„Домаќинство за почетници” со награда на меѓународен фестивал во Норвешка

23.01.2024 12:13
„Домаќинство за почетници” со награда на меѓународен фестивал во Норвешка

Филмот „Домаќинство за почетници” на режисерот Горан Столевски ја освои главната награда „Аурора ” на Меѓународниот филмски фестивал во норвешкиот град Тромсо. Фестивалот се одржуваше од 15 до 21 јануари, а на Столевски му беше доделена и награда од 5.000 евра.

Инаку, третиот филм на македонско-австралискиот режисер Столевски ја доби и 17. „Queer Lion” награда на 80. издание на фестивалот во Венеција, во конкуренција од 16 филмови, меѓу кои и „Dog Man” на Лук Бесон и „Maestro” на Бредли Купер. Филмот продуциран од Лист продукција – Скопје го отвори и 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки”.

„Домаќинство за почетници” беше избран за годинашен македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм”, но не влезе во трка за ова престижно признание. Македонската публика имаше можност да го види во скопските кина во октомври минатата година.

Филмот се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале. Главните улоги ги толкуваат Анамариа Маринка и Алина Сербан од Романија, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Македонија. Во споредните улоги се Сара Климоска и Ајше Усеини од Македонија и Розафа Целај од Косово.

На 26 јануари филмот ќе има кинопремиера во САД.

Извор: https://sdk.mk/