Мачно е тоа

20.04.2022 15:22
Мачни толкувања

Фотографиите се од уметничка инсталација на Оливера Парлиќ.

Го читам она што обично не би го читал, за да разберам. Така, на пример, го читам насловот „Храбро е да се биде на страната на Украина, а чесно е да се биде на страната на Русија“. Или нешто слично. Како би требало ова да се разбере? За храброст честа не е неопходна, а чесноста не бара храброст – тоа е единственото толкување. Ако тоа е пораката, во Србија има, ако добро разбирам, голем број чесни кукавици и мал број нечесни херои. А голема е веројатноста, имајќи предвид дека официјалната политика е незаземање страна, дека не недостасуваат ниту нечесни кукавици. Се разбира, ако во секој случај се мисли дека чесните луѓе се храбри, а храбрите – чесни, тогаш кажаново нема смисла, иако и натаму останува заклучокот дека луѓето што ја одредуваат и следат официјалната политика немаат ни чест ни храброст.

Друг пример наоѓам во изјавата дека, ако зборуваме искрено, овде се работи за „војна меѓу Русија и Западот, каде Украина е колатерална штета“. А Украинците се, претпоставувам, колатерални жртви. Иако тие се оние на нишан, а не Западот. Но, колатералните жртви се невини жртви и ако се на нишан на агресорот со намера да бидат убиени, тогаш се работи за воено злосторство. Зашто, не се нишани Западот кој ги истури Украинците како штит, туку се нишанат Украинците, со цел да се убијат. Западот, се разбира, си е тука и може непосредно да се нападне, ако навистина се работи за војна против тој Запад. Или, ако всушност намерата е да се рече дека Украинците се борат за тој Запад, тогаш тие во никој случај не се колатерална штета. Но, со оглед дека последново не се изрекува, веројатно зашто е очигледно бесмислено, бидејќи тие се борат за сопствената земја, иако можеби сепак се сака истото да се сугерира, тоа што навистина се вели е бесмислено.

Најмногу се пишува, а уште повеќе се говори, за лицемерието, во што предничи Вучиќ, иако веројатно Дачиќ е поелоквентен во некоја смисла на зборот. Нам ни велат – така обично оди приказната – да се определиме против оние што ја бомбардираат Украина, а тоа ни го велат оние што нè бомбардираа нас. Бомбардиравме и ние, додуша, би можеле да речат, но не велат така – но да го оставиме тоа настрана. Токму тоа што оние кои ни велат да го осудиме бомбардирањето го бараат од нас, ги прави лицемери. Ова го повторуваат многумина. Но, како може да се лицемерни луѓето што не ги осудуваат оние што нè бомбардираа, но ја осудуваат Русија кога ја бомбардира Украина, а ние да не сме лицемерни кога ги осудуваме оние што ни фрлаа бомби, но не ја осудуваме Русија кога ја бомбардира Украина?

Можеби намерата е да се каже дека жртвите можат да бидат лицемерни, но тоа не е во согласност со реторичката цел да се нагласи колку се другите лицемерни, а ние не. Е, тоа нема смисла. Инаку, се вели дека е на место да се биде лицемерен, а тоа всушност не е намерата, туку е намерата да се изрази праведен презир кон лицемерите. Се разбира, оние што нашето згрозување пред лицемерието го сфаќаат како лицемерие се автошовинисти.

Мачно е тоа.

Извор: Pescanik
Превод: Ф.К.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото