Осаменоста е класна судбина

11.09.2023 01:13
Осаменоста е класна судбина

Најефикасна борба против нееднаквоста е политичката, но на репертоарот има и други методи кон кои најчесто прибегнува народот. Меѓу тие методи спаѓаат и оние кои варираат помеѓу реторичката класна освета и утехата. Најпознатиот пример - опеан во песните, искажан во заклучоците - се однесува на некоја несреќа која наводно ја носат парите. Сите знаеме „што не можат да купат парите“ и колку богатството ги оддалечува поединците од општеството и ги прави длабоко несреќни. Овие дијагнози некогаш знаат да бидат толку остри што кај понаивните можат да предизвикаат и страв од парите што „расипуваат“. Значи, на богатите им се осветуваме со поквалитетен социјален и за нив недостапен побогат живот, а истовремено се тешиме себеси заради состојбата на нашата сметка: подобро да немаме.“

Како што главно е случај со неполитичките санирања на класните и приходните разлики, тие не се засноваат на социолошки валидни проценки. Имено, истражувањата покажуваат дека парите - на личната сметка или јавните пари вложени во инфраструктурата - и тоа како придонесуваат за квалитетот на социјалниот живот. Последниве години сè почесто како симптом за падот на квалитетот на животот се истакнува осаменоста. Самата осаменост најпрвин делува како личен избор или ако не е баш личен избор тогаш барем како недостаток на талент за социјализација. Меѓутоа, постојат бројни социјални фактори кои го надминуваат доменот на личните одлуки и преференции и пресудно го одредуваат чувството на осаменост. Секако, чувството на осаменост не е во директна врска со самотијата: таа може да ни одговара од разни причини. Разликата е дали се работи за наш избор или е резултат на сплет на општествени и економски односи.

На страниците на угледниот Франкфуртер Алгемајне Цајтунг, неодамна беше објавена статија која се занимава со истражувања на осаменоста во Германија и Европа. Истражувањата донесоа цела низа интересни резултати. На пример, младите се поосамени од постарите генерации, а жените се поосамени од мажите. Исто така, интересно е и што на европско ниво проблемот со осаменоста почесто се јавува во „колективистичките“ општества како оние медитеранските. Како една од можните причини се наведува притисокот од обврската за припаѓање на колектив: има помалку маневарски простор за реализација на разни општествени приоритети.

За разлика од „минливите“ или интерпретациски тензичните примери постојат и примери зад кои се кријат малку попрецизни причини. Имено, чувството на осаменост пропорционално опаѓа со растот на месечниот приход. Сиромаштијата едноставно влијае на социјалниот живот: истражувањата и здравиот разум тврдат дека сиромашните поретко се среќаваат со пријателите и познаниците, поретко одат на гости и поретко примаат гости. Причината е едноставна, социјалниот живот чини пари. И не само тоа. Сиромашните често чувствуваат и срам и заради тоа го избегнуваат социјалниот живот. Исто така, животот во неразвиените краишта или делови од градовите со послаба инфраструктура, понедостапни паркови и јавни простори за рекреација, статистички во позначајна мера придонесува за осаменоста. И покрај фамата за наводно автентичниот живот кој се создава во такви контексти.

На чувството на осаменост влијае и обемот на работата. Вработените се чувствуваат помалку осамени од невработените, но кај сите оние кои работат прекувремено или работат напорно се зголемува ризикот од осаменост. Особено кај оние кои треба да работат повеќе за да ги задоволат основните потреби. Тие едноставно немаат време за дружење. И осаменоста не е само проблем на квалитетот на животот. Осаменоста го скратува животниот век и придонесува за позачестени ментални и други болести. Перманентно осамените луѓе страдаат од срцеви болести, анксиозност, главоболки и останати несреќи почесто од другите. Затоа е нужно осаменоста да се евакуира од сферата на личните избори, недостатокот на социјален талент, социјалната неприлагоденост и стравовите кои се лекуваат на индивидуално ниво. Или, попрецизно, да се разликуваат индивидуалните од општествените причини. Осаменоста најпрвин е проблем на пониските класи, а не на отуѓените богаташи кои ги расипале парите. Колку повеќе деполитизирани проблеми има толку општеството изгледа постабилно. А таквиот впечаток зависи од издржливоста на најслабите. Нивните плеќи попуштаат први.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Graham Franciose

Извор: https://www.bilten.org/

ОкоБоли главаВицФото