Блаженство

27.12.2023 23:44

И ете ме мене, пак сум болен зиме,
не ме интересираат храна, одмор, како ни читање или забава.
Ниту да направам најмал напор да се погрижам за себе,
да речеме, да исцедам портокал или да ги стоплам нозете.

Болести, понекогаш мислам дека си мојот Ерусалим,
моја света земја, роден крај кому отсекогаш сум му припаѓал.
Ме правиш мирен и широк однатре.
Отсекогаш сум имал дарба за тебе.

Над зимските полиња, небото е матно и сиво,
потоа дијагонално испресечено со јагленомодри ленти.
Безгласноста значително е слична со говорот.
Флекички од белка и креч, немарно распрснати.

Отсекогаш сум сакал луѓето да бидат посочувствителни кон мене.
Отсекогаш сум сакал повеќе да бидам скриен од погледите,
да бидам ослободен од должностите
како дете што лежи на страна во постела
и низ прозорецот посматра како минуваат големите бродови.

Глеј: нешто закопано под земја
се пробило низ сите слоеви и години.
Глеј: дошло до површината и се ослободува.

Рацете ми се студени додека го пишувам ова.
Ме боли кожата на лицето.

Од инхалаторот со црвен чеп, кој прво го протресувам како да будам малецок бог внатре,
го сркам аеросолот в гради како шампањ.

Превод: П. В.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото