Роналд Леинг – таткото на антипсихијатријата

05.04.2023 02:14
Роналд Леинг – таткото на антипсихијатријата

Антипсихијатријата во прв план го става односот, а психолошките проблеми ги гледа како пукнатини во односот. Во тоа се разликува од психијатријата која во прв план го става таканаречениот „биолошки модел на личноста“ според кој причината за проблемите е – „некаде во мозокот“. Таткото на антипсихијатријата е шкотскиот психијатар, но покрај тоа и филозоф на феноменологијата и егзистенцијализмот – Роналд Леинг.

Заслугата на Роналд Леинг е тоа што личноста во психолошка криза денес може да ги одбие некогаш популарните психијатриски методи. Тоа се оние методи кои ги гледам како брутални и сурови, а ги вклучуваат таканаречените „лоботомија“, „електрошокови“ и лекови кои го сведуваат метаболизмот на ниво на растение. Психозата веќе не е „хемиска нерамнотежа на мозокот“, како што беше пред стотина години.

Што воопшто е психозата? Еве што вели за тоа Роналд Леинг – „Лудилото е сосема разумно прилагодување на неразумниот свет“.

Феноменологијата против биологијата

Во моментов во светот на психологијата и филозофијата се води немилосрдна војна. Тоа е борба помеѓу таканаречената „невронаука“ која настојува човечкото однесување да го сведе на група електрони во мозокот. На „другата страна на барикадите“ се филозофијата на феноменологијата, егзистенцијализмот, херменевтиката и етиката. Феноменолозите настојуваат да го запрат таквото немилосрдно сведување на човечкото битие на „бројки“ и „електрични потенцијали“. Меѓутоа, споменатите „невронауки“ како вируси помалку продираат и во светот на филозофијата. Денес знаеме за поимите – „неврофеноменологија“, „невропсихоанализа“, „неврофилозофија“.

Сепак, феноменолозите не се предаваат. Во светот на психотерапијата тие помалку воведуваат поинаков модел на човечката психа. Тоа е таканаречениот „феноменолошко-егзистенцијалистички“ модел. Според него човечката психа не е одредена од хемијата на мозокот туку од своето „искуство на битисување во светот“. Така психолошкиот проблем не е одреден од „хемиската рамнотежа“ туку проблемот е некаде надвор, во светот. Во семејството и општеството во кое живее личноста.

Роналд Леинг е еден од првите психијатри кој се разочарал од „биолошкиот модел на личноста“. Се разочарал од „хемиското“ толкување на „лудилото“ и психозата – толкување според кое псхихозата е „во главата“.

Митот за менталната болест

Роналд Леинг не верува во поимите како „ментална болест“ или „душевно пореметување“. За него тоа е илузија која ја карекува – „Мит за менталната болест“.

Во својата книга „Подвоена личност, студија за нормалноста и лудилото“, од 1960 година, Леинг се прашува – „Дали депресијата, анксиозноста, психозата и слично, се „болести или не?“. Тој продолжува – „Можно ли е денес да го поседуваме целокупното „знаење“ за психозата, а да не сме во состојба да разбереме една единствена психотична личност?“. Со други зборови, психијатријата тврди дека ги разбира причините за психозата, додека пациентот се чувствува сосема осамено и несфатено – никој не го разбира.

Но иако психозата не е болест, тоа не значи дека некогаш ќе исчезне. Исто како и проблемите со гладта и сиромаштијата, социјалните разлики, војните. Според Леинг – „Општеството не сака да ги знае вистинските причини!“. Споменатиот „биолошки модел на личноста“, како и „невронауката“, се само мошне елегантен начин со кој науката ги истражува „менталните болести“ без опасност некогаш да допре до вистинската причина. Општеството, родителите и наставниците можат да спијат мирно.

Подвоената личност

Роналд Леинг главно се занимава со проблемот на таканаречената „подвоена личност“. Тоа е проблем на „пукнатините“ во односот на човекот и светот. Тој психолошки расцеп Леинг го гледа како таканаречена „психолошка одбрана“, со која личноста се штити од целосна „психолошка смрт“. Тоа се оние мрачни моменти од нашиот живот кога сите ни зборуваат дека сме „лоши“, дека сме „виновни“, кога ни зборуваат дека – нè нема. Или што е најлошо – кога воопшто не ни зборуваат. Во книгата „Подвоена личност“, Леинг тврди дека смислата на психолошката подвоеност е да го сочува искуството на сопствената вредност и значење дури и кога сите ги негираат. Дури и кога целиот свет зборува дека нашето искуство е погрешно.

Кое е тоа темелно искуство кое светот не може да ни го прости? Јас би го изразил со зборовите – „Јас сум посебен, јас сум важен, јас сум жив!“.

Секое дете се раѓа со тоа доживување и светот мора да вложи огромен напор за да го искорени тоа искуство. Меѓутоа, тоа доживување не може да се уништи. После траума, искуството на сопственото значење и вредност сè уште е живо, но сега егзистира во просторите на несвесното и со подвоеноста е одвоено од остатокот на личноста. Сите ние сме „кралици“ и „кралови“, само малкумина можат да го признаат тоа. Според тоа, „лудилото“ или психозата истовремено значи постоење две сосема спротивни психолошки структури. Едната е сосема „безначајна“, додека другата е „величествена“.

Така, според Роналд Леинг, „лудилото“ е очајнички обид да се задржи искуството на виталноста во свет без емпатија. Да се сочува целината во фрагментиран свет. Да се спаси сопствената вистина во свет кој се темели на лаги.

Виникот

Ако психозата е состојба на целосна фрагментација на личноста, тогаш што може да се направи таа да се „излечи“? Леинг во духот на таканаречената „континентална филозофија“ на Хајдегер и Мерло-Понти, вели дека целокупноста на умот, духот и телото се постигнува со нивното пресликување во очите на другата личност. Друг назив за таквото пресликување може да биде и – играта.

Играта со која мајката и детето го усогласуваат своето расположение е првото искуство на „битисувањето во светот“. Таа е темел на сите подоцнежни односи со светот. Играта е заемно рефлектирање на внатрешните состојби на мајката и детето. Мајката, односно светот, реагира на детските фантазии, мисли и чувства, со што ги потврдува и отелотворува. Секоја игра може да се изрази со зборовите – „Гледам дека гледаш дека те гледам!“, и така до бескрај.

Леинг често го споменува својот колега и соработник, британскиот психоаналитичар и педијатар Доналд Виникот. Двајцата со години работеа на познатата лондонска клиника Тависток, со психоаналитичарите Џон Боулби и Вилфред Бион. Виникот се занимаваше со толкување на феноменот на играта на мајката и детето.

Наглиот прекин на играта Виникот го означува со поимот – „трауматски продор на реалноста“. Ненадејниот продор на туѓата перспектива како – „единствена објективна реалност“, ја прекинува секоја фантазија, ја прекинува играта, а со неа и заедничкиот простор на односот. Втор назив за овој феномен може да биде и – „интрузивна мајка“.

Пукнатината

Така настанува пукнатината, спомената подвоена личност со која најмногу се занимава Леинг. Без заедничкиот простор за игра, светот се крши на „Јас и Ти“, на „внатрешно“ и „надворешно“. За Леинг таа пукнатина помеѓу световите, таканаречената „шизма“, е причина за подоцниот психолошки проблем кој вообичаено го нарекуваат – „шизофренија“. Подвоеноста, вели Леинг, се согледува на две нивоа. За да ги сочува своето искуство и својата вистина, детето може да се „откаже“ од светот. Од друга страна, за да ја сочува својата поврзаност со светот детето може да се „откаже“ од својата вистина, своите чувства, односно, од себеси. Со други зборови, во таквиот свет детето е „проклето“ што и да направи. „Проклето“ е ако замине, „проклето“ е ако остане.

