1027 hPa
70 %
7 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 08:59
Пишувајќи ги овие редови, во тивката есенска ноќ на 29 ноември, погледнувам често низ прозорецот во непроѕирната темница, сосем без причина, зашто освен безмилосниот мрак што заседнал врз градот, апсолутно ништо не се случува на небото над македонската метропола. Ништо што би ја потсетило дека ноќва истекуваат последните мигови од роденденот на македонската државност, од денот на раѓањето на македонската национална еманципација и култура. Не дека очекував торжествени огномети што ќе го славеа раѓањето на југословенската федерација и нејзиното македонско чедо, во дамната 1943-та, среде огнот и црниот чад на најголемата од сите војни, но сепак, иако без мисла и надеж, секоја година на овој ден упорно, како по нагон, припогледнувам во темната ноќ на самозаборавот, низ која веќе долго патуваме.
Ваквите влажни ноемвриски ноќи се како создадени за тонење во книга, во мисла што ја бара светлината во сеќавањето, што посегнува во минатото, во „златната доба“ што секоја цивилизација ја одживеала, барајќи надеж во воскресението на вредностите што некогаш блескаа, осветлувајќи го патот кон иднината. Читам така, со растреперена душа, како е пронајден натпис од вториот век пред нашата ера во малоазиското гратче Теос, во кој богатиот дародавец приложил сума пари за изградба на училиште, за неговото одржување, и за вработувањето на тројца учители „за да може на сите деца родени како слободни луѓе да им се обезбеди да се здобијат со неопходното образование“. На сите деца, подвлечено е во завештанието, на сите момчиња и девојчиња еднакво! Записот изваден од прашината на милениумите е сведоштво за цивилизациски и ослободувачки, просветителски блесок, што на планетава повторно е достигнат дури неодамна.
Суровата римска империја воено ги победи сите македонски кралства што ја одгледуваа и ја ширеа хеленската цивилизација, но во потполност им се потчини на културните, духовните и просветителските вредности на старогрчката култура. Непосредно пред својот залез и распаѓање, во 350-та година, Рим бил град со дваесет и девет јавни библиотеки, а деталните процени за писменоста во Помпеи укажуваат на тоа дека во времето непосредно пред своето катастрофално исчезнување во вулканската пепел на разбеснетиот Везув, во градот биле писмени околу 60 отсто мажи и не помалку од 20 отсто жени. Во својот зенит Рим ги спојувал јавните библиотеки и читалници со јавните бањи, кои од времето на Трајан, во вториот век, станале вистински социјални, културни, спортски и угостителски центри, во кои оделе буквално сите, и мажи и жени, млади и стари, богати и сиромашни. Термите биле опремени со простории за бањање, за масажа и за нега на телото, за фискултура и за вежбање, за разговор и дружење, имало и градини за шетање и уживање, и на таа милина биле приклучени две одделни библиотеки и читалници – грчка и латинска, а сето тоа било изградено и одржувано од државната каса. Ех, ќе речете, не ќе ова да било можно!?
На некој начин и ќе бевте во право, зашто набргу станало невозможно, непостоечко и – барем во секојдневниот живот на Европа – сосем заборавено, и тоа во следните 1500 години. Недолго откако Константин ја озаконил христијанската религија во почетокот на четвртиот век, во 391 година царот Теодосиј ја прогласил христијанската вера за единствена државна религија, ја прогласил практично целата римска и грчка култура за паганска, со што почнало уништувањето на храмовите, книгите и другите богатства на грчко-римскиот начин на живот, па со нив исчезнале и библиотеките, а под удар на верските фанатици дошле и бањите. Бањите како социјално средиште во кое се мешале сите слоеви на општеството, но и самото бањање, како израз на паганскиот неморал и декадентно уживање, сетилност и духовна валканост, дошле под идеолошки удир на христијанските првоборци. Едно писмо од петтиот век, напишано од некој калуѓер, јасно тврди: „Не сакаме да се бањаме во јавните бањи“.
Долги векови оттогаш, небањањето се сметало за акт на верската посветеност, како мерка на аскетската побожност. Симеон Столбник не дозволувал водата да му го допре телото, па има запишано сведоштво дека „така силно смрдел што било невозможно човек да се качи и до половина од скалата, а да не ти падне мака“. Кога излегол од пештера по две години престој, преподобниот Теодор Сикеот се појавил меѓу луѓе „толку смрдлив што никој не можел да ја поднесе неговата близина“. А Климент Александриски напишал дека добриот христијанин не сака да мириса убаво и дека „ги отфрла сите преголеми задоволства и други раскоши, како што се мирисите што му удоволуваат на сетилото за мирис (…) кои преку сетилата ја слабеат и расипуваат душата“. Така почна добата во која одвратната реа била „мирис на светоста“.
Ова долго историско патување низ европските цивилизациски премрежиња, подеми и падови, блесоци и долги темни ноќи, ми беше потребно за да го допрам денешниот миг: сведоци сме на зората на една нова доба кога смрдежите што ги растера виорот на Втората светска војна станаа светците на нашата современост. Како инаку да се сфати дека целата Европа и целиот глобален Запад, на овој или оној начин, некој тивко и подло, некој лицемерно и снисходливо, а некој грубо и простачки, сите ја слават изопачената историја во која фашизмот практично победи во војната, а неговите вистински победници станаа злосторниците што го зацрнија континентов половина век. Фашистичката реа стана повторно „мирисот на светоста“ и токму затоа Југославија е завиткана во молк и заборав на целиот континент, зашто беше жив сведок, отелотворување и паметник на победата над капитализмот и над фашизмот; беше цивилизација и општество што хуманистичките вредности на слободата, еднаквоста и братството ги беше остварила подобро од сите цивилизации во историјата, а особено подобро и поверодостојно од сите современи држави на развиениот Запад.
Европа својот пат кон просветителството и модерноста го пронајде гледајќи наназад, во златната доба на Атина и Рим. Ренесансата и потоа векот на рационализмот и просветителството беа постигнати со обновувањето и со славењето на вредностите на грчкото и римското античко просветлување. Не постои друг начин за сигурен пат во светлата иднина доколку линијата на прогресот не ја повлечете низ две точки – како нишанска справа: едната во посакуваното светло минато и другата во сегашната решеност тоа да се возобнови. Ние, кои својата златна доба – без секое сомнение – ја имавме во златното време на југословенскиот процут на слободата, културата и модернизмот, својата ведра иднина и просперитет можеме да ја „нанишаниме“ единствено доколку вредностите на слободата, правдата, достоинството, еднаквоста и братството што во Југославија го достигнаа својот највисок и најверодостоен дострел во историјата на светот, велам, доколку тие вредности ги проектираме – славејќи ги секојдневно – и во нашата иднина.
Наместо тоа, ние го премолчуваме нашиот „златен век“, како и да не се случил, и талкаме по темницата како дементни болни, облечени во карневалски руби на Александар и татко му, затруени со фашисоидни вмровски будалштини, упорно, секоја година завиткувајќи го роденденот на југословенската федерација и на македонската република во темна есенска тишина, и во тажниот гнилежен мирис на паднатите лисја.
Среќен ти роденден Југославијо, рајска земјо на остварената вечна утопија за човечката слобода, еднаквост и братсвво! Среќен ти роденден Македонијо, сираче избркано од рајската градина, што среќата ја бара во замислената Европа и ја наоѓа во блажената деменција и во самозаборавот со кој патува низ ноќта!
Слики: WW.H. Robinson, Shakespeare's Twelfth Night
Извор за текстот: Слободен печат