Од другата страна на нашиот Симптом (3)

08.09.2015 12:18
Од другата страна на нашиот Симптом (3)

Секоја генерација има свој посебен главен означител на националниот идентитет – и тој не е статичен. Во преодниот период од една генерација кон друга, доаѓа до историската неопходност за преоткривање на главниот означител на идентитетот на групата. Според тоа, континуитетот на еден народ е условен од наизменичното производство или преоткривање на главниот означител.


„Заглавени“ во историјата

Неуспехот на главниот означител на старата генерација го попречува генерирањето нов главен означител за младата генерација. А без ново сидриште за идентитетот – прилагодено кон новите историски реалности и неопходности - младата генерација е осудена да остане „заглавена во историјата“. Неможноста да се генерира нов главен означител кој би го хистеризирал желанието на младата генерација, води до задушување на колективниот идентитет и до пасивизирање на субјективноста на народот. Современата историја на молдавскиот народ и држава даваат конкретен пример дека овие процеси не се само на ниво на теоретска психоанализа, туку имаат и практични импликации.

За жал, македонскиот народ е исто така заглавен во историјата. Главната тема во македонското општество последниве десет години е историјата - со „антиквизацискиот“ проект како кулминација на целата приказна. Опседнатоста со историјата и антиквизацијата не се ништо друго освен дефанзивен механизам на неуспехот на главниот означител на старата генерација, што попречува новата генерација да си создаде свој.

Денес Македонија живее во первертирана реалност во која еден сосед го оспорува официјалното име (имагинарниот идентитет) а друг сосед ја оспорува официјалната историја (симболичкиот идентитет). Официјалниот одговор на македонскиот академски и политички естаблишмент на овие оспорувања е нивно игнорирање – игнорирање до степен на психотично одделување од реалноста. Последниве две децении (а особено последниве десетина години) официјалната македонска наука произведува историски наратив кој наместо смело и одлучно соочување со оние поглавја од историјата кои се оспорувани од соседите, нуди бегање од проблемот како решение за проблемот – т.е. бегање во античка Македонија.

Во својот Трет Семинар Лакан вели дека „за реалноста да постои, за да се има соодветен пристап до реалноста, за смислата на реалноста да може да биде доверлив водич, за реалноста да не биде онаква каква што е кај психозата, потребно е да се премине преку Едиповиот комплекс“. Во нашиот случај фразата „преминување преку Едиповиот комплекс“ значи директно соочување со нашата историја, или поточно, соочување со трауматичните историски настани и фактори кои водат до појавување на македонскиот народ како организиран историски и политички субјект.

Според Лакан, субјективноста на единката (или на групата) е определена од Симболичкиот и Имагинарниот поредок кои ја уредуваат нејзината реалност. Овие два регистра (или поточно, два поредока) ги уредуваат разните перцепции, мисли, чувства и предрасуди во односите со другите. Имагинарниот поредок е поврзан со првите идентификации на субјектот (почнувајќи од првиот одраз на детето во огледалото), сликите кои ги имаме за себеси, сликите за другите, т.е. првите проекции на Его-то. Симболичкиот поредок е пространство во кое детето навлегува во моментот кога почнува да зборува и да разбира што му говорат. Симболичкиот поредок е пространство на нормите, обичаите, вредноситите, значењата и законите кои го регулираат општењето на субјектот со другите субјекти. Заедно Симболичкиот и Имагинарниот поредок ги цртаат контурите на нашата субјективност. Но исто така има уште еден, трет поредок, кој има исто така има огромно влијание врз дефинирањето на субјектот и неговиот или нејзиниот идентитет.

