1016 hPa
87 %
11 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 05:59
„Што к.. мешаат политика и музика?
А не се разбираат ни во едното ни во другото“
(Игор Џамбазов, „Прирачник за антиалкохоличари“, 2011)
Се сеќавате ли на изборната кампања „Каква е оваа ситуација?“ и мотото „Само малите риби пливаат во јато“ на „македонскиот шоумен“ Игор Џамбазов во турбулентната 2002-ра? И покрај својата телевизиска слава како водител на „Супер бинго“, и покрај тоа што зад него на листата стоеја добро познати газди, шоуменот не доби ни половина од потребните гласови за да стане пратеник, па 15 години подоцна резигнирано изјави: „Политиката е за луѓе што не се разбираат како луѓе“.
Се разбира, Игор Џамбазов не е ни прв ни последен актер и пејач што дал свој придонес за естрадизација на политиката. Долга е листата на познати актери, шоумени и пејачи што успеале во политиката. Во САД се најпознати Роналд Реган (гувернер на Калифорнија и претседател), „терминаторот“ Арнолд Шварценегер (гувернер на Калифорнија), шоуменот Џери Спрингер (градоначалник на Синсинати), Клинт Иствуд (градоначалник на едно мало гратче во Калифорнија), но и бизнисменот шоумен Доналд Трамп (кој прашање е дали ќе станеше претседател ако не беше познат по неговото шоу и фразата „ти си отпуштен“). И во други земји има славни актери и забавувачи што станале познати политичари: Ева Перон во Аргентина, браќата Качински во Полска (ѕвезди на детски филм), комичарот Владимир Зеленски (во Украина, каде што и евровизиската ѕвезда Руслана стана пратеничка). Комичарот Џими Моралес стана претседател на Гватемала со слоганот „Ниту корумпиран ниту крадец“, а ја напушти функцијата со големи коруптивни скандали. И шоуменот Слави Трифонов доби прв мандат за составување влада, но неговата футуристичка понуда за македонски астронаут во вселената не доби поддршка. Сепак, најинтересна политичка понуда имаше поранешната порно-ѕвезда Чичолина, која како италијанска пратеничка во 1991 година понуди да има секс со Садам Хусеин, само за да има мир во регионот.
Кафеана „Македонија“ – колку пари, толку музика
Естрадизацијата на македонската политичка сцена не е нов феномен, најмалку во контекст на локалните избори. Познатиот музичар-хармоникаш Јове Кекеновски стана прво потпретседател на Собранието на Град Скопје (1991 – 1993), а потоа и градоначалник (1995 – 1996). Тогаш, во колумна „Кафеана Скопје“, Горан Михајловски ќе напише за градоначалникот музичар и за угостителот претседател на Извршниот одбор Љупчо Николовски Фуфо: „Кекене и Фуфо, како хармоникаш и кафеанџија, ќе бидат прекрасна комбинација. Има кафеана, има музика“. Личноста Фуфо не стана градоначалник во 1996 (со слоган „гласајте за личност, а не за боја“), но неговата визија „најмногу од сѐ би направил Вардар да е пловна река“ одекнува и денес.
Има и други многубројни примери за естрадизација на политичката сцена кај нас. Актерката Биљана Беличанец стана градоначалничка на Кисела Вода во 2013 година, а актерката Јелена Жугиќ е советничка во Град Скопје. Претходно, актерот „комедијант“ Благоја Чорески беше заменик-министер за култура (1998 – 2000), како и претседател на Собранието на Град Скопје (2005 – 2008). Го паметиме актерот Крсто Јовановски како пратеник, но и пејачката Есма Теодосиевска Реџепова како советничка во Град Скопје. Оперскиот пејач Игор Дурловски прво насилно влезе во Собранието на 27 април, а потоа стана и носител во изборна единица и пратеник, па си поднесе оставка од „пратеничката фотелја“. Познатиот шоумен Раде Рогожаров беше кандидат за градоначалник на Штип на Лигата за демократија во 2005 година. Актерот Владимир Талески „Двојче“ неколкупати беше градоначалник на Битола – сега е првостепено осуден на затворска казна за проневера, а се соочува и со нови обвиненија за незаконски јавни набавки. Естрадни квалитети има и битолскиот бодибилдер Зоран Лазаревски – Паљо, кој сега објави дека повторно собрал потписи за независен кандидат за градоначалник. Во 2013 година, политичкиот егзибиционист Паљо не влезе во втор круг, па ги повика неговите гласачи да му дадат доверба на Двојче – иако му беше омилена мета за естрадно препукување во кампањата.
