Три насилни смрти и едно бавно убивање

01.04.2024 10:05
Три насилни смрти и едно бавно убивање

Првиот услов за бесмртноста е смртта, напишал бесмртниот Станислав Јежи Лец, и по овој афоризам одвишок е да се каже и збор повеќе за портите на бесмртноста. А пак, сказната за тоа кој и како станува бесмртен по смртта, е толку обемна и сложена што и не вреди да се раскажува. Вреди да се спомне, меѓутоа, веројатно најважната вистина за бесмртноста: дека таа е создадена од културата на сеќавање и чествување на името и делото на оние мртви од кои е создадена супстанцата на идентитетот и вредностите на заедницата што го одржува огнот над нивните гробови.

Тарашкајќи малку по пепелот на бесмртниците, всушност по досиејата на некои неодамнешни кандидати за место во алејата на запаметените, наидов на три насилни смрти што предизвикаа сосем контроверзни одлуки во Министерството за вистина, кајшто надлежната комисија везден заседава.

Елем, на 25 февруари, Арон Бушнел, дваесет и петгодишен припадник на воената авијација на САД, во полна воена униформа, го постави својот телефон на земја пренесувајќи ја снимката во живо, се поли со петролеум и се самозапали пред амбасадата на Израел во Вашингтон.

Додека горел исправен, жив голтнат од пламенот, во знак на протест против американската поддршка и израелското блатантно вршење геноцид над цивилното население во Газа, Бушнел до последниот здив ја извикувал паролата: „Слобода за Палестина!“ Во видеото што го снимил претходно, приближувајќи ѝ се на амбасадата пред која ќе се самозапали, Арон Бушнел изјавил дека „веќе нема да соучествува во геноцидот“, и дека „ќе изврши екстремен чин на протест“, но дека споредено со она што луѓето во Палестина го доживуваат од рацете на своите израелски колонизатори, неговиот чин и не бил толку екстремен.

Во матниве времиња на тетеравење на светскиот поредок, за толку возвишена доблесност како што е протестот против геноцидот врз немоќни цивили, и тоа во политичкиот центар на светот кајшто столуваат боговите заштитници на слободата и демократијата, човек ќе помисли дека ова радикално насилство, извршено врз сопствениот живот, и протест над протестите, ќе биде главната вест во најголемите медиуми од целиот слободен свет. Но, гадно ќе погреши. Веста за саможртвата на Арон Бушнел беше проголтана од безмилосната пропагандна машина на западните слободни медиуми, проџвакана во манир на здржана чиновничка досадност, и фрлена во анонимност наместо во бесмртност. А тука, во Македоња Вечна, во папокот на светот, не се слушна ниту тивкото пласкање на пропагандната плунка со којашто Бушнеловата радикална саможртва беше пратена во ништожноста на непостоењето.

Се самозапалува седнат крснозе

Ваквите протести, паметам многу добро, минатиот век знаеја да ја обликуваат историјата. Не верувам дека на некој возрасен сведок на американската инвазија на Виетнам засекогаш не му е втисната в глава сликата на виетнамскиот будистички свештеник Тич Куанг Дук, како седнат крснозе се самозапалува и исправен изгорува пред камерите и очите на светот. Или кој не слушнал за Јан Палах, кој во 1969 година – застанат на скалите од Националниот театар во Прага – се поли со бензин и се запали, оставајќи порака дека страшниот чин е единствениот начин да го изрази својот протест против совјетската инвазија на Чехословачка. Чесите сè уште прават редовни комеморации на денот на самозапалувањето на Јан Палах, а по него нарекоа и улици и плоштади.

Но во светската метропола на слободниот печат големите медиуми објавија дека „човек се запалил пред израелската амбасада“, а портпаролот на Тајната служба му изјавил на „Тајм“ дека станува збор „за индивидуа што патела од можни медицински и ментални здравствени проблеми“. Изгледа дека кандидатите за бесмртност ги разобличуваат најдлабоките вистини за општествата што ги спречуваат во нивниот пат кон бесмртноста, зашто историска вистина е дека ова соопштение на Тајната служба буквално се совпаѓа – и тоа од збор до збор – со соопштението за трагичната смрт на Јан Палах што совјетската служба КГБ и чешката полиција во тоа време и ја испорачаа на чешката јавност.