Да го земеме примерот со македонската историографија како пресуден фактор во дефинирањето на идентитетот на македонскиот народ. Во македонската историја постојат настани и личности кои во нашата историографија се или премолчани или делумно испразнети од своето значење (означители без означено). Постојат делови од историјата кои не се официјално инкорпорирани т.е. не им е обезбедено место во симболичкиот универзум наречен „Историја на македонскиот народ“. Овие делови од историјата кои постојат но сеуште не се процесирани и асимилирани, во Лакановата теорија се нарекуваат „парчиња на Реалното“. Дефиницијата за Реалното е сето она што сеуште не е симболизирано, или се спротивставува на симболизацијата. Славој Жижек го објаснува Лакановото Реално како ентитет кој иако „не постои“ сепак предизвикува пореметувања во симболичното, и на тој начин дејствува врз контурите на идентитетот и субјективноста.

Во горенаведениот случај Реалното се состои во оние историски настани и личности (или аспекти на настани и личности) кои не се адекватно процесирани низ когнитивните структури и категории на нашата историографија и на науката воопшто.

Реалното само по себе е „трауматично“, имено, бидејќи не е асимилирано преку другите два поредока кои ја структурираат субјективноста (Симболичниот и Имагинарниот поредок). Иако овие делови од Реалното се наоѓаат надвор од симболичкиот универзум на македонската историографија, тие сепак продолжуваат да „по-стојат“ и да настојуваат, и на тој начин дејствуваат врз контурите на нашиот идентитет. Ефектот на овие парчиња на Реалното може да се почувствува кога во дебата помеѓу Македонци и Бугари или Македонци и Грци, се спомене настан или личност од овие „потиснати“ области од нашата историја. Тоа што следи е „враќање на потиснатото“ и е проследено со силна анксиозност. Секое соочување со Реалното е проследено со емоции на анксиозност. Истото се случува и кога Македонец ќе спомене факт или историски настан кој во бугарската и грчката историја е табу тема и подлежи на идеолошко камуфлирање и целосно или делумно „потиснување“.

Не е ли оваа анксиозност, проследена со агресивност, механичка реакција причинета од невозможноста емоционално да се процесира она кое сеуште не е симболизирано, т.е. Реалното?

Затоа во психоаналитичката теорија силно се нагласува задачата овие парчиња на Реалното да се симболизираат, и на тој начин да се асимилираат и интегрираат во нашиот Симболички поредок – или како што Брус Финк се изразува - Реалното треба да се „исцеди“ во Симболичкото. Наместо да остане потиснато, игнорирано или маскирано, Реалното во македонската историографија треба да се осознае и да му се даде одредено место во системот. Овој чин не само што нема да го загрози историскиот идентитет, туку само ќе го зацврсти, т.е. ќе му даде поздрава основа. А самото расчистување на отворените идентитетски прашања (во основата на конфликтот со Грција и Бугарија лежат онтолошки прашања поврзани со поширокото значење на идентитетскиот означител „Македонија“) неминовно ќе доведе до создавање услови за релаксирање на односите со јужниот и источниот сосед.

Овие процеси треба да отпочнат првенствено во односите со Бугарија, зашто меѓу Бугарија и Македонија, меѓу македонскиот и бугарскиот народ, односите се хипер-катектирани, т.е. има најголемо инвестирање на либидинозна енергија. Двете држави треба да се соочат со две вистини. Имено, кон крајот на 19-ти век поголемиот дел од интелигенцијата во Македонија зема учество во бугарското национално будење (т.е. бугарската национална преродба). Историското ВМРО се појавува како продолжение на овој процес со други средства. Од друга страна, пак, во периодот меѓу двете светски војни а особено за време на втората светска војна, доаѓа до масовно ширење на македонска национална свест меѓу интелигенцијата и широките народни маси низ цела Вардарска и Пиринска Македонија. Двете официјални науки ги игнорираат овие два клучни настана – и се’ додека овие втемелувачки настани се игнорираат, ќе продолжи бескрајниот валцер на перверзијата меѓу двете соседни држави и меѓу двата братски народа. Дури откако овие „Реални“ и појдовни проблеми ќе бидат разрешени, ќе може да се отвори патот за решавање на другите трауматични прашања – статусот на македонско малцинство во Бугарија и на бугарското малцинство во Македонија.

