Проектот „Домашна работа, наша работа“ на Кристина Божурска избран на конкурсот на КСП „Центар - Јадро“

24.03.2021 13:56
Уметничкиот проект „Домашна работа, наша работа“ на Кристина Божурска избран на конкурсот на КСП „Центар - Јадро“

По распишаниот отворен повик за реализација на партиципативен уметнички проект, Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“ соопшти дека е селектиран проектот „Домашна работа, наша работа“ на Кристина Божурска. Авторката ќе го развива својот проект во наредните неколку месеци и ќе го претстави во просторот на „Центар-Јадро“ кон крајот на јули 2021 година. Во текот на својата работа таа ќе соработува со реномираниот куратор од Словенија, Теуш Логар. Проектот е финансиски поддржан од Швајцарската амбасада.

Кристина Божурска дипломира сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2008 година, a во 2017 магистрира на Институтот за културолошки студии во Скопје, фокусирајќи се во своето истражување на социјалните практики во уметноста. Во своите дела таа користи мноштво техники и материјали, вклучувајќи готови предмети, сликарство, цртеж, текст и видео. Суштина на нејзината практика е социо-политичкиот контекст, каде што преку изборот на материјали и визуелни референци директно ги коментира актуелните проблеми. Честопати тргнува од отфрленото, непотребното, заборавеното, во обид да го помести фокусот на опсервација и да го преиспита доминантниот консензус.

Божурска имала самостојни изложби во галерија „Уна“ во Бјаред, Шведска; Мала станица, МКЦ и СИА галерија, Скопје; „Прима галерија“ Берлин; и во Куманово. Учествувала на многубројни групни изложби и видеофестивали во земјата и во странство.