Тоталитаризмот најлесно се препознава кога најморалниот чин на саможртва во полза на другите, било да е таа на крст или во оган, ја нарекува ментален здравствен проблем.

Смртта на Наваљни демократскиот олимп ја дочека подготвен

Но смртта на Алексеј Наваљни, на 16 февруари годинава, во руските казамати на далечниот север, демократскиот олимп ја дочека подготвен, па уште додека Наваљни умирал неговата сопруга ѝ се обраќаше на НАТО-конференцијата во Минхен. Приемот кај претседателот Бајден во Белата куќа веќе беше закажан и се одржа додека веста за смртта на опозиционерот уште вжештено го обиколуваше светот. Самата вест за смртта на овој бескрајно шармантен и лудо храбар руски политички активист сите главни медиуми на Запад ја поместија на удирно место, а биографските податоци за неговата бескомпромисна борба против режимот на претседателот Путин, режимот на „измамници и крадци“, како што го нарекуваше Наваљни, ги полнеа удирните термини и насловните страни на медиумите со денови.

Во деновите кога западниот свет жалејќи му ги поплочи на „лидерот на руската опозиција“ скалите до бесмртноста, никој не ги спомна вистинските политички убедувања на Наваљни: дека бил бел супрематист и расист, ултрадесничарски националист, кој се залагал за наоружување на сите Руси, изјавувајќи дека Русија е на Русите, а не на мигрантите што се виновни за сите руски проблеми, ја одобрувал анексијата на Крим, а муслиманските имигранти ги споредувал со инсекти и бубашваби. Во Министерството на вистината сигурно било проценето дека овие трици не се од полза за имиџот на починатиот кој се испраќа во алејата на бесмртните, зашто загинал со маченичка смрт во борбата за слобода, демократија и човечките права.


Третата насилна смрт што во затворска ќелија го зема в прегратки на 11 јануари чилеанско-американскиот писател, новинар и воен коментатор Гонзало Лира, не беше ниту спомната од ниту еден важен медиум во целиот слободарски западен свет, без оглед на фактот што Лира беше државјанин на САД и без оглед на фактот што беше уапсен и осуден на затвор поради тоа што како новинар слободно го искажувал своето видување на настаните. Лира починал по цели осум месеци тортура и гниење во украински затвор, каде бил уапсен во месец мај минатата година и сè до последниот ден бил пријателски наговоран да умре од „природна смрт“ од страна на украинскиот КГБ.

Тишината за неговата смрт од страна на властите на државите чијшто државјанин бил – Чиле и САД, како и суровиот третман на украинската тајна служба за државна безбедност кон еден американски државјанин и новинар се сосем објасниви ако се знае дека Лира имал критички поглед кон режимот на Зеленски, кого го обвинувал за авторитарно владеење и за тоталитаризација на украинското општество, за водење непотребна војна против Русија во интерес на НАТО и на сметка на украинската попусто жртвувана крв. Очигледно е дека Гонзало Лира погрешно ја сфаќал слободата на убедувањето, говорот и известувањето, поради што сосем оправдано западните демократии ќе сторат сè што е потребно тој да биде отстранет од кандидатската листа на бесмртните.

И да завршам со едно бавно убивање, што трае за целово ова време додека успешните и помалку успешните кандидати за бесмртност го исполнуваат својот прв услов за кандидатура. Веројатно најзначајниот новинар на 21 век, Јулијан Асанж, кој на светот му ги обзнани мегазлосторите починети од државите „лидери на слободниот свет“, сè уште одбива да умре во затворската ќелија во која британската правда го држи веќе петта година, канејќи се да го испорача на американската правда, која, пак, за чинот на слободното печатење на вистината ќе го осуди на смрт во ќелија. И неговата основна грешка е погрешното сфаќање на слободата на говорот, односно смешното и наивно буквално поимање на слободата како слободна. Но бесмртноста – која, исто така, не смее да се сфати буквално – ја заслужи и пред да го исполни условот на Лец.


Фотографии: Joss McKinley - Muybridge's Horse

Извор за текстот: Слободен печат 

ОкоБоли главаВицФото