Нуркачката која се спушта во морето во единствен здив

08.02.2022 00:45
Нуркачката која се спушта во морето во единствен здив


Пред десет години, Австралијката Амбер Бурк била во своите рани 20-ти години и на пат низ Египет кога открила нешто зачудувачко за своето тело. Во едно мало село на полуостровот Синај наишла на место каде што се учело „слободно нуркање“ - подводно нуркање без никаков апарат за дишење - и решила да се обиде.

„Го задржав здивот четири минути и нурнав до 18 метри“, вели Бурк, која е актуелна шампионка на Австралија во слободно нуркање во базен и во длабочина. „Дотогаш не знаев дека тоа е можно“.

Бурк во тинејџерските години била шампионка во синхронизирано пливање, па веќе знаела дека можела да го задржи здивот неколку минути. „Но, откривањето на слободното нуркање ми ги отвори очите за можностите... и се навлеков на копнежот по нуркање што подлабоко; сакав да видам за што сум способна и колку длабоко можам да стигнам“.

До 2018 година, Бурк се етаблирала како една од најдобрите слободни нуркачи во светот, а во длабоките води кај филипинското крајбрежје, се обиде да го собори женскиот светски рекорд во дисциплината „постојана тежина без перки“.

Во оваа форма, сметана за една од најпредизвикувачките во овој спорт, нуркачот се спушта вертикално во длабока вода во единствен здив, користејќи само мускулна сила за удолно придвижување. Со секој метар надолу, компресивниот притисок врз телото се зголемува, намалувајќи го просторот во градите што содржи воздух. На 30 метри длабочина - максималната длабочина што физиолозите во раните денови на спортот мислеле дека луѓето се способни да ја достигнат - притисокот што се врши врз телото е четири пати поголем отколку на површината, а волуменот на воздухот во телото се намалува на една четвртина. Штом се постигне негативна пловност, нуркачот почнува слободно да паѓа.


Бурк достигнала длабочина од 73 метри - светски рекорд - но штом стигнака на површинаа се онесвестила во дел од секундата и тоа ја дисквалификувало. „Ако останете под вода доволно долго, секогаш постои можноста кислородот да ви падне на ниво при кое вашиот мозок ќе одлучи да се исклучи со цел да ве заштити од оштетување на мозокот“, вели Бурк. „Значи, на некој начин, тоа е добра работа - но е фрустрирачки кога се случува на крајот од долго нуркање“.

Светскиот рекорд на мажите за „постојана тежина без перки“ е 102 метри, во времетрање од четири минути и 14 секунди. Со перки, рекордот е 131 метар. За дисциплината „статична апнеја“, каде што натпреварувачот не нурка туку само се потопува под површината, најдолгото задржување на здивот е 11 минути и 54 секунди. Кога пред обидот се вдишува 100% кислород, рекордот е 24 минути и 37 секунди.

Д-р Ентони Бејн, васкуларен физиолог од Универзитетот во Виндзор во Канада, ја истражувал физиологијата на екстремното задржување здив – спроведувал и експерименти со елитни слободни нуркачи - и вели дека многумина професионалци имаат поголем волумен на белите дробови од просечниот човек. Истражувањата на домородните нуркачки заедници, како народот Бахау во југоисточна Азија, покажале дека тие имаат и „поголеми слезини, кои теоретски овозможуваат подолго задржување на здивот преку контракции на слезината и ослободување на црвени крвни зрнца“.

Сепак, првенствено, способноста да се преживее подолго време под вода е научена вештина. Според Бејн, студиите сугерираат дека елитните слободни нуркачи го „зајакнале“ цицачкиот рефлекс за нуркање. Постојат теории дека се работи за еволутивна адаптација - остаток од пред милијарди години кога целиот живот бил воден - тоа е рефлекс што се активира кога лицето на цицачот ќе дојде во контакт со вода. Тоа поттикнува бројни физиолошки одговори за преживување, како забавување на отчукувањата на срцето и на метаболизмот и пренасочување на крвта кон виталните органи, вклучително и кон белите дробови за да ги зајакне против притисокот.


Иако Бурк не знае дали има вродени физиолошки разлики - никогаш не се испитала - таа знае дека по повеќе од една деценија тренирање научила како подобро да го користи просторот во своите бели дробови. Дури и на 70 метри длабочина, сè уште може да „повлече“ повеќе воздух од своите бели дробови.

Напредокот во оваа дисциплина е бавен - често се потребни години за да се постигнат неколку додатни метри длабочина, бидејќи телото постепено се навикнува на притисок. „Кога првпат се нурнав на 30 метри длабочина, навистина чувствував голем притисок врз телото, особено врз градите - чувство слично на гмечење“, вели Бурк. „Но, сега, нуркам до 70 метри и воопшто не го чувствувам тој притисок“.

Сепак, главното приспособување е психолошко: потребно е развивање свесна способност за воздржување од нагонот за дишење. Според Бејн, необучениот човек почнува да прави „неволни движења на дишење“ по не подолго од две до три минути под вода, кога „телото едвај е дезаситено од кислород“. Сепак, елитните слободни нуркачи се способни ментално да ја пробијат оваа точка, задржувајќи го здивот се’ додека „во најголема мера не ја дезаситат својата крв од кислород“.

За некои луѓе, психолошките стратегии како што е медитативниот фокус се клучни за обуката. „Ја набљудувате мислата: ‘Морам да дишам’, вели умот. Но, вие само набљудувајте ja: ‘Да, повторно има таа мисла. Во ред е.’ И само продолжете“.

Бурк вели дека влегува во „медитативна состојба“забавувајќи го дишењето пред да влезе во вода. Потоа, „важно е да се одржи таа опуштена состојба, а за мене, тоа претставива останување во мигот без да размислувам предалеку во иднината. Бидејќи, ако размислувате колку долго ќе останете под вода и колку длабоко планирате да се спуштите, тогаш лесно е да се вознемирите и да испаничите“.

„Кога првпат почнав да нуркам, мислев: „Не ни знаев дека ова е човечки возможно“, но едноставно е неверојатно што можат луѓето да направат“.



Извор:Гардијан