Моќта во опасност

08.11.2023 02:59
Моќта во опасност

По политичките преврати за време на таканаречената арапска пролет пред повеќе од една деценија, арапскиот свет доживеа фундаментален пресврт и воспостави нов поредок. Оттогаш, некогашните влијателни центри на моќ како што се Египет, Сирија и Ирак се ослабени заради интерни војни, кризи и конфликти и така ја изгубија некогашната позиција на водечки сили во регионот.

Наместо тоа, изминатава деценија во прв план доаѓаат монархиите од Заливот богати со нафта и гас, пред сè Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар, па го исполнуваат создадениот вакуум на моќта преку исчезнувањето на традиционалните сили во Каиро, Багдад или Дамаск. Затоа последниве десет години можат да се опишат како деценија на заливско-арапски подем.

Во Заливот се етаблираше нова генерација владетели на која ѝ успеа со комбинација на бескромпромисна политика на моќ, амбициозни цели за диверзификација на економијата, општествена либерализација и тврда репресија не само да го консолидираат својот статус на неспорни раководни фигури туку и да развијат деловен модел кој треба да предизвика глобално дејство. Врз основа на високите приходи од бизнисите со нафта и гас изминативе децении можеше да се развие економски модел кој се темели на принципите на давање ренти: владејачките династии со помош на приходите од производството на нафта и гас беа во комотна позиција на своите општества да им понудат сеопфатен систем на благосостојба при што на располагање ги ставија бесплатното здравствено осигурување и даночната слобода како противтежа за политичката лојалност.

Меѓутоа, овој систем е пред колапс: изворите со нафта се при крај и глобалниот енергетски пресврт во време на климатски промени може да се оддолжи, но не и да се запре. Тоа го сфатија во Заливот и дејствуваа на тој начин. Во Саудиска Арабија на пазарот на трудот доаѓа младото население и веќе не може да се алиментира исклучиво од приходите од нафтата. Затоа под моќниот принц Мохамед бин Салман се форсира економска диверзификација која цели кон позиционирање независно од нафтата, да се поттикнат нови економски сектори и да се создаваат работни места за младите генерации. Затоа се инвестираат суми од милијарди во гига-проекти - како вештачкиот технолошки град Неом на Црвеното море - во туризмот, забавата или спортската индустрија, за засилено да се создаваат работни места, да се национализира пазарот на трудот и да се шири домашната економија.

Моќниот саудиски развоен фонд ПИФ (Public Investment Fund), кој го води принцот, во оваа стратегија стана еден од најделотворните инструменти на саудиската инвестициска офанзива во целиот свет. Во 2022 година ПИФ располагаше со имот од 776 милијарди американски долари, а со тоа ги зголеми своите инвестиции до 10 проценти во однос на претходната година. Во истиот период ПИФ основаше 25 нови компании и купуваше учество во други фирми. Тука спаѓаат не само саудиските компании како што е нафтениот гигант Aramco туку и Facebook, Disney, E-gaming која е голема како и Sports и Konami, производителот на авиони Boeing или Bank of America - во моментов ПИФ спаѓа меѓу петте финансиски најмоќни фондови во светот.

Со помош на ПИФ во рамки на амбициозната програма за модернизација Vision 2030 Саудиска Арабија сака да стане јазол на глобалната трговија, лукративна инвестициска локација и атрактивна туристичка дестинација. Овие цели ги следи принцот кој се презентира како архитект на новата Саудиска Арабија и на многу млади луѓе им нуди перспектива да излезат од закоравениот патријархален систем на патронажа од претходните децении и одново да се дефинираат. Оваа стратегија се темели на комбинација на општествено отворање и политичка репресија, но не се толерира спротивставување и критика на саудиската власт, додека истовремено, пред сè жените, добиваат повеќе права и можност на пазарот на трудот, а младите луѓе, во однос на претходно, можат да се реализираат претприемнички, уметнички и спортски - сè додека не го доведуваат во прашање политичкиот систем.

