Промоција на монографијата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963”

01.12.2023 12:32
Промоција на монографијата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963”

Промоцијата на монографијата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963” (од архивските материјали на Васил Хаџиманов) на авторите Ана Мартиноска и Жарко Иванов, ќе се одржи на 5 декември (вторник) во 19 часот во МКЦ, кино Фросина.

Монографијата ќе ја промовира проф. Илина Јакимовска, а свој музички настап ќе имаат Васил Хаџиманов, Вера Милошевска-Јосифовска, Оливер Јосифовски, Ратко Даутовски и Виктор Филиповски.

Книгата претставува монографија за тажачките песни од скопскиот земјотрес со транскрипција на ракописните материјали и на дел од аудиоматеријалите снимени од Васил Хаџиманов во 1963 година. Станува збор за записи снимани во специфични околности на колективна траума непосредно по скопскиот земјотрес, на закопите и помените на жртвите. Овие архивски материјали биле необјавени и недостапни за пошироката јавност цели 60 години, па оваа јубилејна година е одлична можност тие конечно да бидат објавени.

Александар Прокопиев ќе рече дека специфичниот миг на смртта за кој се врзува чинот на импровизација во овие песни ги прави деликатни и тешки за проучување дополнувајќи ја реткоста и особеноста на целиот проект.

„Јасно е дека овие траурни теми и вакви истражувања се раритетни за нашата фолклористика, што ја потврдува нашата увереност во научниот кредибилитет на нејзините автори Ана Мартиноска и Жарко Иванов, научници од Одделението за македонска народна литература при Институтот за македонска литература во Скопје и нивната посветеност кон „тешки“ задачи кои науката ги поттурнувала на страна со децении. Со задоволство го препорачуваме овој монографски труд за читање не само на научната и стручна публика, туку и на пошироката јавност засегната со прашањата на македонската народна култура, но особено со културната меморија за скопскиот земјотрес во 1963 г. како една од најболните точки во историјата на градот и државата. Оваа книга на Ана и Жарко е не само фолклористички научен труд, но и мементо мори за жртвите, за преживеаните, за болката, за поезијата, за народот, за градот во рушевини, за природната катастрофа, за човековата солидарност, за паметењето, за емоциите и спомените...“ – стои во текстот на Александар Прокопиев за монографијата.