Проблемите кои Македонија ги има со соседите Грција и Бугарија се поместена форма на последните два неразрешени конфликта на студената војна, имено југословенско-бугарскиот и југословенско-грчкиот конфликт околу Македонија. Двата конфликта се взаемно поврзани како систем на споени садови, што подразбира дека разрешувањето на отворените прашања со Бугарија (разликите во толкувањето на историјата со Бугарија и прашањето со малцинствата) ќе доведе до создавање услови за почеток на нормализација и на односите со Грција.

Само преку уверено, решително и отворено соочување со овие поглавја „потиснати“, т.е. маскирани од страна на главниот означител, ние конечно ќе успееме да се одделиме од либидинозните премрежија на балканските национализми. Само ако Реалното во нашата историја се симболизира на начин кој ќе го направи нашиот идентитет посилен, само тогаш Македонецот ќе престане да биде објект на желанието на балканскиот друг.


Во потрага по ново „Сидриште“

Клучниот проблем со главниот означител на минатата генерација е во тоа што идентитетот на Македонецот се условува со постоење конфликт со соседот или, со други зборови, Македонецот постои само кога е негиран, само кога страда, само кога е пиреј трева која се гази (и пак никнува). Во една ваква констелација од надворешни и внатрешни фактори само генерирањето нов главен означител може да доведе до вистинско ослободување на македонскиот народ од симптомот на страдање и маки.

Ако сакаме да ја промениме реалноста на нашето опкружување треба прво да ја промениме нашата сопствена „огледална слика“ или нашата имагинарна идентификација условена од главниот означител на нашиот идентитет. Посакуваната промена на нашето опкружување треба да почне од нас самите. Фундаменталниот конфликт кој треба да се одигра се состои во Симболичкото наспрема Имагинарното, т.е. во растворување на сликата за себе која ни е проектирана од главниот означител, нејзино демонтирање и симболизирање (интегрирање во Симболичкиот поредок на нејзините одделни делови).

Првата слика на идентификација со која која треба да се спротиставиме е илузијата дека денешна Македонија е беспомошна жртва на агресија од соседните држави (резимирана во добро познатата илустрација од историската читанка за основно училиште). Ваквата идентификација на вечна жртва не се совпаѓа со актуелната реалност на нашето опкружување. Македонија не е опкружена од „непријатели“ кои сакаат да ја анектираат, разнебитат, уништат. Напротив, Македонија е опкружена со држави и народи кои имаат слични дилеми и проблеми – но држави чиишто економии, политики и општества се отвараат едни кон други како дел од проектот наречен обединета Европа. Македонија заглавена во историјата се (само)изолира од овие процеси и опстојува како темен вилает среде Балканот кој полека но сигурно се европеизира.

Втората слика која треба да се конфронтира е илузијата, или поточно лагата, за историската пасивност на Македонецот (позната во форма на реченицата „Македонецот как ТРПе и СТОЈан“). Ваквата пасивизирана претстава за себе доаѓа како резултат од долгогодишното идеолошко и политизирано моделирање на македонската историја и македонскиот национален идентитет во рамките на СФРЈ. Имено, со заострување на студената војна во 1950-тите и изолацијата на Југославија од државите на Варшавскиот Пакт, целата географска област Македонија се претвора во една од невралгичните точки на Европа. Ова е преломниот момент кога во рамките на СФРЈ доаѓа до трансформација на идентитетот на Македонците – т.е. главниот означител „Борбена Македонија“ се заменува со „Македонија јаболко на раздорот“ и „земја на МАКИте“, која е безбедна само во мајчинските прегратки на СКЈ. Но, вистината е дијаметрално спротивна од оваа илузорна самоидентификација! Имено, низ целата своја историја, дури и во најмрачните моменти на ропство и окупација, словенското население во Македонија непрестајно го демонстрира својот непокор и слободарски дух. Во последните век и половина на територијата на Македонија се организирани некои од најголемите и најмасовните вооружени буни и востанија во историјата на Балканот. Кресна, Илинден, Охридското востание, Народно-ослободителната борба и македонското учество во граѓанската војна во Грција се само дел од настаните кои го одредуваат идентитетот на Македонецот, таков каков што е познат до почетокот на 1950-тите, а тоа е идентитет со главниот означител „Борбена Македонија“. Сликата која добро го илустрира овој главен означител е познатата насловна страница од весникот „Илустрација Илинден“ од 1908 година на која е прикажана географската област Македонија, до која стои Македонец во народна носија и пушка во раката. Погледот на вооружениот комита е вперен кон објектот на неговото желание симболички претставено како сонцето на слободата кое изгрева над Македонија.

