Земјата на нееднаквите

13.12.2023 03:12
Земјата на нееднаквите

Во нападот на Хамас од 7 октомври не страдаа само еврејските граѓани, меѓу жртвите имаше и членови на бедуинската, черкеската и друската заедница. Освен тоа, нивните припадници веќе два месеци се борат во редовите на израелската војска на фронтот во Газа. Некои пратеници почувствуваа должност да направат нешто за Друзите заради нивниот придонес во одбраната на земјата и од тоа произлезе предлогот да се поправи контроверзниот закон за националноста1. Овој закон, подготвуван со помош на неолибералната конзервативна група лобисти Форум Кохелет, беше своевиден вовед во правосудниот преврат со кој се најави бранот антидемократски закони. Во процесот на усвојувањето предизвикуваше негодување кај либералната еврејска јавност, нееврејското население, како и меѓународната заедница.

Законот за националноста, со кој се потврдува дека Израел е земја на еврејскиот народ, се наоѓаше на дневен ред во Кнесетот од 2011 година кога првата верзија ја поднесоа пратениците од владејачката партија Ликуд. Со текот на времето беше усогласуван со различните барања на партиите, балансирајќи помеѓу националистичките аспирации и срамот од меѓународната заедница, за најпосле да биде усвоен во јули 2018 година. Еден од особено спорните членови беше Бет7 за правото на верските заедници да формираат посебни населби за своите припадници, заради што беше критикуван како дискриминаторен и расистички кон Арапите. Сепак не се откажаа и на крајот беше усвоена формулацијата која вели дека „државата гледа посебна вредност во основањето еврејски населби и дека ќе продолжи да работи на нивно промовирање.“

Израел најчесто се сеќава дека во него живеат и граѓани од други националности во трагедии како што беше октомвриската. Но ни губењето животи не го отстранува целосно сомнежот дали тие заслужуваат да бидат рамноправни граѓани2. Државата од своето основање ја негува фрагментацијата на општеството, давајќи им нееднакви права на различните заедници. Затоа и повеќето предлози кои доаѓаат од политичките партии се недоволни и немаат цел навистина да обезбедат целосна рамноправност. Суптилното избегнување да се укаже на слабоста на израелската демократија е стил на повеќето јавни претставници и на тој начин може да се посматра и новата иницијатива на пратениците на партијата на Бени Ганц, „Механе Мамлахти“. Во желбата да им оддадат почит на жртвите на војната и да ја отстранат неправдата предизвикана од законот за националност, тие кон крајот на ноември поднесоа барање да се додаде посебен член со кој се гарантираат истите права на граѓаните без оглед на верата, расата, полот или националноста за да се зацврсти принципот на еднаквост.

Пратениците на Ликуд не се сложија со тоа: предложија донесување посебен основен закон кој ќе се однесува само на заедницата на Друзите3. Сè уште не е јасно како тој ќе се занимава со статусот на друската заедница, но се претпоставува дека не би одел подалеку од потврдување на правата за зачувување на културата и признавање на придонесот во одбраната на земјата. Тоа значи дека нивниот статус во општествената хиерархија не би го достигнал статусот што го имаат Евреите, но не би бил толку низок како статусот на Палестинците. Државата само би ги одделила од другите кои исто така ги дискриминира законот: муслиманите, христијаните, Бедуините и Черкесите. Партијата Механе Мамлахти знае дека предлогот на Ликуд нема да ја отстрани неправдата кон граѓаните на Израел, но сепак не се залага за укинување на законот.

Меѓутоа, вистина е и дека тоа не би било доволно. Симболично, укинувањето на законот би било значајно заради пораката што ја носи, но Израел и пред неговото усвојување беше дефиниран како еврејска држава. Неговиот еврејски карактер е утврден уште во 1948 година, со усвојувањето на Декларацијата за независност кога е создадена државата. Со овој документ е утврден приматот и посебната положба на еврејските граѓани, а дури во 1985 година кон оваа дефиниција се додаде одредницата „демократска“, кога беше усвоен основниот закон за Кнесетот. Оттогаш Израел се дефинира како „еврејска и демократска“ држава што ѝ дава простор да се претстави и како претставник на либералните вредности.

Меѓутоа, правната практика и општествените процеси (економските, културните и образовните) зборуваат за системската дискриминација утврдена и пред спорниот закон за националноста. Нерамномерната распределба на ресурсите и политиката на основање нови населби се само еден пример со кој државата го покажува својот однос кон малцинствата. Ниедна палестинска, бедуинска или друска населба не е основана по основањето на државата, а неможноста за добивање дозвола за градење во очите на власта ги прави нелегални населбите во кои живеат припадниците на овие заедници. Покрај тоа, државата со децении системски ја одзема земјата од припадниците на овие заедници, често правдајќи ја постапката со потребата за урбанизација на просторот со што ја уништува нивната економска сигурност. Свесни дека е во прашање само декларативно залагање за рамноправност и дека законот за националноста нема да биде укинат, бедуинската и друската заедница се обидуваат да бидат прагматични барајќи да се легализираат куќите кои се изградени на земјата во приватна сопственост, да се укинат одлуките за рушење на објектите и да се доделат земја и ресурси за градење нови населби. Засега ни Механе Мамлахти а ни другите партии не одговорија на нивните барања.

Слабиот демократски капацитет и недостатокот на сериозна определба за либералните вредности на израелските партии е константа во политичкиот живот во земјата. Покорувањето на националистичката идеологија не дозволува да се трасира поинаков пат за земјата, додека политичките односи истовремено се радикализираат. Заради тоа нема осуда на бомбардирањето на Газа, прогонувањето на Палестинците на Западниот брег, нападите на левичарските активисти. Затоа нема ни притисок врз владејачката коалиција да пристапи кон преговори, иако искуството со Египет и Јордан докажува дека нови човечки жртви можат да се избегнат само со мировни договори.

Заради отсуството на критика и разумни аргументи во Израел расте поддршката за радикалните десничарски идеи за кои се мислеше дека останале во минатото. Една од нив е враќањето во Гуш Катиф и повторно градење еврејски населби во Појасот Газа. Но овојпат тоа не е бизарна замисла на маргиналната екстремна десница. Нејзините претставници сега се министри во владата кои на располагање имаат огромни средства од државниот буџет со помош на кои можат да ги реализираат своите замисли. Израел никогаш не бил во олку лоша ситуација, граѓаните се исплашени и изморени, а крајот не се наѕира.
___________

1. Друзите најдобро се прилагодија на израелското општество и државата, го прифатија служењето војска како начин да ја подобрат својата положба. Но сепак се далеку од рамноправен статус: домувањето, образованието, вработувањето се само некои од проблемите на оваа заедница.

2. Горката и срамна епизода околу погребувањето на Алина Плахти, една од жртвите на октомврискиот масакар, ја открива суровоста на постапувањето на државата. На нејзиното семејство, по потекло од Русија, не му беше дозволено да ја погреба на еврејските гробишта зашто во моментот на смртта не го завршила процесот гиура, преминот во јудаизам.

3. Ликуд има поддршка од Друзите.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://pescanik.net/