Седмо издание на „Медиумски фестивал Скопје”

21.11.2023 10:48
 Седмо издание на „Медиумски фестивал Скопје”

Седмиот Медиумски фестивал Скопје од 21 до 23 ноември ја вперува камерата кон корупцијата и улогата на медиумите во вечната антикорупциска борба. На фестивалското отворање новинари од Македонија и соседството ќе разговараат за (не)моќта на медиумите да се справат со овој сеприсутен феномен, а преку филмскиот избор кадарот се шири на глобалната медиумска сцена со исклучително квалитетни филмски и документарни остварувања кои нудат увид во повеќеслојноста на новинарската задача.

Медиумскиот фестивал Скопје, во организација на „Пина”, традиционално нуди и работилници за активни и надежни новинари, а преку дискусии и јавно презентирање на работата на колегите од Програмата за млади новинари и Програмата за жени новинари, отвора простор за збогатување на домашната медиумска сцена.

Трите фестивалски дена носат дискусии, но и филмска програма почнувајќи со македонската премиера на наградуваниот филм „Лекциите на Блага“, кој ќе се прикажува вечер во Кинотеката во Скопје. Во оваа морничава и напната драма пензионираната професорка Блага станува жртва на телефонска измама заради која останува без животната заштеда, по што добива примамлива, но сомнителна понуда за работа.

Вториот фестивалски ден започнува со претставување на хрватскиот новинарски фестивал „Медиуми во времето“ (Media in Time) кој се одржува во Винковци. По дискусијата за предизвиците на младите новинари во денешната медиумска средина кај нас, ќе се прикажат и два кратки документарни филма потпишани од учесници во Програмата за млади новинари на „Пина”.

Во четврток пак, учеснички од Програмата за жени новинарки на „Пина” ќе дискутираат за работата и резултатите од ваквото вмрежување, како и за предизвиците со кои се соочуваат новинарките кај нас.

Во рамки на Медиумскиот фестивал Скопје ќе се одржуваат и работилници за активни и надежни новинари, годинава посветени на мобилното новинарство и т.н. дата новинарство засновано на анализа на податоци и статистики.

Како и секоја година, содржините и на ова фестивалско издание закажано од 21 до 23 ноември, се бесплатни и заинтересираните ќе може да ги проследат во Кинотека и Котур кафе. Целосната програма за седмото издание на Медиумскиот фестивал Скопје може да се погледне на веб страницата.