Испратив многу власти, се надевам дека ќе ја испратам и оваа

17.06.2023 00:55
Испратив многу власти, се надевам дека ќе ја испратам и оваа

Првата карикатура ја објавил на 17 години, што значи дека сатиричните цртежи на Предраг Кораксиќ Коракс, кој го прослави својот деведесетти роденден, повеќе од седум децении ни ја осветлуваат главно темната општествена и политичка реалност и се важен корективен фактор на сите власти кои од тоа време владееле во Југославија и Србија.

Со своите карикатури „испрати“ многу влади и претседатели, уште од Тито, преку Милошевиќ кој на специфичен начин го ценеше неговото дело, а како што вели самиот „се надева дека ќе го испрати и актуелниов режим“, кој не остава нималку простор за каква било критика, па ни уметничка.

- Првата карикатура ја објавив во педесеттите години, кога Тито прекина со Сталин, тогаш Информбирото и препукувањето со Сталин беа постојана политичка и општествена тема. Во соседна Бугарија беше сменет и уапсен директорот на полицијата, а јас направив карикатура со човек кој седи в затвор, со потпис: „Бугарскиот министер за полиција поставен на нова функција“. За таа карикатура добив 300 динари, а високата плата на службениците тогаш беше 5 000 динари, па можете да замислите колку пари беа тоа за еден гимназијалец, се присетува Коракс.

И продолжува: „Ги одведов другарите во слаткарницата Глумец и ги потрошивме сите пари од мојот хонорар. Тогаш имаше само мињони, јогурт и кифли, беше оскудица а ние сакавме сè и изедовме сè што купивме со тие 300 динари, ја прераскажува анегдотата од времето на на своите почетоци.

Само во периодот на владеењето на Милошевиќ, за 11 години, објави дури 3 700 карикатури, а вкупниот број не е познат.

Во духот на актуелната власт, лишена од чувство за хумор и сатира, а особено чувствителна на секоја критика, Коракс често е споменуван во Народното собрание од страна на пратениците на владејачкото мнозинство, често вбројан меѓу „тајкунските и предавнички“ новинари и медиуми кои ги објавуваат неговите карикатури и напаѓан како и секој друг неистомисленик кој се осмелил јавно да ги изнесе своите ставови, преку збор или слика.

Вели дека се нервира заради таквите напади, но дека многу повеќе го погодува тоа што не стигнува да ги нацрта сите карикатури за кои одлични идеи му даваат токму носителите на оваа власт.

- Многу ми е жал што имам купишта запишани идеи кои не успевам да ги реализирам. Времето поминува, темите се забораваат, но не можам да постигнам. Многу ми е полесно да работам сега, има многу повеќе теми отколку во времето на Милошевиќ. Тогаш не се појавуваа толку шлагворти за моите карикатури како сега. Секој ден има купишта глупости за коментирање и реагирање. Тоа е неверојатна количина будалаштини кои едноставно бликаат од нивните редови. Ситуацијата со моменталните протести е многу посериозна од оние против Милошевиќ, зашто поводот е сосема поинаков. Ова убиство ја промени целата слика на Србија, па сè уште е рано. Но ми недостасува тој хумор, таа иронија, која постоеше порано кога протестиравме против Милошевиќ, кога карикатурите се користеа често. Како што поминува времето потребни ни се повеќе иронија и потсмевање на будалаштините кои секојдневно ги слушаме и во Собранието па и во таблоидниот печат и на телевизија, смета Кораксиќ.

Додава дека со своите карикатури „испратил“ многу влади и претседатели во текот на својата кариера, од Милошевиќ, преку Коштуница, Тадиќ, Николиќ.

- На ред дојде Вучиќ. Се надевам дека ќе живеам доволно за да го испратам и него. Верувам дека тоа ќе дојде брзо, верувам во протестите за промена. Гледам дека протестите многу ги нервираат, зашто немаат одговор на тоа. Само, протестите не смеат да престанат, порачува Коракс.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Предраг Кораксиќ Коракс

Извор: https://www.danas.rs/

Слични содржини

Стрип / Уметност / Карикатури
Уметност / Карикатури
Уметност / Карикатури
Балкан / Уметност / Карикатури
Уметност / Карикатури

ОкоБоли главаВицФото