Медарски циркус

25.10.2022 11:04
Медарски циркус

Пренесено од Дојче веле

Пчеларството е една од најблагородните преокупации, занимања, хобија. Кога си посветен пчелар ти дури зборуваш со пчелите за да се држи нивното семејство здраво и плодно; да ги негуваш како мали деца за да можат да го испорачаат она кое ги засладува сите горчини, им помага на болните да оздрават, на изморените да соберат сила. Пчеларите се чувствуваат како луѓе со мисија.

И кога во неверојатната приземна и хистерична политичка пресметка ќе ги вметнете пчеларите (или медарите) во примитивен речник тоа е како голема навреда за нив, а и за сите оние кои од нив го бараат килибарскиот производ. Но таква е оваа ситуација во Македонија – секој ден станува сѐ полоша, не се оцрнуваат само политичките ривали, туку се потценуваат и омаловажуваат цели групи луѓе, па макар тоа било без намера.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, без оглед како ќе заврши целата драма околу нејзината пресметка со ВМРО-ДПМНЕ, ќе остане запаметена барем со една работа во политичката меморија – со нејзините зборови за „рачињата во медот“. Тоа се колоквијални зборови, но кога ќе се изговорат во одреден момент, на одреден начин и за одреден настан, тие зборови одат повисоко од нивното значење. Така и се случи. Тоа беше почеток на на сезоната на „политичко медарство“, која се претвори во „медарски цирукус“ и ги уништи и преостанатите можни точки во кои некој верува за регуларна политичка битка, макар била и жустра и напрегната. После тоа настаните од Скопје ја префлија вкупната политика во фаза на топење. Толку многу лоши пораки, па дури и примитивни, не сме слушнале одамна, макар што читаме партиски соопштенија кои се под секое ниво.

Во таа политичка епистоларија оваа недела се изнаслушавме толку работи кои не се само парадоксални, туку се и небулозни. Како, на пример, едно соопштение на ВМРО-ДПМНЕ за „медарството“ на Данела Арсовска. „Очигледно дека власта на СДС и ДУИ потонаа во медарството на Данела Арсовска. Од многу заедничко медарање скопјани може да останат без јавен превоз“, соопштија од партијата која е власт во Скопје. И СДСМ се занимаваше со медарството: „JСП го упропастија заедно медарот Христијан Мицкоски и Данела Арсовска. Заедно ветуваа бесплатен превоз за скопјани а сега велат друг дека треба да се грижи за ЈСП. Дали медарот и шпицен градоначалник Мицкоски и неговата градоначалничка повторно ги ставиле рацете во медот и на сметка на платата на вработените во ЈСП е направен криминал?"


Најдолно ниво

Ова е најдолното ниво на политиката во Македонија. Пред некој ден, кога имаше седница на Советот на Скопје (директно пренесувана преку Фејсбук), а во исто време пратениците во Собранието се обидуваа да се надмудрат со бесмислени и приземни ораторства, човек не знаеше каде да се сврти побрзо за да види како изгледа дното. Едното (ова второво) го знаеме одамна, првото беше своевидно „освежување“. Па таму, умерениот професор по економија, претседателот на Советот, Трајко Славески, не издржа и слезе од пултот за бесно да ѝ го земе микрофонот на градоначалничката Арсовска, која не престануваше да зборува за „медарството“ на Христијан Мицкоски. Нему претходно градските служби му го зеле „копчето“ за да ги регулира обраќањата на говорниците, па наеднаш видовме едно друго лице на професорот – гневно и политички целосно партиски насочено. Веројатно за гневот на професорот има оправдување – не може градската техничка служба да му ги зема алатките за работа, но последиците беа полоши за него: тој поткопа дел од својот углед со насилното земање на микрофонот. Можеби тоа била и целта на неговиот „архи-непријател“ во Градот Скопје – градоначалничката Арсовска: да се доведе Славески до работ за бурно да реагира.