Во моментот на промена на главниот означител доаѓа до многу интересен феномен за кој Славој Жижек често говори; имено, доаѓа до ретроактивно производство на значење. Ова значи дека значењето на новосоздаденоиот главен означител ретроактивно го менува поимањето на целата историја на групата. Значајноста на настаните од минатото се менува со трансформација на сегашноста.

Тука се манифестира потребата од процесите кои ги споменавме минатиот пат, а кои Лакан ги нарекува „дијалектизација“ на главниот означител и „хистеризација на субјектот“ во аналитичкиот акт.

Во моментот кога субјектот ги конфронтира имагинарните фиксации на неговото его, т.е. во моментот кога почнува да се спротиставува на лажната (пасивна) слика за себе, на површина испливува неговото потиснато желание. Во својот Прв Семинар, Лакан овој процес го опишува на следниот начин: „Тоа е моментот кога субјектот станува свесен за своето желание... и тоа е момент на чист неспокој и немир. Желанието испливува на површина во момент на соочување со сликата. Откако сликата е комплетирана, откако оној дел од сликата кој е претходно неинтегриран и потиснат излезе на јаве, во тој момент се појавува анксиозноста. Тоа е плодоносниот миг кој го очекуваме... Тука се покажува желанието на субјектот, желание кое е присутно и неизречиво“.

Оваа анксиозност или неспокој за кој говори Лакан доаѓа во моментот кога Его-то го осознава своето „непостоење“. Во исто време субјектот се соочува и со празнината во срцевината на своето битие која се открива во моментот на разнишување на имагинарната идентификација со главниот означител. Субјектот чувствува како небаре во процесот на одделување од имагинарната фиксација и консекутивното соочување со празнината, да доаѓа до загуба на нешто, како недостаток на нешто што порано било таму. Овој имагинарен објект буди силна желба за потрага по нештото кое би ја пополнило таа празнина која хистеризираниот субјект ја чувствува. Овој нуспроизвод од дијалектизацијата на главниот означител, Лакан го нарекува изгубен објект (objet petit a) или објект причинител на желанието кај субјектот. Изгубениот објект е нештото кое го причинува анимирањето на севкупното желание на човекот, желание кое е „присутно но неизречиво“.

Овој плодоносен миг за кој говори Лакан е моментот на избор помеѓу храброст и зрелост, од една страна, и патологија, од друга. Патолошки одговор е реакцијата на ДПМНЕ и чуварите на режимот (нереформираната тајна полиција, историчарите (г)домобрани итн.), а тоа е одбрана од оваа анксиозност преку понатамошно потиснување на проблемите и понатамошна самоизолација. Тоа е реакционерната политика која се води во моментов, и која ќе доведе само до уште поголеми проблеми и конфликти, како и до позачестени и поинтензивни „навраќања на потиснатото“.

Зрелиот одговор на анксиозноста се состои во она што Лакан го нарекува „преминување преку полето на идентификации“, а кое подразбира признавање на непостојаната и контингентна природа на човековите темелни идеали и вредности (интернализирани во форма на Суперего) и преминување преку потиснувањата и анксиозноста кои ни се наметнуваат секогаш кога дејствуваме (или сакаме да дејствуваме) спротивно на овие идеали. Заземањето ваква позиција од страна на субјектот резултира во она што Никола Димитров го нарекува „револуција на свеста“, т.е. проширување и продлабочување на свеста и отворање кон нови хоризонти.