При крајот на својата книга „Подвоена личност“, Леинг ја опишува „двојната личност“ на девојката Јулија. На едниот крај од нејзината личност се фантазијата на целосноста, семоќта и самодоволноста. На другиот крај е фантазијата за тотална распрснатост, беспомошност и „вродено зло“. Според Леинг, изворното доживување на целосноста и иницијативата кое мајката не го видела останало сочувано во фантазијата за семоќта. Од друга страна, перспективата на нејзината мајка останала сочувана во искуството на распадот и „изворното зло“ на девојката Јулија.

Мерло – Понти

Затоа Роналд Леинг тврди дека современото општество во најголем дел е подвоено – „шизоидно општество“. Освен што е „одвоен“ од надворешниот свет, поединецот е и „одвоен“ од себеси, од своите чувства и афекти. Така е одвоен и од сопственото тело. Сопственото тело се доживува како објект, како продолжеток. Малкумина навистина „битисуваат“ во своето тело до таа мера што би можеле да речат – „Јас сум своето тело!“.

Затоа Роналд Леинг често го споменува францускиот филозоф Мерло-Понти. Како феноменолог Понти интензивно се занимавал со толкување на феноменот – „телата во светот“. Како што вели Понти – „Телото е нашиот единствен инструмент за однос со светот!“. Понти забележал дека додека трае нашата ускладеност со светот ние не сме свесни за телото. Дури кога ускладувањето ќе прекине стануваме свесни за телото и неговите „процеси“. Со други зборови, телото не е објект, тоа станува објект дури кога е „надвор од светот“.

Понти наведува пример со фудбалер кој за време на натпревар се доживува себеси „во зона“, односно, се доживува себеси како „едно со топката и едно со теренот“. Тој тогаш е толку ускладен со светот што се брише секоја дуалност – „Јас-Топката“ или „Јас-Теренот“. Подоцна, по натпреварот, кога ќе излезе „од зоната“, метафизиката на дуалноста, подвоеноста на светот, повторно се враќа.

Слично е и со музичарот, сликарот, готвачот, возачот. Сите тие се чувствуваат живи и витални додека се „во зоната“, додека „битисуваат во светот“. Да се биде „внатре“ е смислата на нивниот живот и уметноста. Американскиот филозоф Хуберт Драјфус, ученик на Хајдегер, тоа го нарекува битисување во таканаречена „пре-рефлективна зона“, која е слободна од таканаречените „ментални репрезентации“ и јазикот.

И германскиот филозоф Мартин Хајдегер својот проект „деструкција на метафизиката“ го гледа како движење на „примордијалните“ нивоа на битисување, „радикална“ нурнатост во светот. Тоа е таканаречената „предсократовска“ гранка на античката филозофија.

Психотерапија

За Леинг психотерапијата може да се сведе на зборовите – „Биди свој, прави што сакаш!“. И навистина, неговата „клиника“ на Кингсли Хол во Лондон долго време беше единственото место на светот каде секој можеше да прави што сака и да биде што сака. И што е најважно, притоа да остане член на заедницата! Секој облик на егзибиционизам или ексцентричност бил поздравен со одобрувачки аплауз. Кога ги посетил тогашниот Џејмс Бонд, глумецот Шон Конери, Леинг и Конери ја поминале вечерта во борење, за да откријат кој од нив двајцата Шкоти – е посилен.

Според Леинг, психозата не е болест туку очајнички обид за потврда на сопствената вистина која ја негира светот. Леинг наведува пример на клиентка која еден ден се вратила дома и таму го затекнала нејзиниот сопруг со љубовницата во кревет. На нејзиното прашање – „Што се случува, која е таа?“, сопругот одговорил – „Но драга, па тоа е фонтана!“. Сопругата доживеала состојба на потполна збунетост – за момент навистина и видела фонтана!

Тоа е вистинско подвојување на личноста кога истовремено настојуваме да ја задржиме „вистината“ која ни ја дава светот и својата лична „вистина“. Во споменатиот пример победил светот.