Во некоја рака, тоа може да биде важно, но во генералниот впечаток тоа е само едно камче што го создава мозаикот. А тој, да се послужиме со насловот од еден бестселер, е „педесет нијанси сиво“, ама од она многу темно сиво. Овој политички водвиљ не е комичен, туку повеќе трауматичен. Од него може да се извлечат повеќе заклучоци. Еве некои од нив.

Прво, дека политичката номенклатура ги изнесе на виделина сите свои приземни и подземни интереси, кои на голем дел од граѓаните на Скопје им ги подотворија очите за да видат дека она што се случува во нивниот град нема апсолутно никаква врска со лесно изречените ветувања пред една година. Данела Арсовска тогаш тврдеше, без воопшто да обрне внимание што кажува, дека е најдобра менаџерка во регионов, а веројатно и во Европа. Тогаш нејзините зборови се земаа повеќе како изјави кои треба да остават впечаток, па макар и лажен, и на нив да не се обрне премногу внимание, но денес тие се потврда за површната заинтересираност на гласачите. Која потоа им се удира од глава. Новите лица не носат по дефолт и нови идеи, туку многу често може да предизвикаат нова, поголема дупка во политичкиот пејсаж. И дека подметнувањето на широкиот партиски грб кон еден наводно независен кандидат, без при тоа да се проучи неговата политичка стамина, е одраз на површно и неконципирано размислување, без да се промисли за можните последици.



Второ, ситуацијата со ЈСП ја покажа целата празнотија на политичките изборни платформи. Или како што прецизно напиша колешката Слободанка Јовановска во „Независен“: „Некогаш дилемите беа дали Скопје треба да добие трамвај, метро, тролејбус или да се прошири автобуската мрежа, а сега сме доведени во ситуација првпат во историјата да нема воопшто организиран автобуски превоз и илјадници граѓани и бизниси да трпат енормна штета од ваквата ситуација која нема економска логика туку, напротив – е далеку од здравиот разум дури и за параметрите што важат во Македонија“. Нема што да се додаде на оваа експликација, освен за неграмотноста и лажните ветувања.

Градоначалниците на Скопје, почнувајќи од Коце Трајановски, ја градеа изборната и политичката платформа со ветувања кои требаше да ги поддржи некој друг – централната влада. Тогаш почнаа бесплатните возења за пензионерите, па потоа продолжија за учениците и студентите, за Арсовска во кампањата да вети бесплатен превоз за сите. За сега да се стигне до ситуацијата да не можат ни плати да се поделат во ЈСП, а не Скопје да се претвори во некаква позитивна дистопија. Локалните политичари ветуваат големи нешта, кои потоа треба да ги остварат централните власти. И ако централните власти не се согласат на тоа ќе бидат „предавници на народните потреби“, т.е. на нивните поединечни изборни ветувања. Па макар централната власт била и од истата политичка структура, таму нема азно како во пештерата на Али Баба, па да се зема по потреба. Ако која било власт се согласи дека треба финансиски да го помага бесплатниот превоз во Скопје, зошто тогаш битолчани или прилепчани треба да плаќаат за градскиот превоз. Дали се тие помалку вредни или помалку значајни од скопјани? Ова е дискриминација по регионален принцип и затоа не треба да се случува. Оној што ветува вакви спектакуларни работи треба по графи да објасни каде би можеле да се најдат тие пари, а не да зборува со општи флоскули и да се фали со своето наводно успешно менаџерство.


Лекција за непромислени одлуки

Трето, ова е извонредна лекција за ВМРО-ДПМНЕ дека избрзаните и лошо промислени одлуки се трансформираат во камшици врз сопствениот грб. Сегашните тврдења на партијата дека Арсовска е најнеуспешниот градоначалник на Скопје на сите времиња, е прозирен обид да се фрли крастата од лицето на партијата. Нејзините челници тврдеа дека 90 отсто од изборната програма „За модерно Скопје“ ја напишале умовите од ВМРО-ДПМНЕ, за сега да тврдат дека Арсовска била во коалиција со СДСМ. Тоа е толку бесмислено, па бидејќи речиси никој не може да поверува во тоа, партијата треба да смисли нов наратив и да не се заплеткува уште подлабоко во калта. Данела Арсовска има неприкосновен мандат, без оглед што прави или не прави, и партијата треба да најде нов начин како да се справи со проблемот што сама си го стави на грб.