Епилог


Една од најинтересните тези на францускиот филозоф Ален Бадју е дека субјектот се здобива со сознание за себе си само преку одлучно политичко делување, т.е. преку извршување одлучна политичка акција. Субјективизирачкото политичко делување за кое говори Бадју е факторот потребен за успешно реконфигурирање на координатите на симболичкиот поредок кој ја формира и регулира нашата реалност.

Добрата вест е во тоа што кај нас овој процес е веќе започнат. Имено, мета-темата на актуелната политичката криза во Македонија е производството на нов главен означител - означител кој ќе доведе до создавање нова митологија која одговара на предизвиците на новото време и која ќе биде гарант на континуитетот за следните генерации.

Новиот главен означител на идентитетот на македонскиот народ триумфално излезе на површина за време на антивладините протести од 17-ти мај: големо македонско знаме околу кое се виорат знамиња на сите народности кои живеат во Македонија. Ако главниот означител на генерацијата до 1950-те е „Борбена Македонија“, а на генерацијата од 1950-та наваму е „Македонија земја на маките и страдањето“, тогаш новиот главен означител на генерацијата од 17-ти мај 2015 е „Македонија и македонскиот народ како обединители на Балканот“.

...

Белгискиот психолог Пол Ферхеге објаснува дека консолидирањето на идентитетот кај субјектот води до развивање капацитет за регулирање на нагоните. Регулирањето на нагоните е и најважен исход на аналитичкиот акт – само субјектот кој е способен да ја оддржува рамнотежата во внатрешниот конфликт помеѓу двата примордијални нагона, нагонот на Животот и нагонот на Смртта, може да се нарече субјект во вистинската смисла на зборот.

Регулирањето на нагоните преку нивно сублимирање е и Фројдовиот предуслов за самото постоење на човечката цивилизација. Капацитетот за сублимирање на нагонот на Смртта, за кој говоревме на почетокот, е она што од прото-субјектот прави субјект; она што ќе спречи во иднина да дојде до повторување на хоророт на груевизмот.

Разрешувањето на овие прашањата е клучен предуслов за македонскиот народ да стане вистински господар на сопствената судбина и да заплови во водите на полната субјективност и сувереност... Тие води се простираат од другата на страна на нашиот симптом.

(крај)

Кон првиот дел
Кон вториот дел

 

Слики: Dave Cooper

 

БИБЛИОГРАФИЈА

“Introductory Lectures on Psychoanalysis”. Sigmund Freud. 1989
“The Ego and the Id”. Sigmund Freud. 1990
“Beyond the Pleasure Principle”. Sigmund Freud. 1990
“The Lacanian Subject”. Bruce Fink. 1996
“A Clinical Introduction to Lacanian Psychoanalysis: Theory and Technique”. Bruce Fink. 1999
“The Sublime Object of Ideology”. Slavoj Žižek. 2009
“Jacques Lacan”. Sean Homer. 2005
“Lacan: A Beginner's Guide”. Lionel Bailly. 2009
“The Cambridge Companion to Lacan”. Jean-Michel Rabaté (ed.). 2003
“The Worlds of Back to the Future: Critical Essays on the Films”. Sorcha Ni Fhlainn (ed.). 2010
“The Ethics of Psychoanalysis 1959-1960: The Seminar of Jacques Lacan. Book VII”. Jacques-Alain Miller (ed). 1992
“Тhe Act and its Vicissitudes” Slavoj Žižek. Статија објавена во онлајн журналот “Symptom”, 5-то издание, 2005
“The Subject of Lacan: A Lacanian Reader for Psychologists”. Kareen Ror Malone; Stephen R. Friedlander et al. 2000

Слични содржини

Јавни Простори / Психологија / Теорија
Јавни Простори / Психологија / Теорија
Јавни Простори / Психологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото