Крешчендо за ЕУ

21.08.2023 09:49
Крешчендо за ЕУ

 

Блокадата на ЕУ перспективите наскоро ќе доживее кулминација. Кои се можните епилози за уставните измени?

Доаѓаме до крешчендото на актуелната криза. Во наредниов период, факторите и процесите кои донесоа до оваа тековна блокада на перспективите за ЕУ, ќе дојдат до својата кулминација и перипетија, во вистинска драматуршка смисла. Власта ќе продолжи да притиска за национален консензус за уставни измени. Опозицијата ќе притиска за предвремени избори. Меѓународната заедница ќе предупредува дека прозорецот на можности за експресен напредок кон ЕУ забрзано ќе се затвора. Притоа, постојат и објективни, логистички околности, кои некои опции ќе ги направат невозможни. Затоа, мислам дека е потребно да се анализираат можните епилози во политичка смисла, за да видиме кои се веројатни и можни, а кои изгледаат како пусти желби.

 

„Отцепување"

Можеби најбрзата, но и најмалку веројатната опција, е да се донесат уставните измени по рецептот на преспанската спогодба - односно со „отцепување“ на извесен број пратеници од опозицијата, или со нивен раскол, за да се стигне до потребната бројка од 80 пратеника. Според мене, овој епилог не е многу веројатен, зашто ситуацијата е многу различна од онаа, кога со ваков маневар, се усвоија уставните измени неопходни за целосна имплементација на преспанската спогодба. Тогаш СДСМ беше во зенитот на популарноста, со долг мандат пред себе, а ВМРО- ДПМНЕ беше под сериозна закана од судски прогон. Потоа, целиот политички амбиент беше поволен за таков маневар. Трето, имавме инстант придобивка - членство во НАТО. Сега ситуацијата е сосема различна - опозицијата е консолидирана, следат избори, на кои ВМРО ДПМНЕ секако ќе помине многу подобро одошто минатиот пат. СДСМ и коалицијата се на стаклени нозе, во борба со секојдневни економски и социјални кризи, и со реално нарушен капацитет за посериозни политички маневри. Конечно, дури и придобивката изгледа виртуелна - продолжување на преговорите без конкретен исход, односно за овој маневар нема инстант гратификација. Тешко е да се замисли дека сериозен број пратеници, во ваква политичка ситуација, би му „свртеле грб“ на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, кој во моментов ја има најдобрата шанса откако е избран на челната позиција на партијата, да победи на избори.

 

Политички консензус

Втората, теоретски можна опција, е политички консензус за уставните измени. Во ова сценарио, низ некакви преговори (јавни или тајни, или и двете), партиите би се усогласиле за потребата од носење на уставните измени. Во оваа опција, клучот е повторно ВМРО ДПМНЕ - односно, условите под кои тие евентуално би прифатиле повторно да разговараат на оваа тема (инаку, нивната моментална позиција е: не зборуваме за ништо освен за избори). Во овој случај, некои од можните концесии се секако предвремени избори, но, според опозицијата, најверојатно и правото на примарен избор на политички партнери во новата влада. Ова, имајќи го предвид анимозитетот кој постои помеѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, но сега веќе и помеѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, најверојатно значи дека опозицијата тешко би прифатила коалиција и со СДСМ и со ДУИ. Во ова сценарио постојат две потенцијални варијабли кои можат да го направат проблематично. Првиот проблем е тајмингот: ако тие преговори се развлечат до октомври, тогаш прв реален термин за избори е заедно со претседателските.
До тогаш веќе за Христијан Мицкоски нема да има политичка логика да прави отстапки за да добие избори само два месеца пред редовните - тоа е сепак голема политичка цена за релативно мала логистичка придобивка. Вториот проблем е довербата на домашната, но уште повеќе, на меѓународната заедица кон ВМРО ДПМНЕ (имајќи го предвид нивното негативно искуство со оваа партија на вакви теми). Имено, Мицкоски самиот не верува дека ќе победи ако гласа за уставните измени пред избори, а никој не му верува дека воопшто ќе гласа за уставните измени, ако победи.

 

Кога сите опции ќе пропаднат...

Третата, најкомплицирана, но, според мене, поверојатна, опција, е овие комбинаторики сепак да останат замрзнати до после парламентарните избори (кога и да бидат тие). Во овој случај математиката е многу јасна: единствена реална закана за да се придобие Мицковски за уставните измени, е доколку во Собранието теоретски е можна коалиција која би спречила негово доаѓање на власт. За тоа, неопходен (но сепак не доволен) услов е ВМРО ДПМНЕ и Левица, заедно, да немаат 61 пратеник. Втор услов е сите други партии да одлучат (политички проблематично, но не и невозможно) да функционираат на систем на малцинска влада до некаков расплет на ситуацијата. И третиот, и најважен услов, е маневрот да функционира: неопходно е ВМРО ДПМНЕ, откако теоретски власта ќе му се лизне низ раце, да согледа и одлучи дека единствениот пат кон легитимитет е поддршка на сегашниот пат за членство кон ЕУ. Оваа опција, сепак, имајќи го предвид тајмингот на изборите за европски парламент, е т.н. „играње по жица“, зашто после мај 2024, никој во ЕУ нема да сака да зборува за проширување на Западен Балкан, па сите маневри можат да бидат бадијала.

На крајот, постои и четврта опција - која, ако се следи емпиријата на Балканот, може да се покаже единствена можна - а таа е, сите опции да пропаднат. ЕУ преговорите да запрат, да нема никаков национален или широк консензус за уставните измени, а партиите да се подесат по политички опортунитет, без многу да се загрижени за „важноста на моментот“, и така да си почмаеме во чистилиштето на сопствените недоследности уште барем една деценија, или додека не ја научиме лекцијата.

После, кој преживее, ќе раскажува.


Стрип кадри: Larry Antonette - Sub-Zero Man (1940)

Пренесено од Дојче веле

ОкоБоли главаВицФото