Спектакуларните инструменти на „Мејва Денки"

14.09.2023 09:59
Спектакуларните инструменти на Мајва Денки

Двајцата браќа, по име Масамичи и Новмичи Тоса, стојат зад уметничката група „Мeјва Денки". Името на групата е преземено од името на фабриката на нивниот татко во која се произведувале електронски делови и која снабдувала компании како „Панасоник", но не ја преживеала нафтената криза, па во 1979 година банкротирала.

Овие уметници, изведувачи, музичари и генијални креатори решиле да ја лансираат својата уметничка група со исцртување на ДНК-то на поранешниот семеен бизнис додавајќи ја на тоа страста за музиката. „Израснав во околината на таа фабрика, па во себе ја носам крвта на татко ми инженер“, објаснува Новмичи Тоша во интервју за порталот Pen online.

„Во Јапонија, опсегот на делување на уметниците е многу ограничен и ми беше прилично тешко да се изразам пред пошироката јавност. Затоа го користев стилот на продавница за електроника. Така настана „Мeјва Денки", како комбинација од мојата уметничка страна дополнета со стилот на продавница за електроника“ Овој чин на позајмување елементи од продавниците за електроника дури влијае и на сценските костими што ги носи дуото на своите настапи: сите музичари се облечени во униформи кои ги носеле вработените во таков тип продавници во повоените години.

 

Автоматска, спектакуларна форма на театар

Во овој паралелен универзум создаден од браќата Тоса, електричарите се рок ѕвезди. „Она што сакавме да го пренесеме со серијата „Цукуба” беше фасцинација од музиката која што произлегува од дисциплината која, кога е поврзана со компјутер, може да создаде автоматска, спектакуларна форма на театар“.

Така, дуото создава инструменти оригинални како Еделвајс. Маримба што самостојно свири, со цвеќиња што се отвораат додека се свири и се затвораат кога музиката ќе престане. Друг пример е Отаматон, музички уред што музичарот го прицврстува на грб и кој се управува со електронски кликови. Исто така постои и Симонс, машина за пеење со дијафрагма која испраќа воздух во вештачка гласна жичка направена од гума, со тензија контролирана од компјутерска програма.

„Она што е интересно за компјутеризираната музика е фактот дека можете да правите музика на рационален начин. Ме интересираше и перкусионистичката и електронската музика. Во серијата „Цукуба” ги комбинирав двете, со инструменти кои функционираат со користење на електрична енергија“, објаснува Новмичи Тоса, кој редовно патува низ целиот свет за да ги одржува своите перформанси и чии инструменти се изложени во различни музеи.

„Мeјва Денки", исто така, ја отвори својата прва продавница во Токио во март 2019 година, лоцирана во Радио одделот во Токио, во областа Акихабара.
Повеќе информации за серијата инструменти „Цукуба”  може да се најдат на веб-страницата на „Мeјва Денки”.

Извор: https://pen-online.com/

ОкоБоли главаВицФото