Македонската влада и нејзината дволична политика кон Украина. А и кон сите нас.

13.04.2022 01:35
Македонската влада и нејзината дволична политика кон Украина. А и кон сите нас.

Делува лицемерно актуелната македонска официјална државна загриженост за трагедијата во Украина кога се знае дека Македонска влада предводена од СДСМ и ДУИ, соучеснички (со близу 35% сопственост и „златна акција“ во компанијата), учествуваат во отворената српско-руска пропаганда којашто ни ја „овозможува“ Македонски Телеком со додавањето на низа српски телевизиски канали со треш-програма преку својот сервис МаксТВ. Владава не е во состојба да ја испочитува ни СОПСТВЕНАТА препорака, проследена и од АВМУ, за спречување на официјалната руска пропаганда на „Раша Тудеј“, а потроши којзнае колкави ресурси за наводното оневозможување на „хибридните закани“ по информативниот јавен простор во рамките на активностите на НАТО и ЕУ во земјава. Прашајте кого сакате од надлежните министри, од Славјанка Петровска до Бујар Османи, ќе ве „удават“ во извежбани рецитали за важноста да се спречи антизападната пропаганда и во Македонија и на Балканот.

Се „отепавме“ од анализи за причините за поделеноста на македонската јавност во однос на насилната освојувачка политика на Путин… Содржината на социјалните мрежи ја вивисецираме до детали барајќи ги руските тролови кои организирано шират симпатии за она што руската војска го прави во Украина… А ваму, на најголемиот телевизиски „екран“ во државава секој ден (и ноќ) во неограничени количества ни влегува пинковско-хепиевските кичерајски пакувања на информативно-забавната пропаганда на српско-руската актуелна антизападна политика.

„Македонски Телеком“ самиот се рекламира како „неприкосновен лидер во ТВ индустријата“ во земјава, со удел од над една третина на телевизискиот пазар или близу 150.000 домаќинства претплатени на содржините на МаксТВ. Притоа, и во најкризните години, компанијата прави милионски профити од своите корисници: лани, во 2021 година, оперативната добивка им е зголемена за 7,2% во споредба со 2020, па приходите им се искачија на 11.216.000.000 денари. Годинава и тоа ќе го дуплираат, бидејќи кризата е двојно поголема. Сега агресивно ни нудат и 5Г мрежа – додуша, далеку од функционална за обичните претплатници – за да може пропагандата што поквалитетно да се стрима и на мобилните телефони на нивните еден милион и двеста илјади македонски корисници (речиси 50% од пазарот на мобилната телефонија во земјава).

А, во Одборот на директори на „Македонски Телеком“ врие од високи политичари од власта на СДСМ и ДУИ: претседател е струмичанецот Зоран Китанов, до неодамна директор на ЈП за Државни патишта, кому му „секундираат“ од бившиот министер, липковскиот „водоинсталатер“ Садула Дураки, преку бившата министерка за финансии и потпретседателка на СДСМ Нина Ангеловска, до каратиската и поранешна директорка на Клиничкиот центар во Скопје, Шкодране Дарлишта… и уште десетина други. Тие само се таму за да вработат што повеќе партиски кадар во компанијата, оти така најдобро го штитат државниот интерес на Македонија.

Се прашувам каква смисла има да протеруваме „гроздови“ од руски дипломати за недозволени активности во државава, кога проруската инсталација во Македонија си функционира беспрекорно и без особен напор на режимот на Путин? Нормално, платена од парите на македонските граѓани.

Очигледно, информативниот пристап на „Маѓар Телеком“ победува пред вредностите на „Дојче Телеком“ во земјава.

А, би било пристојно Владата на премиерот Димитар Ковачевски не да им побара оставки, туку со една одлука да го смени целиот „македонски“ дел од директоратот на „Македонски телеком“ (за другите, на чело со директорот на Телеком Никола Љушев, нека си се секираат Германците) и да именува нови луѓе кои подобро ќе се грижат за заштита на националните, јавни интереси, а не само на компаниските профити од кои дел зема и македонската држава. Владата секојдневно се брука со својата дволична меѓународна политика во НАТО и поддршката што, наводно, безрезервно официјално ѝ ја даваме на Украина.

И потоа се чудиме зошто Вучиќ и Путин, кои секојдневно по дома ни излегуваат од „фрижидерот“ на МаксТВ, имаат повисок рејтинг во овдешната јавност од сите македонско-албански и други политичари – заедно! Или зошто матурскиот музички репертоар и оваа пролет ќе биде составен од две третини срча-до-колена српска кафеанска фолк-музика. Тоа е.

Слики: Вася Ложкин

Извор за текстот: Цивил Медиа