Вучиќ во Србија развива и шири менталитет на касарна

23.05.2022 10:45
Вучиќ во Србија развива и шири менталитет на касарна

Новинарот и писател од Хрватска, Виктор Иванчиќ оцени дека претседателот на Србија Александар Вучиќ во општеството шири и развива „менталитет на касарна“.

„Медиумскиот погон на Вучиќ во Србија служи за да развие и прошири менталитет на касарна, каде политичкото секојдневие ќе се одвива од една до друга сирена за узбуна“, рече Иванчиќ.

Оцени дека политичкиот инстинкт кој го демонстрира Вучиќ „во основа е фашистички“, ако како едно од поноторните обележја на фашизмот се препознае одбивањето на можноста за демобилизација.

„Многу балкански лидери со носталгија се сеќаваат на огнот од пушките на боиштата, но кај Вучиќ тоа е и поизразено и поактивно отколку кај другите - тој цврсто се држи до девизата дека војната е прекината за никогаш да не заврши, иако пукањето, секако, не е нужно. Сите елементи на фашизоидната динамика се тука“, рече Иванчиќ.

Прецизираше дека елементите: нацијата како маченичко-агресивна заедница, животот како постојана борба, како вечна загрозеност и фокусираност на непријателот кој се заканува континуирано, се како судбинска битка за опстанок во услови на перманентна вонредна состојба.

Иванчиќ рече дека Српската православна црква, „за да продолжи да го шири националистичкото зло“, можеби и би можела на својот трон да постави поповолна личност од актуелниот патријарх Порфирие, „но не и поповолна дволичност од неговата“.

Наведе дека идејата на „српскиот свет“ му се чини како еден вид „идеолошка мастурбација, колку опасна, толку и досадна“.

„Како трупот на Слободан Милошевиќ повремено да станува од гробот со друго име за да се врати подлабоко во него“, оцени Иванчиќ.

Зборувајќи за стогодишнината од раѓањето на првиот претседател на независна Хрватска, Фрањо Туѓман, тој оцени дека како што одминува времето неговите лоши особини сè полесно се забораваат, а добрите сè полесно се измислуваат.

„Така Туѓман од денешната легенда едвај и да има некакви допирни точки со автократот кој додека беше жив владееше со земјава и ги унесреќуваше нејзините жители од ден на ден“, рече Иванчиќ.

Тој оцени дека борбените јавни настапи на актуелниот претседател на Хрватска, Зоран Милановиќ се во најтесна врска со изостанокот на фактички овластувања со кои располага.

„На пример, денешната реторика на Милановиќ е изразено милитаристичка, изобилува со глорификација на војската, салутирање и љубов кон униформата, сè до доделување ордени на воени злосторници, а во времето на војната, кога беше биолошки најсоодветен за борба, на денешниот вербален војник не му паѓаше на ум со пушка во раката да ја брани својата земја“, наведе Иванчиќ.

Оцени дека лидерот на Хрватската демократска заедница во Босна и Херцеговина, Драган Човиќ, единствено се грижи за „национално запишаниот атар во чии рамки ќе може да ја концентрира својата власт и да ги цеди сите ресурси.

„Значи, она што веќе го има Додик. Оттаму, повторното повикување „трет идентитет“. Сè што е надвор од тој атар, вклучувајќи ги Хрватите, не е во сферата на неговиот интерес“, оцени Иванчиќ.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Предраг Кораксиќ - Коракс

Извор: https://www.danas.rs/

ОкоБоли главаВицФото