1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 03:59
Френсис, жител на населбата, решен да живее колку што може подобро и покрај тоа што има Алцхајмерова болест
Ланде Алцхајмер е населба во југозападниот дел на Франција која е специфична поради тоа што сите жители во ова мало место имаат деменција.
Во продавницата на главниот плоштад се продаваат едноставни намирници кои секому му се потребни, но таму не примаат пари, па никој не мора да запамти дека треба да понесе паричник.
Локалните жители во локалната продавница
Френсис, поранешен земјоделец, секојдневно оди во продавницата да го земе дневниот весник, па среќавајќи го таму му предлагам да одиме на кафе во соседниот локал, ресторан кој служи како социјално срце на селото.
На прашањето како како се чувствувал кога докторот му соопштил дека има Алцхајмерова болест, тој за момент враќајќи се во тоа време, одмавнува со главата, и, по кратка пауза, вели: „Многу тешко. Но, животот продолжува ”.
Неговиот татко исто така имал Алцхајмерова болест, но Френсис вели дека е помирен со таа идеја и дека не се плаши:
„Не се плашам од смртта, бидејќи тоа секако ќе се случи еден ден. Во меѓувреме, ќе го живеам животот и покрај тешкотиите кои ги носи болеста. Тука сум да живеам, иако да се живее со оваа болест не е едноставно. Но, ако се предадете, тоа е крајот. Затоа, продолжувате, најдобро што можете ”.
Како што одат во продавницата и ресторанот, жителите се охрабруваат да го посетат и театарот и да се вклучат во активностите.
Филип и Вивиен продолжуваат да живеат со болеста, онака како што можат
Филип и Вивиен велат дека откако им била дијагностицирана деменција продолжуваат да живеат нормален живот на начин на кој што знаат и умеат.
„Често одиме на прошетки, тоа не смирува”, вели Филип, загледан во далечината.
На прашањето дали се среќни, тој веднаш ја врти главата и со радосна насмевка вели: „Среќни сме, навистина”.
Потоа, завршувајќи со кафето, стуткани во топла облека, двајцата се враќаат во паркот.
Времето во селото поминува поинаку. Нема закажани термини за прегледи, пазарење и чистење - само нежен ритам кој на жителите им дава мир и поголема слобода
Професорката Амиева вели дека семејствата се чувствуваат помалку виновни знаејќи дека нивните родители и роднини живеат во населбата
Селото внимателно се следи, а професорката Хелена Амиева вели дека раните резултати покажуваат дека тоа всушност влијае на текот на болеста.
„Она што сме имале прилика да го видиме кога луѓето влегуваат во голем дел од установите е забрзано когнитивно опаѓање, но тоа не може да се види во оваа институција. Овде гледаме еден вид глатка еволуција. Имаме причини да веруваме дека ваквиот тип на институции можат да влијаат на траекторијата на клиничките резултати”, вели таа.
Од установата велат дека забележале и „драматично намалување” на чувството на вина и нервоза кај семејствата.
Посочувајќи на својата мајка Морисет (89), додека седи во нејзината спална соба, Доминик вели: „Јас сега сум помирна, бидејќи знам дека таа го има својот мир и е безбедна”.
Исполнета со семејни фотографии, слики и семеен мебел, просторијата има голем прозорец со поглед на градината. Без одредено време за посета, луѓето доаѓаат и си одат кога сакаат.
Доминик може да ја посети својата мајка Морисет кога сака.
Доминик вели дека таа и нејзината сестра не очекувале грижата да биде толку добра.
„Кога ќе заминам од овде, чувствувам олеснување, не морам да се грижам бидејќи знам дека е на добро место. Кога ќе пристигнам, се чувствувам како да сум во нејзината куќа, како да сум дома со мајка ми”, вели таа.
Секоја од еднокатните дрвени куќи располага со околу осум станари, со заедничка кујна и соби за рекреација и јадење.
Иако жителите на населбата плаќаат одреден придонес, тековните трошоци, слични на просечниот дом за стари лица, главно ги покрива регионалната француска влада, која платила 22 милиони долари за изградба на селото. Кога првпат било отворено, во 2020 година, тоа било второ село од ваков тип и единственото што е составен дел од истражувачки проект.
Сè уште се смета дека има помалку од десетина вакви села во светот. Ваквиот тип на села го привлекоа вниманието на целиот свет, особено на оние кои бараат решение за предвидениот експоненцијален раст на деменција.
Патриша (65), која штотуку заврши со фенирањето, вели дека селото Ланде Алцхајмер ѝ ја вратило волјата за живот.
Патриша вели дека животот во нселбата ѝ изгледа како вистински живот.
„Пред да дојдам овде бев дома, но ми беше досадно. Бев уморна, не се чувствував добро. Знаев дека Алцхајмеровата болест е тешка и бев исплашена. Претходно имав жена која ми готвеше и ми помагаше со домашните работи. Но, сакав да бидам некаде каде што и јас можам да бидам активна и да помогнам. Во другите домови за нега е вака или онака, но таму не прават ништо, додека овде имате вистински живот. И кога велам вистински, навистина го мислам тоа”- вели таа.
Деменцијата премногу често знае да ги изолира луѓето. Но, се чини дека овде постои силно чувство за заедништво и луѓе кои се искрено заинтересирани да комуницираат едни со други и да учествуваат во различни активности. Во населбата има околу 120 жители и исто толку здравствени работници, заедно со уште неколкумина волонтери.
Истражувачите велат дека овој социјален елемент може да биде дел од клучот за посреќен и потенцијално поздрав живот со деменција. Постои, се разбира и суровата неизбежност, бидејќи за оваа болсест нема лек.
Но, кога болеста на жителите во населбата напредува, тие секогаш ја добиваат потребната поддршка. И иако ова можеби е зима во животот на овие луѓе, вработените веруваат дека таа пристигнува побавно и со поголема радост.
Силното чувство за заедништво може да биде клучот за успехот на населбата.
Извор: https://www.bbc.com