Психологизацијата на политиката и есенцијализацијата на нациите ја елиминираат самата политика

20.04.2022 00:22
Психологизацијата на политиката и есенцијализацијата на нациите ја елиминираат самата политика

Медиумското следење на војната во Украина е тема речиси колку и самата војна. Во тоа нема ништо чудно зашто и медиумската обработка на војната е дел од самата војна: од најочигледната пропаганда до навидум чисто техничките постапки за обработка. За медиумската рефлексија за сопствената улога придонесува и агилноста на социјалните мрежи во комуницирањето за воените настани. Војната веќе се нарекува „Тик Ток војна“ и прва војна во историјата која пресудно е обележана на социјалните мрежи. Во подлогата на таквите епохални пресуди лежи заборавот на војните на Блискиот Исток, иако на страницата на истите глобални и угледни медиуми можеше да се чита за снаодливите тактики за користење на социјалните мрежи во режија на ИСИС.

За разбирање на воените случувања не придонесуваат само медиумските одлуки за тоа кои се веродостојни извори, кои се упатени аналитичари и кои се фаворизирани политичари. Пресудна улога има и избраниот начин на известување. Под начин на известување пред сè мислиме насловите, наднасловите, поднасловите и егидите кои наметнуваат рамка, диктираат емоционални реакции и пружаат ад хок поддршка за креирање инстант ставови. Веројатно најизлитената аналитичка метафора во последниве дваесетина години е онаа на политиката како реално шоу. Таа дефинитивно има упориште во хипермедијатизираната политика која се откажала од претставување на колективните интереси и која ја насочуваат Пи Ар стручњаци, а не потребите на општествената база. Но, употребата на метафори почесто претставуваше аналитичко алиби отколку почета точка за анализа на новите трендови. И покрај потрошеноста, метафората во случајот на медиумското следење на војната во Украина функционира: токму затоа шо не е метафора. Имено, споменатиот начин на известување потсетува на известувањето од реалните шоуа.

Со цел привлекување на вниманието на читателите и, посредно, парите на огласувачите, на порталите наидуваме на наслови како „Москва остана шокирана“, „Вашингтон нема повеќе да го трпи тоа“, „Украина нема да го премолчи тоа“, „Кремљ го кажа своето“, „Киев е разочаран“... Таквите наслови како да се копирани од извештаите за вчерашните збиднувања во куќата на Големиот брат или Фарма, кои ги нагласуваат емотивните реакции или потези на ликовите кои донесуваат нови заплети. Таквиот пристап освен што ги сведува комплексните општествено-политички процеси на драматургија на сапуница, длабочински ги обликува иницијалните рефлекси кога се во прашање општествените ентитети како нацијата или процедурите како демократијата. На пример, тоа е најевидентно во метонимиското лизгање горе-долу помеѓу називот на државата, главниот град и резиденцијата, Белата куќа или Кремљ. Лизгањето сугерира проточност помеѓу називите, а со самото тоа и на политичкиот континуитет кој имплицира хомогеност на нацијата, што потоа дополнително се потенцира и со формулациите според кои цели нации мислат или чувствуваат: „Русите сметаат дека...“ или „Украинците чувствуваат...“.

На ваквиот вид проблематизација на известувањето можат да му се спротивстават два, навидум здраворазумски приговори. Првиот би се засновал на одбрана која вели дека едноставно се работи за економизација на изразот и дека не е можно секогаш да се внесува некаков вид дисклејмер или нијансирање. Тој приговор начелно е точен, но занемарува нешто важно, а се однесува на медиумскиот контекст во кој се случува метонимиското лизгање: ако тој е обележан со психологизација и емоционална бременитост тогаш учиноците не се исти како во некој студен, аналитички текст. Вториот би се однесувал на воениот контекст и би го оправдувал лизгањето со фактот дека во војна нациите се политички похомогени, дека централизацијата на управувањето е поизразена и дека едноставно има помалку простор за нијансирање. И тој приговор начелно е точен, но е политички спорен: токму медиумите во период на хомогенизација и централизација би требало да ги превенираат и санираат сите негативни последици на таквите трендови. На пример, може многу лесно да се лизне од потребната или привремено исправната хомогенизација во онаа која го санкционира секое опонирачко мислење.

Проблемите и последиците се пошироки од непосредните. Психологизацијата на политичките одлуки и есенцијализацијата на нациите кои се неминовни производи на ваквото известување, за почеток, пресудно ја уништуваат политичката писменост. Впрочем, тие ги поедноставуваат историските процеси и политичко-економските односи. Причините за конфликт дополнително ги пакуваат во лесно сварлива драматургија која ги ограничува политичките опции во иднина.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Nikita Teryoshin

Извор: https://www.bilten.org/

Слични содржини

Општество / Став
Општество / Активизам / Свет / Теорија
Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото