Боли глава

Погрешив, но не обвинувам никого

Една од најголемите грешки ми беше тоа што во 2004 се кандидирав за претседател. Тогаш проценив дека секогаш има крај на сè, па и на моето претседателствување со СДСМ и донесов одлука да се повлечам, сметајќи дека има екипа која може да ја води партијата. Бучковски беше меѓу тие луѓе. Погрешив, но не обвинувам никого.
Бранко Црвенковски; „Плусинфо“, 23.11.12.

нема
24.11 2012
Организацијата и македонскиот дух

Мислата дека треба да се напише нешто за револуционерната организација ми го облива срцето со крв. Да се пишува за една организација, која за резултат го има упропастувањето на Македонија, макар тоа не е само организација, туку Софија, со својот цар, со своите министри и генерали со својата државна, а не националистичка политика, ја погреба Македонија и и' причини огромни жртви од луѓе и материјални блага. Јас, пак, се чувствувам како виновен за сите тие злосреќи дека јас и моите другари станавме причина за револуционизирањето и како последица на тоа - погубувањето на Македонија и на Македонците. И јас му се чудам на македонскиот дух, како тие луѓе не не' убија со камења откако го согледаа грозниот и жалниот излез на нашата револуционерна иницијатива. Цела Македонија, како еден човек, со трогнувачка еднодушност тргна зад нас, ни ја даде сета своја поддршка и своја морална доверба да го водиме кон ослободување, а излезе дека сме го воделе кон упропастување и кон ново, уште потешко ропство и при такви дијаметрално противположни резултати пак да не не' обвинува, да не не' навредува, да не мрмори против нас - создавачите на револуционерната организација и водачите, туку молчаливо и со полна покорност на својата судба да си го преземе тешкиот голготски крст - тоа предизвикува во мене адмирација и велам: Македонци, вие не сте само херои, туку светци. За вас сите жртви се заслужни.
Иван Хаџи Николов, еден од основачите на ВМРО 1893; Ерол Ризаов цитира фрагмент од неговите Спомени; „Утрински весник“, 22.11.12.

нема
23.11 2012
Сексуален чин во здрав мозок

Не знаев дека здраво семејство се формира со експлицитен сексуален чин директно во здрав мозок.
Ѕвездан Георгиевски, „Глобус“, 20.11.12.

нема
22.11 2012
Кражба на градежни материјали

 Престанете со кражбите на градежни материјали од бугарскиот двор за вашата чудна државна конструкција. Јасно е дека ви недостасуваат основни елементи од историски и културен карактер, но не можете да ги присвојувате постојано во името на некаков ексклузивен многувековен и монолитен идентитет.

Станимир Илчев, европратеник, во колумна во софискиот „Труд“ им се обраќа на македонските власти; „Фокус“, 16.11.12.

нема
21.11 2012
Бездетни и многудетни

Осведочените предавници, душмани, платеници и непријатели на овој народ антички и оваа земја библиска, Бранко Героски, Љубомир Фрчкоски, Роберто Беличанец, Жарко Трајаноски и Сашо Орданоски (да споменам само некои), имаат сите повеќе од две деца (некои од нив имаат и четири, па и пет), додека во редовите на актуелната ни влада, на размножувањето на супериорните ариевски гени на македонскиот натчовек, се чини не се посветува баш многу внимание. Дури и апелите од светите владици на МПЦ не помагаат министрите на Груевски да побрзаат со правење деца. Но впрочем, зошто и некој би ги слушал што зборат владиците, кога самите тие, заедно со нивните монаси и монахињи, сите здрави и прави, решиле да не создаваат потомци. По кој критериум, пак, тие се релевантни да повикуваат други луѓе да прават деца кога самите ем можат, ем нејќат да прават свои деца?!
Нено Богдан, колумнист; „Фокус“, 16.11.12.

нема
19.11 2012
Хашки таги и дружби

Додека Љубе се дружеше со Милошевиќ, Јохан тагуваше.
Слободан Чашуле, поранешен амбасадор и министер; „Либертас.мк“, 16.11.12.

нема
16.11 2012
Стигма

Има некаква первертна кохеренција во општата папазјанија на невкус, несразмер и наметливост до отворено насилие во проектот СК014, со што во иднина сите ние треба да живееме. Тоа насилство во него, од него ќе зрачи кон нас и ќе нè следи како сексуално злоупотребено дете долж неговото созревање. Ќе ни треба многу терапија, многу соочување со нас самите за да можеме такво насилство врз нашите институции и, впрочем, врз себеси да го консумираме и да го преживееме, а да останеме здрави! Опозицијата нема став околу сево ова, не била талибанска! Добро, но ние ќе живееме со таа лузна на лицето како константинополските проститутки (и веројатно ќе си велиме имаме поважни работи сега, не сме како нив и Лас Вегас е кич, па што!).

Љубомир Д. Фрчкоски; „Либертас.мк“, 14.11.12.

нема
15.11 2012
Повик за сериозност

Ги повикуваме сите земји од ЕУ и од светот сериозно да ја сфатат Србија.
Ивица Дачиќ, премиер на Србија; „Време“, 09.11.12.

