Дали разбирате дека се потребни храбри мерки?

05.11.2018 02:34
Скопје е еден од најзагадените градови во светот

Скопје е еден од најзагадените градови во светот. Она што едно време беше Мексико сити, она што едно време беше Шангај, денес е Скопје. Дали разбирате дека секое ливче, секоја гранка, секој џбун што ќе го исечете се брои? Дали разбирате дека се потребни храбри мерки? Дали разбирате дека треба конечно да се удри сатарот на маса и да се каже: доста е, вртиме нов лист. Дали разбирате дека мора да се пресече со правење на нови булевари, нови градежни парцели, нови згради?

Кај Мајчин Дом биле исцрпени сите законски можности, не можеле да го спречат инвеститорот да гради. ЈА МАЈКАТА? Во камен е исклесан тој ДУП-от? Среде Скопје кај стара Железничка никнува ново чудовиште со подземни тунели, со градежни прашини што ќе ги голтаме наредниве 4-5 години. Саем допрва ќе се руши и ќе се прави таму пак некоја глупост. Стара Алумина - згради никнуваат БЕЗ НИКАКОВ КОНЦЕПТ, како печурки, кај комшијата на гости можеш преку тераса да отидеш.

Од намалување на бројот на автомобили абер нема. Зошто? Зошто се нема никаква стратегија како тој број да се намали. Никој никогаш не излегол да каже: Бројот на учесници во автомобилски сообраќај во Скопје е 84%. Наша цел е за 5 години тоа да го намалиме на 70%, и тоа ќе го направиме преку следните мерки....

Гасоводот рине и корне цела планина, што некој паметен пред 60-70 години зел и со причина ја пошумил. Упорно, од ден за ден, наспроти сите протести на еколошките здруженија. Дрско, во празници, како да сте учеле од некои ваши претходници.

Парното е скапо. Луѓе што живеат во згради не се приклучуваат на градско парно бидејќи е поисплатливо да греат 3-4 месеци на струја. Струја што 70% ја добиваме од РЕК Битола. Онаа РЕК Битола што гори јаглен за да произведе струја и ја труе цела Битола. Ама тоа никој не го интересира. Секој си гледа за својот џеб, нормално. Никој не седнал да рече: Чекајте наша стратешка цел е СИТЕ да бидат приклучени на парно. Ајде да го поефтиниме, државата ако треба и ќе го субвенционира, ама да немаме луѓе што се греат на струја, дрва, пелети, гуми. Ајде да го направиме ова со таква цена што другите опции на народот ќе му бидат неисплатливи.

Дрвосечата заради претдходно наведеното цвета. Шара е опустошена. Дервен планина во наосока накај Прилеп е деноноќна врвулица со дрвокрадци. Национални паркови се соголуваат. Летоска бев сведок на дрвосеча на Галичица. Истата онаа Галичица која што ви се молам, наплаќа влез. Не можам ни да ги набројувам сите места што сум ги начекала со нелегална сеча изминативе години дури сум се акала по планиниве.

Не знам, неспособни ли сте или не разбирате длабочината на проблематиката или е претешко да се нафатите за да го решите проблемов? Не е лесна задачата знам. Ама 3 посадени џбунови и две велосипедски ленти не прават пролет. Храброст господо. Храброст, упорност и пред сè способност. Ја имате ли?