Терапијата на Леинг настојува да ги усогласи овие две вистини и така да ја залечи подвоеноста. Затоа Леинг не ги критикува своите пациенти. Им дозволува да му ги изложат своите скриени фантазии за светот. Тој настојува да ги разбере, препознае и прифати за величествените фантазии да се поврзат со остатокот од личноста. Тој навистина може да му дозволи на својот пациент да „победи“!

За таквиот вид терапија е од особена важност терапевтот да биде свесен за сопствената улога, односно за неизмерната сила што ја поседува. Тој треба да знае дека секој збор што го кажува има сила да го разори и исцели универзумот на другата личност. Колку Леинг бил свесен за својата улога?

Критика

Како што веќе знаеме, покрај нашата потреба светот да ги препознае нашата сила и моќ, подеднакво е силна и нашата потреба и ние да го гледаме светот како извор на сила и моќ. Тоа е темелната човечка потреба за учител, авторитет, идеал. Исто како и амбициите, и нашите идеали имаат сила да ги поврзат деловите на личноста во целина. Таквата психолошка структура Сигмунд Фројд ја нарекува – суперего.

За жал, верувам дека животот во „комуната“ на Леинг на Кингсли Хил не можел да ја задоволи оваа темелна човечка потреба. Во благородниот обид сите да бидат пријатели, Леинг според сè се изедначил со своите пациенти. Бил рамноправен во сè. Но луѓето во потешки психолошки кризи бараат некој што е посилен од нив самите, некој што може да ги води на патот кон светот. Во тешка психолошка криза на личноста ѝ треба цврсто упориште. Ѝ треба – метафизика. Дури подоцна, по многу години анализа, во процесот кој го нарекуваме – „анализа на преносот“ или „деконструкција“, од таквиот „архаичен идеал“ може по малку да се отстапува. Се плашам дека Леинг ја прескокнал првата, мошне важна фаза на секој однос – идеализацијата.

Имено, неговите пациенти секојдневно го гледале, ни повеќе ни помалку, него – сосема пијан. Се прашувам, како да се покрене идеализација кон личност во која не можат да се „проектираат“ стабилност и интегритет? И покрај добрите намери, се плашам дека Леинг не ја спознал докрај својата улога. Верувам дека се плашел од сопствените „величествени фантазии“, и опасноста да не го одведат на „темната страна“. Како што јас го гледам тоа, тоа е универзалниот страв што го поседува секој од нас, и тоа истовремено е темел на психолошкиот проблем кој вообичаено го нарекуваат - нарцизам.

Светлина

Во својот живот Роналд Леинг ги воведе филозофијата на феноменологијата и егзистенцијализмот во светот на психијатријата. Неверојатно ја промени важечката парадигма за менталните болести. Во целиот свет на луѓето со психолошки проблеми денес се гледа на поинаков начин. Всушност првпат и се гледаат! Верувам дека општеството, по Леинг, го прифаќа својот дел од одговорноста за создавање психолошки проблеми – психоза, депресија, анксиозност и други.

Најпосле, се надевам дека проектот на Роналд Леинг нема да падне во заборав. Целта е токму секој психолошки проблем да се гледа како проблем на семејството и заедницата. Некогаш се верувало дека „шизофренијата“ е предизвикана генетски. Денес се ретки оние што мислат така. За жал, историјата се повторува со проблемот – на аутизмот. Колку ќе му треба на општеството да го прифати и тој дел од својата одговорност?

Како што вели Роналд Леинг – „Ако човечкиот род некако преживее, верувам дека луѓето во иднина на нашата епоха на 'Просветлувањето' ќе гледаат како на доба на 'Темница'. Тие ќе знаат дека она што го нарекуваме - 'шизофренија', е само еден од начините на кои светлината почнува помалку да продира низ пукнатината!“.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Dadu Shin

Извор: https://psihologija.eu/

Слични содржини

Психологија / Теорија
Психологија / Наука / Теорија
Психологија / Живот / Теорија
Свет / Психологија / Наука

ОкоБоли главаВицФото