нема
14.11 2012
Себе не се бара на оглас

Моја работа е мојот IQ. Правите една голема грешка со вакви паралели.
Никола Тодоров, министер за здравство; „Плусинфо“, 10.11.12.

нема
12.11 2012
Влаго пресметал: Супер Грујо 240 пати појак од Црни Бране!

Симултанка во шахот е посебна дисциплина. Бара посветеност, брзи потези и многу работа. Еден играч одеднаш игра на 20 табли, со 20 противници. Тој мора сите 20 табли да ги има „во глава“, а соперниците имаат само една партија пред нив. Така беше минатиот месец со Никола Груевски и Бранко Црвенковски. Бранко Црвенковски за цел месец одржа 1 (еден) митингашки говор. Толку, ништо друго. Никола Груевски отвори, направи и пушти во употреба за 30 дена повеќе одошто Црвенковски за 20 години.

Влатко Ѓорчев, пратеник; „Дневник“, 09.11.12.

нема
10.11 2012
Најзаводлива рокенрол-балада

За Македонија нема потреба и да се зборува премногу. Нејзиниот бренд има сила на најзаводлива рокенрол-балада. И така, во прекарот на мојата татковина, Република Македонија – ФИРОМ е содржана цела една лепеза од релевантни историски содржини, значајни за целокупната светска историја. И не само тоа, таа е земја со најбогатиот фолклор и најцрвените патлиџани на планетава.
Александар Станкоски, „Утрински весник“, 06.11.12.

нема
09.11 2012
Помошно средство-џогер

Имено, заради поподробно запознавање на пошироката јавност, ако причината за самочистењето на фреските е влагата, која доаѓала од тоа што ’подот се трие и се чисти со плискање вода од кофи’, (цитиран извадок од весник н.з.), веднаш укажуваме дека подот не се чисти на тој начин, бидејќи храмот нема одвод, туку се чисти со помошно средство-џогер кое само се навлажнува во вода.
Соопштение на Скопската епархија на МПЦ; „Утрински весник“, 02.11.12.

нема
08.11 2012
Приходи и вработени

Во првите 40 компании во Македонија, 4 се занимаваат со трговија со струја, со приходи од 105 милиони евра, 55 милиони евра, послабите со „бедни“ 36 милиони евра, но зад себе затоа имаат 5, 1, 1 и 2 вработени. Да биде иронијата поголема во компанијата со 2 вработени една е лидерот на Гласот на светлината. Малку попрецизната анализа (која за жал ниту Регулаторната ниту Шврговски не ја прават) покажува дека фирмата која има приход од 105.995.468 евра има добивка од само 709.973 евра, со 5 вработени трошоците и биле 104 милиони евра и кон Република Македонија платила давачки за добивка од само 700 илјади евра!!! За разлика од неа, фирмата која е рангирана на 30-то место, и има приход од 54 милиони евра, направила загуба од 1,2 милиони евра и Македонија добила голема нула. Секако педантната анализа на овој исклучително корисен материјал ќе покаже и дека постои фирма ќерка на АД „Топлификација“, со име „Топлификација“ (инвентивно поприлично) која во 2011 имала приход од 35,5 милиони евра со НУЛА вработени и веројатно затоа стигнала до добивка од само 233.000 евра, додека компаниите: Снабдување Центар, Исток и Запад со 30, 70 и 28 вработени прават многу помалку профит и се некаде на дното од 200 најуспешни компании во Македонија.
Јани Макрадули, „Плусинфо“, 07.11.12.

нема
07.11 2012
Алфа-омега парот Џафери – Ахмети

Сегашните, па и идните номинални носители на функциите во овие градови се само излитени самари зајавнати од алфа-омега парот кој ја води оваа партија. Политичкиот модел на водството Џафери – Ахмети не содржи ниту национализам ниту демократија, туку само мимикрија на пропагандeн „напредок“, замолчување на критиката и бегање од соочување со јавноста. Во основа станува збор за споделен психо-социјален профил на длабока омраза кон урбаното и интелектуалното како две категории кон кои не умеат да се приспособат и уште помалку да ја скротат. Таквиот однос ја објаснува нивната потреба за пишување Рухнама биографии, држење глупави и очајно неразговетни говори без содржина и дух. И над се' – елиминација на сите партиски конкуренти по интелектуална способност во чија блискост се потсетуваат на својата потпросечна интелектуална подготвеност, болка која не се лекува со смешните, бездруго во киоск купени докторантски титули.
Арсим Заколи, „Утрински весник“, 05.11.12.

нема
06.11 2012

Препорачуваме

На оние кои легнале на брашно (пет песни)

Фашизмот е тема на петте книжулиња во третиот том на едицијата ОК.NO.

Секој ден песна - мала антологија на светската современа поезија

Десет песни од новата Темплум книга во едицијата „Модерна Македонија“.

Најдобрите вицови на Окно

OK.NO. - нова едиција книги по повод петнаесетгодишнината на нашиот портал.

На маргините може да се пишува

Тони Димков го водеше разговорот со Никола Гелевски, основачот и главниот уредник на порталот Окно.

ОкоБоли главаВицФото