На тој начин Саудиска Арабија во некои области ги копира бизнис моделите на помалите заливски соседи Катар и Обединетите Арапски Емирати: таму започна успешната историја на глобалниот подем уште на почетокот на 2000-те години. Оттогаш Дубаи се етаблираше како финансиско и туристичко упориште додека емиратскиот претседател и владетел на Абу Даби, Мохамед бин Заед Ал Нахјан како влијателен човек кој ги влече конците од позадина и со одличните односи ги разви Обединетите Арапски Емирати во мала Спарта и модерна Венеција. За време на неговото владеење Емиратите како воена сила успеаја во регионалните конфликти, како оние во Либија или Јемен, да ги следат националните интереси и да ги поддржуваат контроверзните актери. Истоврмено изградија глобално разработена мрежа во поморската логистика која досегнува од Заливот преку Средоземното море до Латинска Америка. Со реализацијата на Експо 2020 или Конференцијата за климата во ОН во ноември и декември 2023 година, Емиратите се претставуваат како платформа за меѓународен дијалог и шампион на технолошкиот напредок и енергетската диверзификација.

И Катар со емирот Тамим бин Хамад ал Тани го перфекционираше својот бизнис модел и се етаблираше како вмрежувач, посредник и партнер. Досегашната кулминација на овој развој беше организацијата на Светското првенство во фудбал 2022 година, која и покрај сите критики и контраверзи во Катар се сметаше за целосен успех и манифестација на сопствениот подем. Светското првенство покажа дека на Катар и покрај неговата мала големост му успеа да соработува со големите и да изгради име на организатор на меѓународни спортски манифестации и доверлив снабдувач со гас или посредник во регионалните конфликти.

Во рамки на преземањето на моќта на Талибанците во Авганистан катарското раководство со помош на своите одлични односи со новите властодршци во Кабул успеа да организира евакуација на меѓународните трупи. И за време на актуелната ескалација на насилството помеѓу палестинскиот Хамас и Израел, Катар посредува при ослободувањето заложници. Како и да е, Хамас веќе со години располага со канцеларија во Катар, а нивниот лидер Исмаел Ханија живее во катарскиот главен град Доха. Таквите примери покажуваат дека Катар има стратегија на разговор со сите, за во кризните ситуации да биде незаменлив. Додуша, блиските односи помеѓу Хамас и Катар се критикувани, но за да се ослободат заложници не ѝ треба катарското посредување само на германската влада.

За да можат успешно да ги реализираат амбициозните цели на економската диверзификација, на владејачите од Заливот им е потребна регионална стабилност. Војната помеѓу Хамас и Израел ги загрозува овие амбиции така што државите од Заливот покажуваат голем интерес да спречат понатамошна ескалација и да го пригушат конфликтот. Меѓутоа, оваа постапка потсетува на одење по жица: на една страна, владите од повеќето монархии од Заливот се позиционираат со поддршка за Палестина и го критикуваат Израел во јавност, а на другата страна се Бахреин и Обединетите Арапски Емирати кои ги нормализираа своите односи со Израел во 2022 година, додека Саудиска Арабија последниве месеци заедно со САД дискутира за воспоставување дипломатски односи со Израел.

Ова приближување беше дел од процесот за деескалација во регионот: Саудиска Арабија ја зајакна не само соработката (неофицијална) со Израел туку бараше и тактичко разбирање со најголемиот регионален ривал иран, што по седум години доведе до повторно воспоставување дипломатски односи на двете држави во март 2023 година. Истовремено попуштија комплицираните односи на ривалитет меѓу државите од Заливот кои во 2017 година доведоа до повеќегодишна блокада на Катар од Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Египет, која беше прекината дури во 2021 година.

Овој тренд на оддалечување од клеветење кон деескалација беше израз на новиот прагматизам кој се темелеше на тактички менаџмент на конфликтот. Така со регионалното приближување би требало да се подобри инвестициската клима и да се зајакнат бизнис моделите. Меѓутоа оваа стратегија би можела да биде загрозена со ширење на конфликтот кон Блискиот исток, заради што државите од Заливот се исправени пред деликатен предизвик да најдат нови патишта за регионална стабилизација за да можат сè уште да ги следат своите национални интереси.

Д-р Себастијан Сонс е научник од истражувачкиот институт КАРПО и ја истражува економската, надворешната, општествената, развојната и спортската политика на арапските монархии во Заливот. Неодамна излезе неговата книга „Новите владејачи во Заливот и нивната тенденција за глобално влијание“.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Mohamed Sabra

Извор: https://www.ipg-journal.de/