Сегашниве напади и омаловажувања на Арсовска во многу нешта потсетуваат на времето кога тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски, од собраниската говорница изјавуваше дека жали што го предложиле Борис Трајковски за претседател на државата. ВМРО-ДПМНЕ имаше осет да го предложи важниот партиски кадар Коце Трјановски за градоначалник на Скопје, а тој чекор подоцна го направи и СДСМ со Петре Шилегов, но сегашново вмровско раководство се одлучи за опортунистички чекор со кој, наводно, нема што да загубат, за сега да се види дека тоа бил најлошиот можен чекор. Може да ја поткопуваат Арсовска, но не можат да ја сменат, а таа дури до крајот на мандатот да зборува за „медарството“.

Кога Арсовска изјави дека не сака да ја прифати одговорноста да го земе топлификацискиот систем од БЕГ и грижата ѝ ја префли на владата, Мицкоски ја пофали таа одлука, велејќи дека е најисправна со оглед на тоа што во скопскиот буџет нема пари. За после кусо време да се појави бурата меѓу нив, која изгледаше е дека е неочекувана, но, всушност, подолго време се збирала.



Четврто, дека политичкиот гнев може да се пресели на пониски нивоа, во скопските јавни претпријатија, а таму политичките и други активисти да предизвикаат таков метеж што може да го блокираат нормалното функционирање на Скопје. Како што тоа се случи вчера со настаните во „Водовод и канализација“. Кому би му одговарало тоа? Ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на СДСМ, без оглед што социјалдемократите сега се трудат да ги гледаат маките на оние што владеат во главниот град. Штетата ќе биде за сите, иако во помали отсечки. Дали и за пукнатите водоводни цевки ќе треба да се обвинува централната власт? Тоа е малку потешко, дури и многу потешко. Дали ќе може сите гревови да ѝ се префрлат на Данела Арсовска? Тоа ќе биде добар обид, но тешко дека ќе биде успешен.

Продолжената перцепција ќе биде дека ако ова ВМРО-ДПМНЕ не може да се справи со проблемите на главниот град, како тогаш ќе ги решава многу поголемите, на државата, ако дојде на власт. Проблемот на ВМРО-ДПМНЕ е што е невозможно да ја сменат Арсовска, ако самата таа не го повлече потегот. Изјавите на Славески дека Арсовска, наводно, вршела мобинг на вработените е само потег кој треба да ги држи во играта. Но тоа не ги решава нивните маки, потребен им е друг пристап.

Петто, уште од подготовките на законот за недела неработен ден првиот човек на синдикатите, Дарко Димовски, се обидува да се претстави повеќе како важен политички играч, отколку како синдикален лидер. Тој имеше еден неуспешен обид со генералниот штрајк, кога општеството беше преокупирано со францускиот предлог и почнувањето на преговорите со ЕУ. Тој штрајк помина како и да не се случил. Сега, со настаните во ЈСП, а особено вчера во „Водовод и канализација“, Димовски зачекори понапред од неговата стандардна улога. Тој навести дека „Водовод“ може нема да ги санира евентуалните дефекти ако не се исполнат барањата на дел од вработените, поставуваше барања како новиот директор да го организира раководниот тим, да бара од Арсовска тој да биде разрешен. Едноставно – се вклучи во политичките пресметки. Главно, како што изгледа, за своја корист. На Димовски не му недостасува енергија, прашање е дали може да ја види границата која доколку невнимателно ја пречекори може прилично да го врати назад од целта што тој ја замислува.



Фотографии: Matthieu Lavanchy

Слични содржини

Општество / Став
Општество / Европа / Став

ОкоБоли главаВицФото