„Паљовизација“ на локалните избори 2021
Естрадизацијата на општеството – претворањето на културата, медиумите и политиката во „шоу бизнис“ – е процес што не треба да се потценува, како ни естрадата – вносен бизнис со свои ѕвезди, менаџери и бизнис-интереси. За естрадизација, тривијализација и „паљовизација“ на локалните избори 2021 несомнено ќе придонесат и кандидатите за градоначалници на Скопје – актерот и музичар Петар Георгиевски – Камиказа и пејачот Бени Шаќири, како и кандидатот за градоначалник на Куманово – актерот и шоумен Тони Михајловски – Шанац. Она што им е заедничко на тројцата кандидати е дека и досега имаат активно учествувано во политички кампањи. Петар Георгиевски веќе јавно се пофали дека тимот од неговата фирма имал изработено кампањи на Сали Бериша, Ругова, Васил Тупурковски, на Бранко Црвенковски, на Љубчо Георгиевски… Бени Шаќири редовно настапуваше како пејач на изборните кампањи на СДСМ, а и на митинзите на претседателската кампања на Стево Пендаровски. Тони Михајловски има учествувано на митинзите во претседателската кампања на Љубе Бошковски во 2009 година, на митинзите на „Обединети за Македонија“ во изборната кампања во 2011 година, а подоцна и на предизборните митинзи и конвенции на ВМРО-ДПМНЕ.
Друго нешто што им е заедничко на Бени Шаќири и на Петар Георгиевски е тоа што упорно се претставуваат како независни и непартиски кандидати, иако се кандидати на политички партии што не собираа граѓански потписи. Бени Шаќири дури и јавно кажа „никогаш и не ме занимала, и ден-денес не ме занима политика“, a Петар Георгиевски – Камиказа неколку денови пред да ја објави партиската поддршка од Левица, објавуваше статуси против „партиската багра“. Овој „естраден“ политички маневар на глумење независност и непартијност го применува и кандидатката Данела Арсовска, која првично, од партиски извори, беше најавена како „можен кандидат за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ“, потоа собираше граѓански потписи, а сега е редовна гостинка на партиските митинзи на ВМРО-ДПМНЕ.
Политичката естрадизација се потпира на политички егзибиционисти како понуда за политичките воајери, наместо конкретна понуда на политики и програма за дејствување на локално ниво. Естрадизацијата е симптом за недостиг на соодветна политичка понуда од партиите кои нудат кандидати со естрадни вештини за комуникација со гласачите.
Но, дали естрадните техники на комуникација со гласачите се ефективни во македонскиот политички контекст? Во 2011 година бевме сведоци дека естрадната кампања „Ни змија ни магаре, туку ЛДП“ доживеа фијаско уште при првото оро во Кратово. Ниту виралните видеа со танчарски способности не ѝ помогнаа на Гордана Силјановска да стане прва жена претседателка на државата во 2019 година. Ниту мегапопуларноста на Игор Џамбазов додека го водеше „Супер бинго“ не му помогна да стане пратеник во 2002 година.
Дали естрадизацијата ќе им помогне на кандидатите за градоначалник на Град Скопје? Малку веројатно, затоа што Градот Скопје не е ниту рок-бенд, ниту театарска или концертна бина, ниту музичка продукција, ниту пак естрадно шоу, ниту услужна комора! Во борбата за градоначалник, скопјани очекуваат конкретни политички понуди и програми, наместо „естрадни ѕвезди“ кои уште во првите настапи покажаа дека не се разбираат ни од политика ни од надлежностите на градот. А и Македонија не е ниту Бугарија, ниту Украина, па мали се и очекувањата дека некој ќе профитира од политичката естрадизација, како што тоа го направија Слави Трифонов или Владимир Зеленски.
Слики: Victor Fota
Извор за текстот: Слободен печат