ЕУ СЕ ПРЕМИСЛИ: Вратете си го името и ќе ве примиме во унијата

13.05.2021 16:10
ЕУ СЕ ПРЕМИСЛИ: Вратете си го името и ќе ве примиме во унијата

  
  Откако неодамна нѐ пресече со изјавата дека земјава нема да стане дел од ЕУ додека не го реши спорот со Бугарија, еврокомесарот Вархеји денес ни влеа нова надеж за брз влез во европското семејство.

Имено, тој во своето обраќање до Владата и граѓаните на Нашата земја, објасни дека по направените анализи, Европската комисија заклучила дека ако се чека решавање на спорот со Бугарија, во најдобар случај земјава ќе добие датум за преговори во 2051, па затоа ни препорача да си го вратиме старото име ако сакаме европска перспектива.

- Не сакаме да бидеме лицемерни и да ви даваме лажна надеж дека со новото име ќе ве примиме побрзо. Нам ни се потребни стабилни и достоинствени членки, а не држави кои попуштаат под притисок. Па ви се молам, во 21 век некој да ви кажува како да се викате е навистина апсурдно! Каде го има тоа? Вратете си го старото име и вратите ви се отворени – рече еврокомесарот Вархеји.

Тој додаде дека и кога се менувало името, заедно со колегите од ЕУ, сакале да интервенираат и да спречат потпишување на договор кој само ќе отвори повеќе спорови, но како вистински Европјани, решиле да не се мешаат во внатрешните работи, туку да го кажат своето мислење три години подоцна.

Извор: Кооперација