Политичка сатира - уметност на раб на изумирање

26.09.2022 14:05
„Кон крајот на човештвото” - натпревар на карикатури со политичка сатира.

Слика од Дејв Вамонд, која ја прикажува смртта на политичките карикатури.

LIBEX (кратенка од LIBREXPRESSION) е евро-медитерански центар, чија цел е да ја брани слободата на изразување, медиумската и политичката сатира, во време на цензура и медиумски магнати ориентирани кон профит.

Оваа година организацијата покани 281 од најдобрите светски карикатуристи, од 63 земји ширум светот, да земат учество на нивниот годишен натпревар.

Материјалот беше прегледан од страна на меѓународно жири кое ги сведе пријавите на само 55 полуфиналисти, чии дела ќе бидат изложени во Италија, во манастирот Сан Бенедето во Конверсано.

Сосема очекувано, војната во Украина и прашањето за климатските промени беа најчестите теми прикажани во уметничките дела оваа година.

Џитет Кустана од Индонезија ја освои главната награда со карикатурата под наслов „Тонење во жртвите“. Моќната рачно нацртана карикатура прикажува војник кој очајно се држи за крајот на тенкот, кој тоне во океанот од жртви.

Втората награда ѝ припадна на Кристина Сампајо од Португалија, за нејзината карикатура „Војна,“ додека третата награда ја прими Данецот Нилс Бојесен за „Истребување“.

„Тонење во жртвите“ - Џитет Кустана

„Војна“ - Кристина Сампајо

„Истребување“ - Нилс Бојесен


Што е она што ја прави една политичка карикатура одлична?

Во разговор со редакцијата на EuroNews, Тиери Висол, директорот на LIBREXPRESSION Centre, објаснува дека треба да се земат во предвид три главни фактори:

„Пред сè - техника. Добрите карикатуристи мора да бидат способни да го изразат она што сакаат да го изразат на вистинскиот начин, на професионален начин,“ вели тој.

Втората компонента на добрата карикатура, според Висол, е квалитетот на информациите што ги користи карикатуристот, и начинот на кој тие информации ги анализира.

„Мора да разберете дека добар карикатурист е новинар. Мора да бидете свесни за тоа што се случува, за различните гледишта и последиците од тоа,“ објаснува Висол.

На крајот, тој ја истакнува важноста на иронијата и хуморот, како средства за изразување на ефектот на демократизацијата.

„Мислам дека тоа е професија која е во опасност, во опасност од исчезнување“.

Карикатурите долго време се користат како моќна алатка на политичкиот говор, no sепак, како што наведува Висол, тоа ги прави и закана за оние кои се на власт, „кои се плашат да ги видат овие критики изразени преку фотографии и карикатури“.

„Затоа, постои цензура што ја спроведуваат војската, религиите, економските и политичките сили, кои се плашат да видат такви силни слики што привлекуваат внимание и ги тераат луѓето да размислуваат“, вели Висол.

Покрај цензурата од авторитарните сили, карикатуристите се борат и со „цензурата на пазарот“ и со еволуцијата на медиумите.

„Ситуацијата со карикатуристите е многу тешка бидејќи повеќето медиуми сега се во сопственост на богати луѓе, кои не се заинтересирани за содржината. Нив ги интересираат само приходите и продуцираат ориентирани информации“, објаснува Висол.

На крајот на краиштата, карикатуристите забележаа промена во уредувачката политика на медиумите и нивниот број се намалува.  Поголемиот дел политички карикатуристи сега неизбежно ги користат социјалните мрежи за да изградат сопствено присуство.

„Постои реална опасност за демократијата доколку повеќе не можете да сретнете критика изразена преку карикатура или преку фотографија“, заклучува Висол.

Извор: Euronews

Слични содржини

Уметност / Карикатури
Уметност / Карикатури
Уметност / Карикатури
Уметност / Карикатури
Уметност / Карикатури
Уметност / Карикатури
Уметност / Карикатури

ОкоБоли главаВицФото