и Тито!
Наследените социјалистички елити во Скопје не се вознемирени. Смирете се.
18.11.2020.
Слики: Waldemar von Kazak
УШТЕ: Интервју на Ирина Недева со Станимир Панајотов за програма „Хоризонт” на Бугарско национално радио од 19.11.2020.
Станимир Панајотов е постдокторант во Центар за академски истражувања – Софија. Тој е и визитинг професор во Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје.