Фрагментарните огледални портрети на Кат Кристоф

25.10.23 12:09

„Каде е границата на нечие јас надвор од физичкото тело?”, се прашува уметницата Кат Кристоф. „Ако сум блиску до тебе, дали сум дел од тебе? Ако се допреме, нашите битија се вкрстуваат, од каде започнувам јас, од каде почнуваш ти? Дали сме едно единствено битие?”

Пред неодамнешното отворање на изложбата со наслов „Her & the Self” во BEERS во Лондон, Кристоф објаснува што значи да се обидеш да дефинираш нешто толку променливо, флуидно и фрагментирано како што е своето јас.

Таа слика во неутрални и пригушени тонови, прикажувајќи фигури кои се разединети, пресликани, испреплетени и делуваат како промашени. Во делата како што е „She & Her”, на пример, секундарната фигура се чини како да се одлепува од телото на субјектот, мотив сличен на оној во „Portrait of Them IV”.

Други дела, како „Portrait of Her IV”, покажуваат една жена која гледа директно кон гледачот, додека друга идентична форма лукаво се прикрадува и со свесен израз ѕирка од нејзината лева страна.

Со изјавата за изложбата Кат ја поставува теоријата дека секој портрет подеднакво ги прикажува, моделот и уметникот, дополнително заробувајќи неколку идентитети и перцепции во секое од нејзините дела.

Иако изработени од геометриски блокови со суптилна боја, нејзините стилизирани фигури му пркосат на јасното разграничување, нивните форми често се спојуваат една во друга и ја замаглуваат секоја граница меѓу двете.

Субјектите, исто така, ја задржуваат својата анонимност и дистанца од гледачот, дополнително доведувајќи ги во прашање границите на она што можеме да го знаеме еден за друг и за себе.

Кат Кристоф е родена во 1986 година во Будимпешта, Унгарија. Студирала уметност и дизајн на Универзитетот за уметност и дизајн Мохоли-Наги во Будимпешта и на Кралскиот колеџ за уметност во Лондон. Таа има магистерски студии по архитектура, како и внатрешен дизајн и работела во водечки компании за просторен дизајн во Лондон од 2014-2019 година.

Нејзиниот интерес за сликање отсекогаш бил присутен и конечно почнала да се фокусира на нејзината уметничка кариера откако се преселила во прекрасниот уметнички град на јужниот брег на Обединетото Кралство.

Кристоф изложувала во нејзината родна Унгарија, на Неделата на дизајн во Венеција, во уметничката галерија Фстоун во Фолкстоун, галеријата Линден Хол во Дил и ТОАФ во Лондон. Кат моментално живее и работи во Фолкстоун, Велика Британија.

Под влијание на студиите по архитектура, сликите на Кат се имагинативна фузија на природни и архитектонски елементи, двете комбинирани на нови начини и во нови форми според нејзините сопствени субјективни асоцијации за секој, и кои затоа не се обврзани да следат каква било строга логичка кохерентност или критериуми.

Изложбата Her & the Self трае до 25 ноември. Погледнете го студиото и процесот на работа на Кат Кристоф на Инстаграм.

Извор: https://www.thisiscolossal.com/

ОкоБоли главаВицФото