Внимавајте на оваа измама за гласови!

24.11.2023 14:08
Внимавајте на оваа измама за гласови!

Неукоста е нашата голема болка. И отсуството на волја за вистината. Со месеци на ред се повторува една лага како да е вистина: со потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија од страна на владата на СДСМ, игнорирана е ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму и нејзиното право да не даде поддршка како на договорот така и на „францускиот предлог“. Поинаку кажано, опозициската партија требало да биде консултирана „на време“, пред потпишување на договорот. За средина задоена со македонски национализам, оваа лага лесно се прифаќа заедно со онаа дека ВМРО-ДПМНЕ е „повеќе од партија“, дека е единствениот заштитник на македонската нација.

Лагата дека СДСМ морал да ја консултира ВМРО-ДПМНЕ „на време“ ја изговараат партиски кадри, новинари, па и професори што би морале да знаат подобро. Овие последниве не ја заслужуваат титулата што ја носат бидејќи туркаат партиски ставови кога од нив се очекува да го просветлуваат народот со вистината. Бидејќи има и магариња со докторати, вреди публиката да биде внимателна и да не верува секому.

Титулата професор не ја заслужуваат и оние што знаат подобро, а молчат. Ако, пак, не знаат, ситуацијата е, да не речам, очајна. Што треба на јавноста да и кажат оние кои знаат? Дека постојат две фази во склучувањето меѓународни договори: првата, во надлежност на извршната власт, е потпишувањето, а втората, во надлежност на парламентот, е ратификацијата. Во втората фаза опозицијата може да гласа против меѓународен договор кога тој ќе се најде на одобрување пред парламентот.

Непристојно е и опасно опозицијата и нејзините поддржувачи да го брануваат јавното мислење со национализам, со образложение дека не била консултирана при потпишувањето. Толку повторуваното обвинување, на кое во општество без „енергија“ никој не му се спротивставува, мора да е веќе дел од свеста на македонскиот човек за уште една неправда сторена врз него од домашни „предавници“. А, всушност, во сите демократски системи извршната власт, значи владата или претседателот, се тие кои ги склучуваат меѓународните договори, а законодавната ги ратификува.

Познат е случајот со судбината на меѓународниот договор за формирање на Лигата на нациите на крајот од Првата светска војна. Американскиот претседател Вудро Вилсон, таткото на идејата за формирање светска организација што ќе го обезбедува мирот, ја доживеал трагичната судбина да умре во долгогодишната битка за прифаќање на договорот што го потпишал, од страна на американскиот конгрес. Никој не рекол дека направил предавство или дека морал претходно да ја консултира опозицијата зашто секаде во светот извршната власт го има уставното право и обврска бргу да реагира на светските збиднувања нудејќи решенија. Нашата извршна власт сметала дека е потребно да потпише договор за пријателство со Бугарија со содржина каква што е запишана, а подоцна и да го прифати „францускиот предлог“ што го условува напредокот на земјата во европската интеграција со промена на уставот.

Бидејќи, во вториов случај, потребно е двотретинско мнозинство за да се стори тоа, опозицијата е на потег. Ставена е во ситуација да ја образложи својата одлука многу детално. Тоа се очекувањата во една демократска држава. Во судир на двата аргументи, оној на власта и оној на опозицијата, околу содржината на договорот или за опасностите од прифаќање или од неприфаќање на „францускиот предлог, на јавноста ќе ѝ стане јасно за што точно станува збор, во согласност со тие сознанија, како да гласа на изборите.

Вака, тврдењето дека нема за што да се разговара зашто неправдата е сторена кога СДСМ не ја консултирал ВМРО-ДПМНЕ пред да потпише и пред да се согласи на меѓународни обврски, е бегање од суштинска дебата и уште една измама за гласови.

Стрип кадри: Jungle Comics

Извор за текстот: Слободен печат